Грозано, несфатливо,, несфарливо, одвратно звучат информациите дека владата има 50 тина советници за кои секој месец плаќа по над 20 илјади евра и покрај сите министерства, министри, служби, агенции, заводи, уреди, канцеларии, скриени дупки во кои ги крие своите штитеници по кој знае која основа, дали професионална, политичка или љубовна.      

Ако го погледнете списокот на владините советници, веданш ќе ги препознаете измислените „функции“ како на пример:

·        Соработник за комуникации и односи со јавноста за добро владеење.

·        Соработник за комуникации поврзани со општествени дејности и јавни политики

·        Соработник за комуникации и односи со јавноста за граѓански прашања и политики

·        Соработник и уредување медиумски комуникации (на ова советничко место има дури 2 лица кои земаат месечен надомест од 55 илјади и 268 денари)

·        Соработник за протоколарни активности со плата од 55 илади и 268 денари итн.

 

Само ако ги споредите соработниците за комуникации, ќе видите дека тоа се истите или слични називи за портпаролите по министерствата, па така тоа укажува на удвојување на тие кадри, кои никогаш и никаде не можете да ги најдете, да им побарате информација, ниту пак некој ги знае по фаца.

Се забележува дека поеминентни имиња, докажани во  својата струка се надворешни соработници, (што е во ред, бидејќи целата памет не може да се собере во владата), а земаат месечен надомест од 36 илјади денари (600) евра, значи двојно помалку од тие што се „внатре“, за кои пошироката јавност нема никаков увид во нивните претходни професионални дострели, ниту пак некој слушнал за нив. Исто така паѓа в очи присуството на таа листа на поранешен или сегашен лидер на партија (бог ќе го знае веќе што е) во функција на советник за странски инвестиции. Веќе никој не знае да каже колку луѓе и институции ја имаат истата таа „титула“, а во приливот на странски инвестици сме последни во регионот.

Дали навистина и се потеребни сите овие измислени „функции“ (штом се во владата значи се функции) на реформската влада? Одговорот е „не“! Тие се товар, непотребен трошок, растурање пари во земја чија сиромаштија е една од најголемите во светот. Ако земеме предвид дека во трошоците за еден вработен или „калпазан“ обесен на буџетот не спаѓаат само трошоците за плата, туку сите други погодности што ги користи еден или сите заедно: возење со службени возила, трошоци за затоплување на просториите, за мобилни телефони, амортизација на мебелот и нов мебел во канцелариите, кафиња-мафиња… од таа сума ќе ни се сврти во главата.  

Граѓаните се згрозени од овој податок, од спротивноста во секојдневните убедувања дека владата прави се за да им помогне на малите и на средните бизниси да ја преживеат актуелнава криза, а во своите пазуви крие јато штитеници, чија работа воопшто не е видлива. Добро, нека работат, ако има потреба и нека земаат голема плата, ама зошто тогаш владата не излезе со податоци од нивната продуктивност, па јавноста да види дали ги заработиле, дали нивниот труд е некаде инкорпориран во решавање на големите сериозни прашања и пробелми со кои се соочува земјава. И тоа не само на политички план, на економкси, на социјален, на културен…

Стручњаците за државна администрација велат дека за реформа на администрацијата, која брои над 130 илјади души, потебна е политичка војла за да почне да се намалува и тоа нема да трае ден-два, туку можеби две децении, откако политичките субјекти што ја јаваат државава ќе се договорат да ја реформираат, со други зборови да не примаат партиски дибеци, туку демек да се бараат соодветни кадри за вистински работни места. Ако е потеребна политичка волја, тоа значи дека економските законитости, потреби и принципи, свесно се суспендирани, заменети со легална државна корупција, дека попусто се економските мерки, фискалната политка,  која мора да се усогласи со партиската, со партиските ветувања - која колку ќе пикне во канцелариите во кои е многу потопло отколку на градилиштата, во рудниците, во магацините, во ендеците, во шахтите, на нивите, за да пијат кафе во неограниени количини и да пушат и покрај забраната за пушење и покрај европскит манир за непушење во затворени простории. Значи, расходната страна на буџетот мора да ги задоволи потребите на бирократите (не сите буџетари ги ставаме во бирократски контекст), без разлика на успешноста на приходната страна на тој наш заеднички буџет. Сите тие на 1ви мораат да земат плата, ако не - ќе излезат на протести.

Нушиќевски комично звучат прес-конференциите на сите министри кои се фалат со зафатите во економската сфера во споредба со списокот на советници за се’ и сешто. Сите реформски „успеси и ефекти“ се уриваат како бранови од карпа кога ќе се прими информацијата за привилегирано-згрижените без вистински потреба, наспороти секојдневната мака на граѓаните чија прва грижа од рано наутро им е како да го помине денот, а многумина и не успеваат во таа, колку деца остамнуваат без дневната задолжителна доза млеко што треба да ја испијат за правилен развој.

Веќе ни стана здодевно секојдневно да ја потсетуваме владата дека една од обврски во преговорите со Унијата е намалување на администрацијата што е синоним за корупција. Таа се фали дека триумфалниот влез на земјава ќе се случи до 2030 година, но и ова тврдење звучи бирократско, со оглед на состојбата и на можната брзина со која се решаваат зададените задачи од нашите европски ментори.