Триесетгодишнината од германско-македонските односи вчера беше повод да се покаже што прави Германија за да го помогне одржливиот развој на Македонија, додека се соочува со тешка енергетска криза и секојдневен раст на цените на храната. По тој повод, во организација на Германската банка за развој (КфВ) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), со поддршка од Амбасадата на Сојузна Република Германија беше организиран целодневен настан за новинари и медиумски работници на кој беа презентирани дел од успешните реализирани проекти.

Ветерниот парк во Богданци eден од најзначајните проекти на КфВ
Во рамки на настанот прво беше посетен ветерниот парк во Богданци eден од најзначајните проекти кои КфВ ги има поддржано, а во сопственост на АД ЕСМ што е оперативен од 2014 година, но деновиве се подготвува негово проширување.
Според преставник на ЕСМ, подготовките за втората фаза се во тек и во моментов тече тендерската процедура за избор на изведувач, така што изградбата на новите три ветерници со поголем капацитет од сегашните се очекува да почне идната година. За оваа цел КФВ банката обезбеди дополнителни 18 милиони евра, а кога ќе станат функционални новите ветерници ќе се достигне производство на енергија од 160 гигавати на час. Во моментов постоечките 16 исталирани турбини обезбедуваат струја за 16 000 домаќинства, а со новите турбини се очекува овој број да се зголеми, односно на помал град во Македонија.
Покрај изградбата на ветерниците, интересно е што според испитувањето од германски експерти, во Македонија има неколку региони во кои може да се произведува обновлива енергија од ветер и генерално има голем потенцијал за тоа, наспроти досегашната фoкусираност и зависност само од хидроцентралите и термоелектраните, за кои годинава недостига вода, а горивата се прескапи.
Преставникот на КФВ банката, Морис Реме е особено горд на овој проект во Македонија, нарекувајќи го „специјален“. Според неговата оценка, ова не само што е прв ветерен парк во Македонија и прв во регионот, туку на терен покажува дека е можно во нашата држава да се обезбедува струја на ваков начин, надевајќи се дека овој позитивен пример ќе го следат и други приватни инвеститори. Според информациите од ЕСМ во моментов се во завршна фаза поставувањата на нови ветерници од приватници, но сѐ уште не е активна ниту една.
Македонскиот енергетски систем „датира од минатиот век“
Според проценките на германската развојна агенција ГИЗ и КФВ банката, многу од нашите хидроелектрани се застарени, додека енергетскиот систем во целина „датира од минатиот век“, од 70-тите, така што „енергетската инфраструктура делумно е во лоша состојба, снабдувањето со струја не е ефикасно и нема доволно пари за нејзина модернизација“. Затоа, откако во 2018 година КФВ банката го стави фокусот на климатските промени, почнати се или се подготвуваат повеќе проекти да се поправи оваа состојба.

Досега, освен изградбата на ветерниот парк, германската развојна банка КФВ обезбеди средства за модернизација на шест хидроцентрали со што значајно е зголемена нивната производствена моќ, а во тек е втората фаза во која ќе се модернизираат уште шест. Исто така, топлинската енергија од РЕК „Битола“ ќе се поврзе во систем за централно греење за Битола, која сега е меѓу најзагадените градови во државата, бидејќи нема организирано централно греење. Планирано е и инсталирање на фотоволтаици во близина на РЕК, трета фаза на негова рехабилитација и финансирање на изградба на фотоволтаични плантажи и други ветерни паркови со заеднички инсталиран капацитет од 200 мегавати.
Меѓу проектите е и реновирањето на сите државни студентски домови во Македонија до ниво да станат „нула потрошувачи“ на енергија, а сѐ со цел да се помогне енергетската транзиција на државата кон чиста енергија, а не само да се обезбеди дополнителна струја.
Овој концепт на ГИЗ, предводен од директорот Давид Оберхубер, и на КфВ за справување со климатските промени го вклучува и проектот за наводнување на Валандовското поле, кој ќе се прошири и во други делови од државата. Како што соопштија германските претставници, Македонија зацртала како цел да инсталира модерен систем за наводнување на 250.000 хектари во наредните 15-20 години, а КФВ ја поддржува оваа цел од 2001 година. Сега фокусот е на регионите околу долниот тек на Вардар како најповолен регион за земјоделско производство. Тие уште еднаш нагласија дека Валандовското поле, од каде почна проектот, има најповолна клима, а со тоа услови дури за три реколти земјоделско производство, така што со системот за наводнување се обезбедува да има вода. Целта е да се изгради сеопфатен систем на наводнување во наредните пет години, така што Македонија ќе биде подготвена да произведува повеќе храна.
Проекти поддржани од ГИЗ во ВВ „Тиквеш“
Во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци каде се одржа кратка панел дискусија за поддршката и развојот на руралните подрачја и за проектите поддржани од ГИЗ. За време на дискусијата се обрати и директорот на ГИЗ во Северна Македонија, г. Давид Оберхубер кој истакна дека во моментов Германија преку ГИЗ поддржува повеќе од 15 проекти во Северна Македонија и регионот кои се фокусирани нa добро владеење и демократија, животна средина и климатски промени, и економски развој и вработување.
Беа претставени проекти на Националната мрежа за рурален развој поддржани од ГИЗ. Извршено е мапирање на сите „зелени“ компании во Западен Балкан, со кое Националната федерација на фармери помага да се зголеми женското учество и сопственишто во земјоделските стопанства, во кое сега има само пет отсто жени – сопственици на имот во руралните средини. Со финансиска помош од ГИЗ, создадена и онлајн платформа со која малите земјоделци своите производи ќе ги пласираат ирекно до крајните купувачи.
Од страна на здружението „Слоу фуд“, поддржано од ГИЗ, изготвена е мапа на гостилници во Макдеднија во кои се нуди автентично зготвена храна од традиционалната македонска кујна.
Со поддршка на ГИЗ во моментов се работи на проектот за препознавање на македонското вино во светот според географското потекло и винските региони во земјата. Од најголемата винарија „Тиквеш“ посочија дека иако добиваат медали за квалитет на светски реномирани саеми за вино, тоа не се рефлектира на географската претпознатливост на нашите вина.
На самиот крај амбасадорката Холштајн ги покани претставниците на медиумите, како и сите заинтересирани граѓани да го посетат отворениот настан на 17 септември, кој ќе се одржи во градскиот парк во Скопје од 12:00 до 16:00 часот. За време на настанот амбасадата на Сојузна Република Германија и останатите германски организации ќе ја претстават својата работа и проекти со цел да се одбележи 30 годишнината од германско-македонската соработка.
