
Незабележано, можеби и намерно, кај нас помина неодмана објавената вест дека албанскиот лек достигна највисока вредност во однос на еврото во својата историја на валутата, па и на земјата. Ако се гледа од другата страна, тоа значи дека европска валута, еврото, го допрела историскиот минимум во размената со албанската валута „лек“. Според официјалните податоци на Централната банка на Албанија, едно евро деновиве се менува за 94,3 леки, што е најниско ниво досега.
Од почетокот на годинава, вредноста на еврото се намалила за 2,6 насто во однос на албанскиот лек, додека, во споредба со истиот период минатата година, за 3,8 проценти.
Секојдневно слушаме дека некој од нашите комшии не престигнал во нешто, вслушност поминал покрај нас со толкава брзина што предизвикува таков ветер, што некој, со нежно здравје, како нашата економија, би можел да настине и да почне да кива. Уште потешко е сознанието за вакво нешто кај обичниот граѓанин, кому му се сервира тврдењето дека Албаниија никогаш нема да стане некоја регионална економска сила, ако сите знаеме дека има убаво море, туризам што е во подем, а таму кај што има море, има и бродови и пристаништа и така на земјата и расте цената.
Затоа, за до пред 30-40 години најизолираната земја, сега се интересираат странските инвеститои, вложуваат во недвижности, па така менувачките операции достигнуваат огромни износи, што е условено од присуство на странски туристи, но и од внесување средства од странство во готово. „Кај што се врти парата – ќе остане нешто и во тенџерето“!
Дури аналитичарите очекуваат лекот уште да зајакнува, а еврото во однос на лекот да слабее, податок што навистина е своевидна сензација. Но, тоа го прави побарувачката, како што рековме, побарувачката за лекот.
-Ваквиот тренд позитивно ќе се одрази кај сите што имаат кредити во евра, бидејќи ќе плаќаат помалку. И Владата има корист од силниот лек во однос на еврото, бидејќи плаќа помалку за надворешниот долг. Оштетени се извозниците, бидејќи ја продаваат стоката во евра, а на домашниот пазар, при менувањето, добиваат помалку пари, велат албанските аналитичари.
Лекот зајакнува и спрема другите валути, што ни дава за право да тврдиме дека албанската економија, која беше синоним за најсиромашната и најнеравиената земја во Европа и една од најнеразвиените земји во светот, со строг дикторски режим од крајот на Втората светска војна до почетокот на транзицијата, сега може да се фати во костец со големите валути. На пример, американскиот долар деновиве се менува за 82,30 леки, или 0,12 леки помалку, британската фунта се тргува за 108,83 леки, што е намалување за 0,24 леки, а швајцарскиот франк 101,92 леки што е намалување за 0,40 леки.
Значи, ако ја имаме предвид дефиницијата за соодносот на цената на различни валути (девизниот курс) која вели дека тој се формира преку понудата и побарувачката на девизниот пазар, слично како што се формира цената на било кој друг производ, имаме доказ дека албанскиот извоз е на вистински пат, го јакне трговскиот биланс на земјата и и’ обезбедува стабилна и почитувана валута, отвора нови работни места, стандардот расе, поторошувачката се зголемува, буџетот се полни, пензиите растат и така натаму, како што е ред.
Така се прави тоа во вистинската пазарна економија, во која нема протекционистички мерки за заштита на вредноста на домашната валута, како што е случајот со нашата македонска валута – денарот. Слободната размена меѓу еврото и денарот е суспендирана, затоа што, ако се отпушти таа кочница, денарот ќе изгуби од својата вредност, со оглед на тоа што нашиот најголем трговски партнер е еврозоната на која ние немаме многу да понудиме, но затоа увезуваме во огромни количини. Монетарците повеќе од три децении се фалат дека стабилниот девизен курс останува еден од столбовите на македонската монетарна политика, но сите би биле многу посреќни денарот да почне да јакне на „природен“ начин, така како што тоа го прави албанскиот лек.
По овие информации за јакнењето на албанскиот лек на девизниот пазар, можеме слободно да констатираме дека уште една соседна земја не остава зад себе, што создава непријатно и поразително чувство.
Албанија и Македонија
Албанија и Македонија имаат слична историја на транзиција, но, во последните неколку години нивниот развој почна да се разликува. Албанија бележи побрз економски раст. Обрнете внимание на разликата во БДП и во БДП по глава на жител, имајќи го предвид бројот на населенеието:
Споредбена табела (2025–2026)
Показател Албанија Македонија
Население околу 2,77 милиони околу 1,81 милиони
Номинален БДП околу 30 млрд US$ околу 18,8 млрд S$
БДП по жител 11.100 US$ 10.400 US$
Реален раст на БДП 3,4–4,0% 3,4–3,5%
Јавен долг 54–55% од БДП околу 60% од БДП
Македонската и албанската економија се разликуваат во својата структура, но и во начинот на раководење. Факт е дека Албанија немаше политички проблеми и условувања од соседите, како што имаше Македонија, но факт е и тоа дека Македонија не ги искористи своите шански.
Македонската економија се карактеризира со преработувачка индустрија, автомобилски компоненти, металургија, фармација, земјоделство и прехранбена индустрија.
Албанија последниве години веќе го има добиено атрибутот на туристичка земја, тоа е фактор за равој на радежништвото и на услугите, но има и повеќе хидроцентрали, поголемо земјоделство, што е исто така мотивирано од развојот на туризмот, па Македонија увезува значителни количини албански зеленчук.
Албанија има морски брег долг околу 450 km, на кој се сончаат повеќе милиони странски туристи годишно. Својот туристички бум го достигна по 2021 година, што доведе до значителен девизен приход.
Албанија нема толку развиен автомобилски сектор, како Македонија, но тоа се должи на компаниите во слободните развојни зони, кои, во последно време, се празнат и си бараат нови поволни услови во други земји во светот. Сепак, Македонија извезува автомобилски компоненти, катализатори, фармацевтски производи, челик, прехранбени производи. Македонија долго време беше регионален лидер во привлекување индустриски странски инвестиции. Во последните години Албанија привлекува сè повеќе капитал во туризам, недвижности, енергетика.
И на крај, нема некој што патувал низ Албанија, да не ги забележал прекрасните автопатишта, на чија изградба Албанија и се посвети многу сериозно со резон дека тие се крвотокот на економијата, за разлика од Македонија, која нивното значење го стави на маргините на развојот. Албанија инвестираше и во проширување на аеродромите со што и на тој план ја намали речиси ја елиминира зависноста од македонските два аеродрома.
Ако трендот на туристички инвестиции во Албанија продолжи, таа веројатно ќе ја зголемува предноста во вкупната големина на економијата. Ако, пак, Македонија успее да привлече нови индустриски инвестиции, да ја зголеми продуктивноста и да ги подобри инфраструктурата и институциите, разликата може значително да се намали, но сите показатели, видливи и невидливи укажуваат дека тоа нема да се случи, затоа што нашите процеси многу побавно се движат отколку кај сите соседи.