Македонскиот стрип центар од Велес од вечерва до 27 август ќе биде домаќин на 20 јубилеен Меѓународен стрип салон „Велес 2023 и на петтата Стрип колонија. Свеченото отворање е вечер во 20 часот во Европската куќа на млади, поранешно Градско кино во центарот на Велес.
Во рамки на петтата стрип колонија што од 23 до 27 август ќе се одржи во куќата на Касапови позната како „Куќата на уметноста“ во стариот дел од градот ќе учествуваат стрип автори на Вишеградската група: Полска, Словачка, Чешка и Унгарија, како и од Србија, Косово и нашата земја.
Вечерва ќе биде отворена изложбата од пристигнатите стрипови од меѓународниот стрип конкурс, а ќе бидат врачени и наградите. За најдобар стрип годинава е одбран „PIG OUT“ на стрип мајсторите: Милорад Вицановиќ –Маза, Аљоша Томиќ и Марко Стојановиќ, информира Томе Трајков од СЦМ-Велес.
-Јубилејот на постоењето на најзначајната стрип манифестација во земјава создаде обврска истиот да се одбележи најрепрезентативно што може и во тоа се успеа. Велес е центар на македонската, балканската и европската стрип сцена“, потенцира Трајков.
Воедно во склоп на овој јубилеј, на 25 август ќе биде организирана посебна тематска изложба под наслов „20 Г МЕЃУНАРОДЕН СТРИП САЛОН“, со плакати од сите досега организирани стрип салони.
Тој нагласи дека оваа година посебно ја обележува и финансиската поддршка од страна на Интернационалниот ВИШЕГРАД ФОНД и WESTERN BALKAN FUND, покрај традиционалната поддршка од страна на Министерството за култура на Македонија и Општина Велес.
Конкретно преку грантот ID#22310015 20th International Comic Showroom Veles 2023 Comic Colony (From V4 with Love) ќе се овозможи престој и промоција (преку специјален каталог и изложба и панел дискусии) на 12 стрип автори од земјите од Вишеград групата : Полска Словачка, Чешка и Унгарија. Финале на нивниот престој ќе претставува потпишувањето на меморандум за соработка со стрип земјите од Западен Балкан, присутни на оваа колонија.
Што се однесува до поддршката од страна на WESTERN BALKAN FUND ,преку грант 20th International Comic Showroom Veles 2023 се овозможува пат и престој на 16 стрип автори од: Бар – Црна Гора, Рашка-Србија, Феризај-Косово и делумно Македонија. Тие, исто така, ќе имаат обврска и можност за размена на искуства и комуникација како и официјална промоција преку изложба и каталог (ПДФ и печатена верзија) и вмрежување,“ нагласи Трајков.
Од Стрип центарот на Македонија во Велес ги покануваат сите вљубеници на стрип уметноста од Велес и земјава да ги посетат овие две значајни стрип манифестации.