Романот „Вистината, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени “ со поднаслов „Старовремски роман“ од македонскиот писател Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“ е добитник на престижната книжевна награда „Роман на годината“ за 2022 година. Наградата ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Најголемиот поттик за пишување, како што потенцираше академик Урошевиќ, му била визијата за една куќа. Една стара куќа во Скопје, покрај Вардар, така почнува приказната.

„ Куќата“ е главната личност 

-Мојата опсесија со куќи е дамнешна и е поврзана со мојот живот. Во овој роман таа куќа е главната личност. Куќата во животот ми е нешто многу значајно. Сум живеел во бурни времиња и од седум куќи сум бил насилно иселуван. Разни војски ме иселувале насилно, а од седмата куќа насилно сум иселен поради земјотресот, и веројатно така се родила опсесија кај мене за една куќа која стои со векови цврсто на едно место и има некој свој живот кој го дели со нејзините жители, рече лауреатот на наградата.

На прашањето Дали куќата за која пишува, која е спомен покрај Вардар за сите премрежија, е реална?  -авторот раскажува: Во времето кога го пишував романот и кога решив дека Никола ќе биде аптекар се сетив на една моја другарка од детство чиј татко беше аптекар. И се јавив да ја прашам како нејзиниот татко ги набавувал лековите во тоа време. И по објаснувањето за тоа што пишувам – за едно скопско семејство кое го испртило својот син да учи за аптекар- таа ми потврди дека тоа семејство и човекот што беше аптекар го познава... а, потврди и дека ја знае старата турска куќа покрај Вардар, каде оделе на излет во школските години, но не влегувале затоа што била напуштена...“, вака ја опиша својата визија за главниот лик „куќата“ во својот роман лауреатот Урошевиќ.

Писателот раскажа дека наградениот роман го пишувал две и пол години, и со големи напори да го одржи темпото на пишувањето, да не застане, оти тоа е најопасно во творењето и дека треба да се биде упорен и доследен до крајот.

Лауреатот Влада Урошевиќ на денешната промоција нагласи дека му е задоволство што како иницијатор на наградата стои Фондација која го носи името на Славко Јаневски.

-Славко Јаневски, нашиот прв романсиер го сметам за извонредно значаен автор и во текот на животот на годините, Славко и јас бевме во мошне динамични односни, од жестоки караници до едно големо вистинско пријателство. Имавме многубројни средби, многу сме седеле заедно и неговиот лик ми е меѓу најомилените спомени од мојот книжевен живот, рече Влада Урошевиќ.

Тој додаде и дека ги прочитал сите четири романи кои беа во најтесен избор, за кои рече дека се извонредни книги и значајни писатели кои му се пријатели, но во момент ривали и нагласи дека секој од тие можеше да го понесе лауреатот – роман на годината.

Во овој роман има нешто „пркосно“

-За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата, кое го пренесе минатогодишниот лауреат Симона Јованоска.

Според жири комисијата, нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време кое минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело за многу убави и неубави нешта.

-Време кое во романот започнува во летото 1898 година, а трае се до првите децении по завршувањето на Втората светска војна. Приказната вовлекува со својата ноншалантност, со одмереноста, импресивната фантазија и со сериозно изградените ликови по профил и тежина. Во овој роман има нешто „пркосно“, нешто кое ненадмено отскокнува од другите, а тоа го можат само најдобрите, посочува жири комисијата.

Влада Урошевиќ се смета за еден од најпознатите македонски книжевни автори. Роден е во Скопје, на 17.10.1934 година. Автор е на бројни книги поезија, на раскази, романи, есеи, патописи, книжевна и ликовна критика, како и на книжевна теорија и преводи.

Неговото творештво е обоено и разновидно, а неговите книги се преведени на англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, хрватски, француски и шпански јазик.

Јованоска информираше дека годинава вкупно 35 романи беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда која во земјава се доделува по 24 пат.

Како што рече, во финалето за наградата влегоа романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски во издание на „Три“, „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски во издание на „Или или“, „Столб што пее“ од Томислав Османли во издание на „ВиГ Зеница“.

Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари, а генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.