
Постои едно истражување, од неодамна, според кое 200-те најпопуларни нови песни сочинуваат помалку од пет проценти од вкупнaта стримувана музика, што е за половина помалку од пред три години.
Ако во пресметката ја вклучиме и музиката што се купува, на пример преку iTunes, резултатите уште повеќе се приклонуваат кон онаа познатата: „Пред тоа беше подобро“.
На оваа констатација совршено се вклопува следнава анегдота...
Пријателски расположен персонал, видно помлад од 30 години, работеше во ресторан на источниот брег на САД. Сè беше некако модерно и светло, во вистинско време, во десниот агол на масата или салата. Само музиката беше видно постара од ресторанот. Кога еден музички критичар кој ручал таму ја прашал младата келнерка зошто свират само стари песни, таа само се насмеа.
- Затоа што се одлични!
Така е и на каса во супермаркет или во продавница за музичка опрема. Секогаш некаде ќе ве начека „Message in a Bottle“ на Стинг, или стариот добар хит од ерата на „New Wave“-от. И одговорот веројатно би бил сличен, ако прашате некој што работи таму.
Старите песни се навистина одлични.
Големите светски дискографски куќи своите изданија главно ги базираат на „back“ каталогот.
Не дека не треба да се создаваат нови песни. Напротив! И новите, еден ден ќе бидат стари. Постои многу добра нова музика. Предобра. Но, во океанот на се и сешто, до неа не се доаѓа баш лесно. А старото си е... Проверено!
Додека го пишувам текстот слушам џез. И упорно, не ми избива од главата Балашевиќ и неговата Baby Blue – Iza tvojih vrata svira jazz… 
The Zagreb Jazz Quartet
Го слушам извонредниот The Zagreb Jazz Quartet на неодамна ремастерираната снимка од 1984 година, каде концертно, во средината на октомври (поточно 22-ри), во загребскиот театар „Гавела“ овој легендарен состав (Бошко Петровиќ, Давор Кајфеш, Миљенко Прохаска и Силвије Глојнариќ), ја прославија 25-годишнината од своето постоење.
Со колку љубов, почит, умешност, страст..., тогаш настапи оваа неверојатна четворка. Со колку маестралност ја исполнија традиционалната македонска традиционална песна „Со маки сум се родила“, во нивната верзија „With Pain I Was Born“, која на својот вибрафон ја подготви ненадминливиот БиПи.
Реизданието, објавено на иницијатива на некогашниот прв човек на Југотон – Дубравко Мајнариќ, кое што, за сега постои само на компакт-диск, го објави Croatia Records, вреди за секоја одвоена пара.
Ова е албум кој може да се рангира на самиот врв на хрватскиот џез, но и пошироко, за што сведочи и доаѓањето на легендарниот американски џез-коментатор Вилис Коновер, чиј воведен говор беше снимен на почетокот на концертот, или на носач на звук.

За инспиративноста на македонскиот фолклор зборував еден снежен декември со врвниот мајстор на трубата Душко Гојковиќ, присетувајќи се на неговиот masterpiece „Swinging Macedonia“ (1966), едно од најважните jazz изданија во овој дел на Европа.
Душко, својата Скопска ноќ повторно ја имаше на 15-ти декември 2016-та во Македонската Филхармонија, како и во средината на 90-те, кога во рамките на „Скопје jazz фестивал“ настапи со Gianni Basso Quintet.
Но, тоа веќе влегува во аналите на едно многу подобро минато.
Секако, тоа не е се!
Star Dust
Веќе споменатиот Дубравко Мајнариќ, долгогодишен главен уредник на Југотон, својата емисија посветена на џезот која се емитува на Втората програма на Хрватското радио ја нарече „Ѕвезден прав“. Шоуто го дели своето име со изданието објавено далечната 1982 година, каде се наоѓаше програмата на третото издание на џез фестивалот „Zagreb Jazz Fair“.
Џез-каталогот на Croatia Records е исклучителен, а ова ажурирано реиздание се фокусира на богатото џез наследство. За постарите генерации љубители на џезот, ова ќе биде потсетување на големиот фестивал на кој во 1981 година гостуваа имиња како Џорџи Фајм, Реј Браун, Пит Кинг, Кларк Тери и Карл-Хајнц Миклин, а со кои настапија нашите претставници: Бошко Петровиќ и Дамир Дичиќ со нивниот Биг Бенд. За помладите генерации ова е своевидна џез лектира.

Повторното издание е омаж на сите уметници, особено на Дубравко Мајнариќ и Младен Мазур, продуцент на чија покана Дубравко се согласи да сними програма за изданието во 1982 година...
- Времето на издавање на албумот „Ѕвезден прав“ припаѓа на златното доба на аналогната музичка индустрија и денес, по речиси четириесет години од првото издание на овој винил, мора да признаеме дека на многу џез фестивали може само да посакаат ваква програма – потенцираше Мајнариќ.
4 Lica Jazza
Сепак, кога сме кај реизданијата кои Croatia Records ги објавува во последниот период, штотуку објавениот двоен винил „4 Lica Jazza“ претставува круна на се!
Се работи за составот YU All Stars 1977, кои една година подоцна го објавија споменатиот албум, кој со текот на времето се здоби со култен статус, постигнувајќи ја високата дискографска и колекционарска вредност.
Изданието од ’78-ма на пазарот на стари винили се движи од 70 евра, па навише…
Дубравко Мајнариќ, тогашниот главен уредник на Југотон, се присети на основањето на оваа супергрупа и издавањето на албумот…
– Бошко Петровиќ ме информираше за иницијативата за формирање на ансамблот YU – All Stars, во кој би биле избрани неколку солисти, без разлика дали живеат во поранешна Југославија или во странство. И така се формира ансамблот, во кој членуваше Бошко Петровиќ (вибрафон), Дамир Дичиќ (гитара), Крешимир Ремета (контрабас), Душко Гојковиќ (труба и флугелхорн), Бора Роковиќ (пијано), Јован Миковиќ (тенор саксофон), Нада Кнежевиќ (вокал) и Ратко Дивјак (тапани).
Албумот е снимен есента 1977 година во Загреб, а промотивните настапи во живо се одржаа во декември истата година во концертната сала „Лисински“ и младинскиот клуб „Лапидариј“ во Загреб и во киното „Унион“ во Љубљана, што, исто така беше снимено за телевизија.
Идејното решение на оригиналното издание го направи македонскиот уметник Ордан Петлевски, а уметничката адаптација на реизданието е на Дарко Кујунџиќ, и тоа е таа „македонска врска“ на албумот.
Петлески, роден во Прилеп 1930 година, важи за еден од најголемите, најавангардните македонски ликовни уметници. Современ уметник, подеднакво важен и за македонската и за хрватската ликовна сцена. Тој целиот свој работен век го мина во Загреб, каде и почина во 1997 година.

На загребската Академија за применета уметност има дипломирано во 1955 година, а во 1963 беше еден од иницијаторите за основање на Музеј на современа уметност во Скопје.
За крај, кога кога денес по четириесет години ги слушаме овие изведби, сведоци сме на високо ниво на музика и разбирање на џезот, какво постоеше во поранешната држава.
Некој би рекол – вечниот сјај на џезот, што веројатно е заеднички именител за сите реобјавени изданија споменати во текстот.