Појадок, ручек, вечера, ужини и сè што можете да замислите. Прејадување и фрлање храна. Турција сега сериозно размислува за ограничување на „шведската маса“во хотелите и рестораните.
Од бурек до супи, од тестенини, хумус и разни сосови до месо и риба, од лубеница до колачи... Секој што некогаш бил на одмор во Турција знае колку може да биде разновидно менито за појадок, особено во популарните туристички области.

Хотелите се свесни колку може да биде привлечна оваа разновидност, па затоа ги украсуваат своите веб-страници со фотографии од ресторанските маси за да ги убедат потенцијалните гости во своите кулинарски вештини.
Многумина затоа се одлучуваат за пакети „сè вклучено“, каде што јадења за сечиј вкус и возраст се нудат речиси континуирано. Ова е особено привлечно за семејствата.
Меѓутоа, за многу гости „шведската маса“ станува мала авантура - тие сакаат да пробаат што е можно повеќе, полнејќи ги своите чинии повеќе пати. Но, голем дел од избраната храна, не ја јадат, па завршува во ѓубре.
Турските дневни весници сега објавуваат дека советниците на претседателот сакаат подетално да ги разгледаат бифеите во рестораните и хотелите. Како членови на Советот за земјоделство и храна, тие планираат концепт за намалување на отпадот од храна во наредните месеци.
Над сто килограми по лице
Околу 8,7 милиони тони храна се фрлаат во Турција секоја година. Оваа бројка доаѓа од најновиот извештај на провладината „Фондација за спречување на отпад“ (TISVA), која се потпира на податоци од Програмата на ОН за животна средина.
Според TISVA, намалувањето на отпадот за само два проценти би било доволно за да им се обезбеди на 360.000 семејства основна храна за целата година.
Популарен појадок од околу 20 чинии
Отпадот во секојдневниот живот е особено забележлив: просечното лице во Турција фрла 102 килограми храна годишно - огромна количина за земја која со години се бори со економски проблеми и висока инфлација.
Рамзан Бингол, член на Советот за земјоделство и храна на Претседателството, е особено критичен кон сè попопуларниот концепт за појадок познат како „Serpme Kahvaltı“. На секој гостин му се служат од 15 до 20 чинии сирење, колбаси, џем, мед, кајмак, путер и кисел зеленчук.
Заедно со ова доаѓаат тави со помфрит, бурек, јајца и регионални специјалитети. Масата брзо се полни толку многу што едвај има место за чинија.
Се разгледуваат нови концепти за појадок
Бингол, кој е и претседател на Здружението на угостителски и туристички објекти (TÜRES) е остар критичар на овој концепт. Според него, половина од послужените јадења завршуваат во ѓубре, па затоа понудата треба да се регулира.
Бингол верува дека хотелите треба да се префрлат од самопослужување на à-la-carte понуди.
Во иднина, секој гостин треба да може да си направи свој Серпме појадок од достапните производи. „Дијабетичар не може да јаде три или четири чинии џем. Сепак, тие автоматски се послужуваат - и завршуваат во ѓубре“, вели Бингол.
Тој, исто така, повикува на поголема флексибилност во наплатата во рестораните. Во моментов, задолжително е да се плаќа по лице, па затоа количината на послужена храна треба да се базира на таа логика. Три лица би можеле да бидат нахранети со појадок за двајца - и би имало значително помалку отпад.
За Бингол, не станува збор само за храна, туку и за суровини, енергија, работно време и штета на животната средина. Затоа, како што нагласува тој, ова прашање е прашање на национална безбедност.
Ол инклузив хотелите под лупа
Хотелските шведски маси исто така ќе бидат предмет на лупа. Бингол верува дека хотелите треба да се префрлат од самопослужување на понуди à-la-carte. На овој начин, гостите би избирале што и колку сакаат да јадат.
И покрај фактот дека хотелите се цел на напади, најголемите придонесувачи за отпадот од храна се, според официјалните бројки, приватните домаќинства ширум светот.
Тие се одговорни за околу 60 проценти од отпадот. Останатите 40 проценти доаѓаат од секторите за услуги и малопродажба. Ова важи и за Турција.
Според различни извештаи, советниците на турскиот претседател, како што е Бингол, сакаат нацрт-закон што ќе му го презентираат на претседателот Ердоган. Дали ова ќе доведе до донесување закон, сè уште не е познато.
Самото објавување на планот веќе привлече внимание во Русија и Германија, од каде доаѓаат повеќето туристи во Турција, како и во Велика Британија.
Здружението на руски туристички агенции (ATOR) реагираше брзо и јасно: ова се само предлози од Бингол, член на советодавното тело без специфични овластувања. Хотелите можат слободно да креираат свои понуди за гостите, пренесуваат турските дневни медиуми.
ATOR, исто така, укажува на конфликт на интереси во изјавите на Бингол: тој е и претседател на Здружението на хотелиери и угостителски објекти (TÜRES).
Угостителските објекти имаат помалку гости, додека хотелите нудат дарежливи пакети. Покрај тоа, според ATOR, министерот за туризам Мехмет Ерсој е сопственик на неколку големи и меѓународно признати хотели кои работат според ултра-ол-инклузив систем. Би било наивно да се верува дека тој ќе го укине, додава ATOR.
Според податоците од претседателскиот кабинет, приходите во туристичкиот сектор во 2024 година се зголемиле за 8,3 проценти и изнесувале повеќе од 61 милијарда американски долари.
Со 9,6 милиони, најголемиот број меѓународни посетители биле луѓе од турско потекло од странство. Потоа следувале 6,7 милиони туристи од Русија, 6,6 милиони ид Германија и 4,4 милиони од Обединетото Кралство.