
Денес се навршуваат 28 години од смртта на Блаже Конески, а на 19 декември - 100-те години од раѓањето на овој наш великан. На тој начин целиот декември е всушност месец на Конески, особено во светлината на неговиот едновековен јубилеј од раѓањето.
Ова го напиша македонскиот писател Томислав Османли, во чест на великанот Конески. Во спомен на човекот кој толку многу направи за македонскиот јазик, литература и книжевност, пренесуваме дел од поемата „Бдеења Блажеви“ на Османли.
***
ВО ЧЕСТ НА ПРВОТО СТОЛЕТИЕ НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ
(Небрегово, 19 декември 1921 - 7 декември 1993, Скопје)
ОДЛОМКА ОД ПОЕТСКАТА КНИГА „БДЕЕЊА БЛАЖЕВИ“
со поднаслов „Пеења до потомците“, изд. „ВиГ ЗЕНИЦА“, СКОПЈЕ, ФЕВРУАРИ 2021 (стр. 56)
(...)
9.
Кога ќе осамне?
Кој ќе го раздвижи небото над Македонија?
Кој ќе ги натера ѕвездите одново да проговорат на македонски
и на сите други јазици во земјава благословени
а ние да глаголиме со нив за благородната иднина
како Луѓе, не како припадници на племиња меѓусебно условени.
Ќе осамне ли конечно?
Каде се мугрите на Кочо? Каде се моите лирични дела?
Зошто денес се пеат само моите најтажни песни
и зошто земјава, општо, главно на тага се свела?
Кого треба повторно громогласно
да го потсетуваме
дека остануваме од дамнини тука,
и дека нема
наново и наново
да се измислуваме!
Разбудете се од сонот овоземен
отворете очи ширум
и грмнете
за да не излезе дека
залудно се разбудив
и бдејам во испоскршениов дом
та дека, место мене -
вие сте заспале со вечен сон
во јазикот
кој останува најскапата половина
од целоста
на нашата татковина.
Завеваат снегови сенишно бели
насегде владее зимскиот молк
- и копнежот по пределите врели
со сјајот на водјето
со родот на лозјето
по бериќетот на летото
останува тука да блуди...
А сега студи.
Студи луто,
до душа, до коски
до млекото што секне
во мајчински боски.
Разбуден сум сега во вас.
Да заспијам веќе нема
и ќе копнеам по спокојот на вечниот сон,
сѐ дур од јавето,
сонот некој, Потомче, ти го зема...
Ако пак среќа нова нѐ стрефи
ака сонцето повтор, топло почне да свети
на патот далечен
пак ќе се дадам,
и радосен ќе се вратам во вечниот спокој
во себе тивка песна ќе пејам
ќе запрам за секојпат
повтор да бдејам.
Е, тогаш, Потомче,
пристапи тивко до могилава мала
и истури малку,
колку за душа,
од моето омилено вино.
Блаже, речи,
на душава,
има зошто душа да ѐ!...
Но, до тогаш, сред ноќнава мора
ќе ме мачи една јанѕа:
сѐ уште не знам
дали Македонија наедно
не прекинува да нѐ сонува,
секого од нас посебно
- и сите одново заедно.
Дали татковината
го сонува
моево бдеење,
твоите мечти,
нашите надежи вечни,
твоето радосно смеење,
нашите градови
сега ошутени, валкани и сиви
но сепак, нашите предели сѐ уште неначнати и свидни,
лозјата родни,
планините водни,
врвовите вишни,
љубовите страсни и оние скришни,
нашите изгрејсонца,
сончевините нови врз нашите ниви,
нашето макотрпно сеење
нашите дела,
ова неспокојно бдеење,
и моево бунтовно
а тажно пеење...
И над сѐ
да узнаам сакам
дали Македонија сега
те сонува тебе,
Потомче мил, сине мој сакан,
тебе што ти е тегобно
та од тука ти се бега
и дали татковинава
нѐ мисли
во своите иднини свидни
сите нас собрани заедно:
тебе, твоите потомци,
нашите претци видни,
нашите песни дивни;
и дали
татковината
овој јазик и убавината
ќе ме мислат и мене
во иднината?