Како метафора за несреќниците што ги изгубија своите домови и татковини и ездат по мориња и копна низ светот како несреќни преселни птици, „Анторис“ и писателот Томислав Османли го објавуваат неговиот расказ „Птици“, кој беше дел од наградената книга „Парадоксикон“ (Рациново признаие за 2020).

- За жал, таа и онака актуелна тема добива ново продолжение, во горчливата авганистанска епизода. Преселни птици денес има безброј – вели Османли за „Анторис“.

ПТИЦИ


Сте забележале ли дека по патиштата има сѐ повеќе мртви птици? На асфалтот од главниот автопат пролетва е пронајдено цело јато од стотина безживотни ластовици кои не успеале да стигнат дури ни до камената капија што ја формираа две огромни карпи што климатски па дури и географски го двојат југот од северот на Полуостровов. Веста се крие за да не се вознемируваат граѓаните, особено помладата популација, дека на патот од југот настрадало цело едно јато „весници на пролетта“, без оглед што пролетта и без нив, онаква каква што доаѓа последниве години и децении - неочекувана, сива и несигурна - нема да стигне и на време. Во претходниот систем децата толку ги клукаа со поетскиот израз за птиците како весниците на пролетта, што и тие на своите деца им ја пренесоа таа слика, а некои од нив почнаа да си претставуваат дека тие пролетта ја влечат и нѝ ја донесуваат на некакви прозрачни воздушни кочии... Беа тоа романтични претстави пренесени од едно друго време исполнето со занеси, и прелажна, сепак невина наива; ова време е различно, прагматично, компетитивно и ефикасно, тоа е ера на информатика и на сѐ побројни, сѐ побрзи, и - парадоксално - на сѐ послични а едновремено и подалекусежни вести и информации...

Независно што тие се поттурнуваа на медиумските маргини или дури воопшто не се објавуваа, сѐ почестата појава на умртвени птици долж нашите патишта продолжи, дури и се зголеми. И тој, така да кажеме, феномен, не ги опфаќаше само асфалтните патишта. Еден загрижен средовечен поет кој работеше како новинар на својот портал објави дека дури дузина соколи безживотно лежат на јужната делница долж државната пруга, според повторени сведоштва на машиновозачите на инаку крајно проретчените и сосем скратени линии и прекинати мрежи од нашите национални железници. Потоа, насетувајќи тема за тревожна поема, поетот отиде и самиот да се увери во пренесената информација и со свои очи се увери во смртта на педесетина неендемски видови галеби, за кои му беше познато, дури и од објавите на некои наши угледни книжевници, дека понекогаш галеби знаат да заталкаат од јужните мориња сѐ до овде, до нашиот континентален главен град, па и уште посеверно, летајќи спротиводно по речниот коридор кој се влева во најблиското море... Тој ја објави информацијата на порталот за кој работеше, но таа (не се дозна од кои причини), набрзо беше избришана.

Денес се множат необјаснивите феномени со масовните усмртувања на птиците што, таинствено потсетувајќи на хичкоковиот трилер, во јавните извори и во официјалните публикации и медиуми не се објавува многу, освен по некој ред во темите за необични личности и појави на забавните рубрики кои, и покрај темата на мрвите птици, денес главно се именуваат „лајф“, „стил“ или „занимливости“. Независно од медиумскиот примолк, покрај извештаите кои ги добиваа високите финкционери, безбедносните службеници и новинарите од доверба кои располагаа со сертификат „државна тајна“, необичните појави на масовните угинувања на птици по нашите патишта им го сврте вниманието на вигилантните, секогаш будни меѓународни организации.

Се обрушуваа јата жерави, диви пајки и големи црногласи галеби и феноменот добиваше обриси на епидемија, необјаснива и затоа уште позагрижувачка, до толку повеќе што не се знаеше влијанието на појавата врз човечката популација. Европскиот институтот за нативна и мигрирачка орнитологија веќе редовно добива известувања за неочекуваните и зачестени умирања на разнородни птици на нашата територија при што изработува прецизни и стручно прилично вознемирувачки статистики врз основа на који надлежната дирекција на Унијата кон која се стремиме, изготви директива - за којашто, инаку, од нашата страна побара максимална дискреција - на нашите јужни, југоисточни и југозападни граници да кренеме високи огради или полувидливи прегради од електрични бодливи жици кои би требало да ги одбиваат истоштените птици од влегување на нашиот простор и од летање понатаму. Дискрецијата беше дури непотребна зашто, освен маргиналните организации за заштита на животинскиот свет, никој во суштина и посебно не се грижеше за прелетот на птиците и за нивните несреќни скончанија. Нив ги забележуваа граничарите кои испалуваа ќорци и светлечки ракети успевајќи мигум да ги уплашат, и само за кусо време да ги подвратат јатата што никој не знаеше од кои причини, масовно навлегуваа во нашиот воздушен простор и се урнуваа на нашата суверена територија.

И мистеријата ќе продолжеше, до колку оној средовечен и сѐ уште неповлијаен новинар и поет, искрено загрижен за судбината на птиците зашто сиот живот ги следеше, им се воодушевуваше, се фасцинираше од способноста да летаат и да бродат низ пространства, поради што ги поимаше како суштества од бајките во кои очовечени птици или луѓе претворени во летачи, маѓепсани лебеди и очовечени штркови летаа „над седум мориња и седум гори“... Сиот живот, покрај другите теми што го вдахновуваа, тој пишуваше песни за летот, сѐ  додека, сега, спреокупиран со судбината на птиците и заинтересиран за оваа тревожна поема што се случуваше во стварноста, не ја откри вистината, во еден свој сон.

Во тој негов сон јата разновидни птици прелетуваа над морска шир, а долу под нив пловеа огромни трговски бродови, патнички кораби, робустни танкери за превоз на нафта и прекуокеански бродови со голем број палуби исполнети со расположени патници и забрзан персонал, деца кои радосно цивкаа во бродските базени и полупијани туристи кои весело се довикуваа или меланхолично замолчени ѕуреа во морската далечина испивајќи ја кознае која по ред чаша шарени коктели или бурбон на мраз, од ол-инклузив понудата за повеќедневно медитранско крстарење. Некои повремено ќе ги забележеа големите јата што прелетуваа високо над нив, па држејќи си сенки со дланките ќе покажуваа на птиците не ги забележуваа, зашто со вратовети издолжените вратови и погледите вртенчени во далечите кои само ним им беа јасни, гледаа само напред во насоката на летот која ја насетуваа во некои нови дамари што ги чувствуава во своите растреперени тела. Перјето им го дуваа високите ветрови и здивот на Борејот им влегуваше во клуновите во кои тие носеа Зефири од своите роднокраи, а самите ездеа спроти изохипсите на Широката и на Маестралите кои, не многу пријателски, ги дочекуваа на тој необичен лет.

Ездеа на различни висини и од различни правци, во некои слични насоки, некаде на север, прелетуваа острови, некои, папсани, се спуштаа на нив, а останатите продолжуваа носени од некој порив кој се чинеше посилен и од наследениот инстикт. На небото се вкрстуваат најразновидни родови од млади птици: корморани и големи пеликани, евроазиски лопатарки со необични сплескани клунови, златни орли, белоглави пајки, виолетови и сиви чапји, морски јастреби, песочни еребици, азиски жерави, евроазиски грифони, црни штркови со јаркоцрвени клунови и исти такви, но привиени нозе, египетки гуски и црни ибиси со долги подвиени клунови, како излезени од митските цртежи и картуши на запустените палати и светилишата на древниот југ...  Сите тие кревки, неопитни во летот, непрекинато мавтаа со крилјата, им се спротивставуваа на ветровите наместо на им се препуштаат и брзо се заморуваа, не ездеа туку павкаа, се откронуваа од мавтање и како безумни веслачи на чамци, брзо заморувани, на крајот од силите, голем број од нив се суриваа, паѓаа удолу и пласнуваа во студените води на морето кое само слови дека е јужно, или губеа свест без да почувствуваат дека треснуват на штотуку досегнатото копно, пред, поиздржливите досегнуваа и на нашето тло, а најсилните продолжуваа натаму, летаа далеку кон северните предели на континентот, онаму кадешто им беа втренчени погледите од самиот почеток на саштисаниот грозничав лет.

Тогаш истиот сон младиот сонувач го пренесе спротивно од наскоката на летот на несреќните птици кои умираа во други води и на туѓи тла. И тој виде дека тие полетуваа од просторите на некои стари предели во кои земјата гореше од жештини, а градовите, ако и постоеа одамна претворени во прав и урнатини, се жареа и палеа, а оттаму деца, момчаци и девојчиња, трчаа кон морската шир и наеднаш, кога ќе дојдеа до прикрајокот од брегот на кој татнеше, пукаше и прскаше пламен на сите страни, добиваа крилја, и во тој безглав а спасоносен трк, од деца и момчиња и девојки, припадници на различен народ се претвораа во птици од различен род и, добиваа крилја, кои ги ширеа и потоа полетуваа од запаленото, пламнато и опасно тло, фрмирајќи свои јата кои, помали или поголеми, полетуваа, се крева и се отиснуваа напуштајќи го пеколот што пламтеше и бревташе и бувташе зад нив...


      Во сонот на сонувачот и поетот на летот, и во неговата подоцна напишана поема - објавена во стотина примероци, во колку, впрочем, денес во овие прозаични времиња се објавуваат поетските книги со навозвишените стихови и за најтревожните теми и поводи - децата не престануваа да се претвораат во упалшени, загрижени, неискусно распафтани, панично распрпелкани птици, неопитно да се отиснуваат во спасоносен лет, и да прелетуваат негостољубиви висини, пространства и предели. Како што, при обидите за спасоносни одлетувања од нивните завојувани, пламнати и разорени пребивалишта, тие не престануваа и да умираат... останувајќи чиста екологистичка вест во рубриките „лајф“, „стил“ и „занимливости“, или гол податок во доверливите извештаи на мигранивните орнитолошки институти и низ извештаите со сертификат „доверливо“ на државите кајшто се сурнуваат летачи од други простори. Како што веќе бидувале, а би можеле уште колку утре, одново да станат и овие предели, пословично гостољубиви за домашните, за преселните и за присилно иселени птици. Овие предели кои се стари домицили на бели човеколики штркови вгнездени во сказовите и во соништата на овдешниве луѓе.


(Расказ од книгата  „ПараδΩξicoN“ /„Парадоксикон“,
„ВиГ Зеница“, Скопје, 2020)