Катерина Вељановска Блажевска, доктор по политички науки, универзитетски професор во доменот на политичко-безбедносни области, со потесна експертиза за стратешки комуникации и јавна политика, тукушто ја реализира својата специјализација во САД, во рамките на програмата SUSI – Study of the U. S. Institutes for Scholars, спонзорирана од страна на Стејт Департмент. Специјализацијата се однесува на надворешната политика на САД, на историјата, креирањето предизвици и перспективи.

•     Како ја добивте оваа можност за специјализација и кој може да ја добие?

-      На основа на својата биографија, целосно портфолио на досегашни ангажмани и активности, како и научно-истражувачки перспективи, номинирана сум од Амбасадата на САД во Северна Македонија меѓу останатите претставници од нашава земја. Самите апликации одат во Стејт Департментот, во кој, во делокруг од светски размери, се носи финалната одлука за учесници. Крајниот избор е исклучиво на компетитивна основа, а не во однос на пропорционалност на учество по земји.

•     Колкумина студенти од целиот свет имаат можност да ја добијат оваа стипендија?

-      Оваа високо компетитивна програма, овој пат опфати 12 стипендисти на Стејт Департмент со престој во САД во една академска година, во светски размери на учество.

•     Што предвидува програмата?

-      Во рамки на севкупната реализација на програмата, вклучени се академски и истражувачки активности при Универзитетот во Делавер, како и посети на значајни историски локалитети, меѓу кои: Националниот историски парк и Салата на независноста во Филаделфија, во која е потпишана Декларацијата за независност, подготвена од Томас Џеферсон; поранешниот напуштен казнено-поправен затвор во Источната држава, што функционирал од 1829 до 1971 година; Музејот на националната граѓанска војна во Гетисбург, Пенсилванија, Образовниот центар и наследство на американската армијата итн.

•     Дали имате пристап и дозвола за увид во евентуални податоци со некаков степен на класификација во рамките на тие истражувања, од кои може да се дознае повеќе за надворешната политика на САД?

-      Би сакала да истакнам дека специјализацијата се одвиваше во подолга временска рамка. Поради периодот на пандемијата од Ковид-19, голем дел од програмата се реализираше виртуелно. На основа на тоа, сегашниот престој во САД беше целосно насочен кон посета на кредибилни институции кои се важни за нашиот натамошен кариерен развој, но и стекната визија за функционирањето на надворешната политика на САД. Моите перцепции и видувања се градени на основа на експертски предавања, научни ангажмани и истражувачки капацитети со стручни соработници. Ние бевме фокусирани кон анализа и разбирање на американската голема стратегија во надворешни манифестации, со целосна слобода на коментирање, анализирање и интерпретирање. Учесниците на самата програма се рангираат како експерти, на основа на што процесот е од обостран интерес, односно и реализаторите на програмата детално ги разгледуваат нашите ставови и мислења. Нешто што е важно да се нагласи е дека јавното мислење е особено важно во САД, има своја улога, не само во изборниот процес туку и во креирањето на надворешната политика, особено во доменот на глобализмот, наспроти американската сувереност. Секако, наспроти сите актуелности, се дискутираше и за новите трендови и прашања на надворешната политика на САД, за нивното мапирање, на основа на историските корени. И обичниот граѓанин на САД е особено заинтересиран за својата историја, ја истакнува, ја велича и таа несомнено зазема голем дел од реалната, постоечка политика. Да се увиди тоа, беше момент на импресија.

•     За време на престојот ги посетивте седиштето на Обединетите нации во Њујорк, зградата на Капитол, седиштето на Конгресот на Соединетите Американски Држави во Вашингтон ДС, како и работниот состанок во седиштето на УСАИД – Агенција на САД за меѓународен развој. Дали непосредно имавте можност да ја видите работата на Конгресот?

-      Имавме неколку работни средби и пречек од релавантни претставници на институционалниот капацитет. Тоа што е особено важно е дека нашата соработка токму сега почнува. Не само преку стекнатите контакти во САД, туку и меѓу групата учесници кои се врвни експерти во своето поле на делување. Работната средба во УСАИД беше особено конструктивна, пред се тргнувајќи од фактот на застапеноста на програмите и поддршката на УСАИД во нашата земја. Во овој домен на соработка беше важно да се искристализираат идните приоритети и да се истакне дека е потребна заедничка соработка, бидејќи крајниот резултат е мерлив според севкупниот ангажман на сите инволвирани страни.

•     Научно-истражувачките компетенции ги реализиравте во рамки на Универзитетот во Делавер, Њуарк, Делавер, еден од најстарите универзитети во САД. Дали можете во кратки церти да направите соредба со квалитетот на таа образовна институција и македонските универзитети од кои ниту еден не се наоѓа меѓу првите 1000 универзитети во светот? Во што е разликата:

-      Разлика секако постои, но ние сме истите тие кои и овде делуваат со интегритет, елан и етика, како и што се претставивме за време на стручниот престој. Би нагласила  дека од самите нас зависи. Јас, како универзитетски професор, истражувач и специјалист во одредени области, одлично се снаоѓам и во домашни и во меѓународни рамки, а сето тоа се однесува на стекнатиот капацитет што се обидувам во континуитет да го надградувам. Како пример на сето тоа ќе додадам дека, како стипендист Стејт Департментот, тековно имав можност да аплицирам за грант за реализација на научно-истражувачки проект заедно со неколкумина претставници од други држави. Финансиската поддршка за реализација ја добивме, со спонзорство од страна на Универзитет во Монтана, еден од најпрестижните универзитети во САД. Имплементираното истражување тукушто целосно заврши и се однесува на „Влијанието на повлекувањето на воените сили на САД од Авганистан врз миграционите текови во Југоисточна Европа“. Токму затоа, сметам дека сите имаме подеднакви можности, на нас е колку и како ги користиме, а тоа што е важно е редовно да ја одмеруваме нашата ефикасност за да бидеме уште подобри во следниот период.

•     Со кои други активности ви беше пополнет престојот во Америка?

-      Меѓу сите ангажмани за време на престојот можам да го истакнам своето активно присуство при празнувањето на животот и наследството на д-р Мартин Лутер Кинг, историски аспекти низ нови, современи глобални димензии, како и размена на ставови и мислења со професор Марк Дакенфилд од Армискиот Воен Колеџ на САД, Карлајл, Пенсилванија, особено во рамките на едуцирање и развивање лидери за служба на стратешко ниво, со унапредување на нивното знаење за глобална примена. Всушност со него дискутиравме и за т.н. Мета-Вест како геополитички систем и потребата од стабилно соочување со идните економски и безбедносни теми и прашања.

•     Македонските граѓани ги интересира животот на обичниот Американец, особено во актуеланава еконосмка криза. Како се живее, дали може да се врзе крај со крај во месецот, цените на основните намирници, цената на дериватите на бензиските станици, режиските трошоци, едноставно дали вреди да се лакоми за иселување во таа далечна земја од Македонија од која се повеќе се иселува населението?

- Има одредена вистина во познатата терминологија “Американски сон“. Тоа повеќе се однесува на демократските основи кои се стекнати и втемелени - почитувањето на слободата и еднаквоста. Тоа што за себе го увидов е дека целосно можам да се интегрирам во тој систем, а мислам дека тоа разбирање го должам на мојата мултидисциплинарност и можност да се изразам во повеќе сфери. Покрај мојата професија како универзитетски професор, се пронаоѓам и во активна работа и ангажмани на различни проекти, во доменот на специјалист за јавни политики и стратешки комуникации. На крајот, најважна е енергијата и ентузијазмот што ги носиме со себе, тие се двигатели на сите промени. Одговорот ќе го сведам на особини: дисциплина, чувство на одговорност, трпеливост при реализација на процесот. Ако ги поседуваш, подеднакво ќе ти биде удобно и овде и таму.

Од економска перспектива, можности секако има повеќе. Нашиот стандарден семеен буџет, таму ќе послужи само за неколку дена опстанок. Но, Американците имаат повеќе можности за заработка. Паричниот надомест се наплатува од работен час, а постои и рангирање во зависност од професијата. Ќе истакнам, универзитетските професори не се целосно задоволни од месечните примања, но затоа пак имаат можности да работат дополнително на проекти и ангажмани што им носат финансиска корист. Самиот Универзитет во Делавер има голем број внатрешни центри и институти, не само за дополнително изразување на професорите во однос на новите ангажмани, туку и за надградување и специјализација со дополнителни вештини.

Интересна беше мојата перцепција при пазарување, од аспект на тоа дека не е објавена крајната цена на изложениот производ, туку таа се пресметува при наплата, а тоа е поради различно оданочените артикли. Ете, една одлика на нивниот економски систем.

Во однос на менталитетот, би истакнала дека секојдневните луѓе се срдечни, сакаат да помогнат, да споделат и да слушнат сечие искуство. Не се оптоварени со општествени стеги и се посветуваат целосно при комуникацијата, за да споделат што повеќе од своето познавање. Би сакала тоа да го негуваме повеќе кај нас.

Севкупно, станува збор за стекнато знаење, позитивна практика, искуства и вмрежување што се од особена важност за кариерниот развој и за перспективите на професор по политички науки, со дополнителна специјализација во безбедносната политика.