„Агридрон“ од Штип во сопственост на Денис Пеев е пионер во користење на беспилотни летала за земјоделски услуги. Компанијата веќе три години активно се занимава со користење на овие иновативни технологии во земјоделството, и првa компанија која располага со повеќе дронови за потребите на земјоделците во Македонија. Пеев во разговор за Анторис објаснува за какви дронови се работи?, Колку време е потребно да се совлада техниката на управување со овие беспилотни летала?, Каков е интересот на земјоделците за користење на овие услуги со оглед на тоа што земјоделските површини се многу расцепкани.

„Извршувањето на земјоделски услуги со беспилотни летала се наменети за големи површини во земјава. Практично „Агридрон“ е присутен таму каде што работата не може да се заврши со конвенционална механизација. И што е најважно, цените на нашите услуги се пониски отколку цените на конвенционалната механизација. Услугата чини од 1000 до 6000 денари по хектар, во зависност од количината, начинот на третирање, површината која се опрашува, количеството на вода и колку и во какви услови се третира“. Вака ја опишува услугата со оваа иновативна постапка за третирање на земјоделските полиња, Пеев од „Агридрон“ (во сопственост на Фотомак биг принт дооел Штип).
Тој објаснува дека третираат оризови насади, сите видови на житни култури, пченка, пченица, јачмен. Годинава и претходната третирале и тутун, како и пиперка, домат, раноградинарски производи, овошје, зеленчук, бостан. Факт е дека беспилотните летала кои се користат за заштита на растенијата ја зголемуваат продуктивноста и приносот на културите во земјоделската индустрија, пред сѐ поради порамномерно искористување на средствата.
Аграрните дронови ги намалуваат трошоците
Дроновите што ги користат се од брендот Ди џи ај (DJI)-светски најпознати аграрни дронови кои се користат исклучиво во земјоделството за ѓубрење, сеење и прскање со пестициди, хербициди итн. „Агридрон“ покрај што нуди услуги за земјоделските површини е застапник за овие дронови во Македонија.

Моментно компанијата располага со три земјоделски дронови, кои работат автономно. Едниот од нив е со носивост од 20 литри и тежина од 25 килограми и е наменет за ѓубривата во гранулати. Другиот има носивост од 30 литри и максимален капацитет од 40 килограми. Најголемиот е со капацитет од 50 литри и товар од 60 килограми. Прскалките коишто се инсталирани на дронот се оптимизирани за прскање со ефективност во аплицирање на ширина од 4-9 метри. Дронот во основа има пречник од 2,5 метри, па затоа до одредената локација се носат со превозно средство.
Дроновите се кинески, но оваа марка, како што вели нашиот соговорник е светски најпозната и е врв во индустријата на дроновите. Реално не се ниту евтини -цената се движи од 20 000 евра па нагоре. Кога е во прашање трајноста за исправност на дроновите, Пеев нагласува дека секој дрон го купуваат со резервни делови. Сервисните услуги се извршуваат во Бугарија и Грција...
Меѓутоа Пеев вели дека проблемот не е во тоа дали можат да се набават, туку во тоа што кај нас сѐ уште не се јасно дефинирани регулативите околу толкувањето на Законот за царина. Тој објаснува дека кај нас постојат два начини на пресметување на царина. Според едниот, царината изнесува седум проценти, додека вториот е 13 проценти. Па така, иако овие дронови можат да се користат исклучиво во земјоделство, а сите земјоделски средства се ослободени од царина, тие плаќаат 13 проценти царина и 18 проценти ДДВ, - што значи сме непотребно оптоварени. Меѓутоа, верувам дека во иднина ќе се најде начин да се реши и овој проблем.
Обучен тим за да се избегне секаков ризик
Пеев објаснува дека иако по вокација е професионален фотограф, тој веќе 15 години лета дронови...Обуката ја поминал делумно во Бугарија и дел овде во Македонија, особено голема поддршка добил од штипската компанија „Римин eр“- приватна авиокомпанија, која располага со професионални пилоти.
Според нашиот соговорник за да се управува дрон од ваков калибар потребна е минимум двонеделна обука, меѓутоа важно е да се знае дека постои ризик од повредување при нивното користење. Поради тоа внимаваат дроновите да ги користат исклучиво на голем чист простор, односно да не ги летаат на места каде има собир на луѓе, или каде има витални објекти. А, за да се избегнат несакани последици односно каков било ризик, секое полетување навреме го најавуваат.
„Сериозноста на работата ја сваќаме до таму што секогаш на терен излегуваме со тим во состав на пилот, хемичар, и организатор така што професионално одговараме на услугата за која сме одговорни. Еден се грижи стриктно за препаратите-земјоделски инженер, јас ги давам параметрите за летање, а платформите ги лета пилот кој исклучивор го интересира летањето и условите под кои ќе лета дронот. Инаку засега во Агридрон со трите дронови работат четири пилоти и двајца техничари.“
„Висината на аплицирање зависи од самото растение во која фаза се наоѓа, условите под кои летаме, вели Пеев, а најчесто летаме на три метри висина од почвата. Како што веќе реков, дронот го носиме до локацијата и може да го дигнеме и на 50 метри за да полета, па го спуштаме на три метри да се реализира потребната услуга.“
Тој објаснува дека летаат на далечина и од 1000 метри од нивата која треба да се третира. Дронот е беспрекорно прецизен до милиметар, па потрошувачката зависи од начинот на летање, ветерот, надворешните околности, товарот што го носи и маршрутата која ќе ја лета. Имајќи го предвид нашето искуство, точно знаеме и одредуваме каде летаме дури и на површини од над 2000 метра. Во секој случај настојуваме тоа да е видно поле.
Интерес или скептицизам кај земјоделците
Најголем проблем е тоа, што земјоделските површини се многу расцепкани. Има интерес но и скептицизам, особено кај повозрасната генерација, но помладите земјоделци се повеќе ја користат оваа услуга и реално кажано имаме доволно клиенти, кои веќе традиционалните начини на третирање ги забораваат...
Поминавме низ тежок период додека земјоделците не ја увидоа разликата меѓу конвенционалното и третирањето со примена на нови иновативни средства. Многу е важно првиот пат да ја видат предноста на ваквиот начин на третирање на земјоделските површини- помали количества на заштитни препарати,а поголем и поздрав род. Не постои земјоделец кој еднаш користел наша услуга да не нѐ повика по втор пат.
Секако, начинот и пристапот што ние го користиме се разликува од другите. Ние не носиме хемија за третирање, но се грижиме да третираме со најисправна заштита на растенија. Дури имаме многу предност кај клиентите за препораките што ги даваме за аплицирање со органско ѓубриво од нашите партнери и пријатели „Орган лајф“, кои произведуваат органско ѓубриво од калифорниски глисти... Секогаш сакаме да бидеме сигурни дали ќе третираме со добри препарати, бидејќи го знаеме ефектот.
Бенефитот од дроновите е многу голем, особено во сеењето на оризовите полиња...И да не бидам скромен, ние сме први кои почнаа да сејат ориз со дронови.
Најголемата површина со ориз е 30 декари тоа е мала површина, а еден индивидуален земјоделец има 150 декари ориз но на расцепкани мали површини – што е најлошо и најисцрпувачко за нас. Инаку, со употреба на дроновите се намалува употребата на ѓубрива, поради ниските летови и рамномерно распрскување, што придонесува за зголемување на приносот.

Пеев вели дека иако сме на почеток, битно е дека со дроновите сме пред Хрватите – први донесовме. Кога го однесов дронот на регистрација во Агенцијата за воздухопловство во Македонија, беше присутен директорот на Хрватската воздухопловна агенција, кој призна дека ние Македонците сме пред нив“.
Нашиот соговорник им порачува на земјоделците да не бидат скептични и пред да се одлучат за овие иновативни услуги да прашаат некого што веќе применувал ваков начин на сеење или заштита на посевите, овошките, зеленчукот. . „Обично препораките ги даваат нашите корисници- колку е добро извршена операцијата на третирање. Благодарение на нивните препораки веќе имаме работа низ цела Македонија“, уверува Пеев.