Замислете дом во кој има се што ви треба на едно место, за да не морате да излегувате надвор, освен кога ќе посакате малку свеж воздух. Вака живеат дваесетина илјади жители во необична зграда во Кина, во градот Хангџоу.

Станбениот комплекс „Regent International “е култен детаљ од градскиот пејзаж, направен во форма на буквата S. Висок е 206 метри, има 39 ката и нуди повеќе од 260.000 квадратни метри простор, што ја прави една од најголемите згради во Кина. Овој станбен комплекс може да прими до 30.000 луѓе.

Во зависност од тоа на која страна на зградата живеете, има различни удобности, а во склоп на комплексот има и деловни простории лоцирани од 36-ти до 39-ти кат.

Во самиот станбен комплекс има и ресторани, базени, фризерски и козметички салони, кафулиња, маркети. Инаку, оваа необична зграда е наречена „најодржлива зграда за живеење на Земјата“ поради начинот на кој луѓето живеат и работат во неа.

Дизајнерката Алис Ло раскажува дека зградата  првично е замислена како хотел од брендот „Singapore Sands“ што би имал шест ѕвезди. Подоцна е одлучено да се изгради како станбен комплекс.

Становите во овој комплекс најмногу ги изнајмуваат студенти, млади професионалци и сопственици на мали бизниси. Закупнината на помалите станови кои немаат прозорци чини околу 195 евра месечно, а на поголемите станови со тераса, околу 520 евра месечно.