Да бидам искрен, самиот концепт на српскиот избор за Песна на Евровизија, две полуфинални и една финална вечер, каде ќе бидат исполнети 36 композиции, на „прва топка“ ми изгледаше како непотребна и мошне досадна музичка одисеја.

Сега, кога сите нешта се познати, сфаќам дека РТС понуди 10-на часа квалитетна забава.

Иако, ни тогаш, а ни сега воопшто не ми беше јасно како во изборот може да се најдат веќе пеени песни („Пожури, пожури“ на Марија Мирковиќ дури беше и Хит на неделата на Анторис радио), тоа, од оваа перспектива веќе и не е важно.

Голема победа на аутсајдерот


Објективно, српскиот Избор за Песна на Евровизија предизвика регионален земјотрес, а коментарите од типот: „Мене не ми треба ‘голема’ Евровизија – ова ми е сосема доволно“, какви што можеа да се забележат на социјалните мрежи кај нас, доволно укажува на ефектот кој го постигна српскиот национален ТВ сервис во регионот. Десет од десет!

Особено во периодот во кој општеството се наоѓа во расчекор, меѓу пандемија во заминување, војна во најава и длабока економска криза која уште повеќе ги продупчи, и онака празните џебови...

Секако, дека крајот делото го краси потврдува и тотално неочекуваниот победник во Изборот – Констракта, која пред оваа музичка манифестација беше тотален аутсајдер кога се зборуваше за некаков триумф.

За победници одамна беа прогласувани Сара Јо и/или Аца Лукас, чиј порно-поп и/ или просечна балада, кои ги понудија, сепак не кореспондираа со севкупниот музички вкус на Србите.

[embed]https://www.youtube.com/watch?v=wLAYRJv6nQc[/embed]

Уметницата треба да биде здрава...


Констракта со „In Corpore Sano“ за 24 часа го залуде Балканот. Публиката во Србија во големо мнозинство ги искажа симпатиите за нејзината песна, со напомена дека во финалето беа пристигнати 140.000 СМС пораки, а преносот на ЈуТјуб го следеа над 400.000 фанови. А, кога на тоа ќе се додадат милион и пол гледачи во Србија, и уште многу, многу, во регионот, Европа и светот...
И, кога од жирито, во кое од пет члена, барем троица се личности со огромен музички кредибилитет (Драгољуб Илиќ, Слободан Марковиќ и Неда Украден), ќе добиете три 12-ки, победата е чиста, како солза.

Но, ова по многу нешта, исто така е голема победа и на Србија, како и на Констракта, бидејќи музичкиот вкус кој го промовираше во својот Евровизиски избор, ги надмина балканските стереотипи. Кога сите очекуваа, турбо, порно-поп...,
Оп... Нешто сосема поинакво.

„In Corpore Sano“ е нетипична евровизиска песна, но тоа сосема кореспондира со реалноста. Кога во 2006-та во Атина победија финските Лорди, со „Hard Rock Hallelujah“, ѓаволот ја однел шегата. Помина времето на милозвучни шлагери, срцепарателни „верси и ноти“... Новото време ги донесе и новите правила – песната веќе не е во прв план!

Тогаш во Атина првите луѓе на Евровизија беа воодушевени, бидејќи фестивалот, кој го носеше префиксот „шлагер“, со еден поинаков избор и се доближи на младата публика, на која треба да го оставиме светот, нели!?

Затоа коментарите дека Ана Ѓуриќ, или Констракта, со својата песна за здравствениот статус, како да е на преглед кај матичен, е толку блиска на она што пред 40 години го правеа Шарло Акробата, или, дури и пред нив легендарните Булдожер, се најдобра можна препорака за девојката...

Уметницата е... присутна!


Како и да е, пејачката родена 1978 година, која алтернативната регионална сцена ја знае и како членка на групата Земља грува, по професија е архитект, без здравствена книшка, и... Управничка на стамбена заедница.

Ќе успее ли да создаде место за себе, за да ја запаметат во Торино, останува да видиме.

За крај, не можам, а да не спомнам дека настапот, пораката и целата приказна на Констракта, неодоливо ме потсеќа на она што го работи светската Кралица на перформансот – Марина Абрамовиќ.

И, додека Констракта порачува дека „Уметницата треба да биде здрава“, Абрамовиќ во њујоршката МоМа имаше перформансот со наслов „Уметникот е присутен“.

Во Торино во мај тековната година, Констракта ќе ги мие рацете на сцената, како што Марина Абрамовиќ во 1997-ма во перформансот „Балкански барок“ ги миеше крвавите коски.

Овој пат, Констракта ќе настапи под знамето на Србија, за разлика од Абрамовиќ, која тогашната заедница Србија и Црна Гора одби да ја спонзорира, па до престижниот „Златен лав“ дојде по подолгиот пат, како независен уметник, без припадност на некоја земја или нација. Слободна и своја!

Важно е дека и тогаш, и сега, ТОЈ, УМЕТНИКОТ, е тука. Жив, и здрав, со или без здравствена заштита.

Иван Беќковиќ