Македонскиот интелектуалец Владо Јаневски, писател, сликар и светски патник кој последниве неколку децении сидрото го спушти во Сиднеј, Австралија, пред вечерашната онлајн промоција на својот награден роман „Мртвите знаат најдобро“, за „Анторис“ зборува за значењето на наградите, патувањата во време на корона, за тоа со кои очи ја гледа Македонија од далечина од 20.000 километри, за новиот роман „Смртта не е крај“, но и за креативноста во време на светска пандемија...
Конечно промоција! После цела година твојот роман „Мртвите знаат најдобро“ ќе биде промовиран онлајн. Колку ти значи наградата Пегаз, за најдобар роман?
- Да, конечно. Со мало задоцнување, како што впрочем стана практика со многу други работи, најмногу заради пандемијава. „Арс Ламина ќе го промовира романот онлајн, во вторник на 29 јуни. Потребните податоци за следење на промоцијата ги има на нивната Фејсбук страница. Поканети се сите љубители на пишаниот збор. Мислам дека ќе биде интересно дружење. Очекувам предизвикувачки прашања и ќе се потрудам да ги одговорам најдобро што знам, притоа давајќи им можност на читателите да ѕирнат во мојата творечка работилница каде сонот и јавето честопати се испреплетуваат.Не сум ловец на награди, но во случајов наградата „Пегаз 2020“ многу ми значи, најмногу затоа што себеси се гледам како некој што твори на македонски јазик далеку од својата земја.
Одамна те нема во Македонија. Ќе се видиме ли годинава?
- Не сум бил во Македонија од 2019. Во 2020 не можев да дојдам како што планирав заради пандемијава. За оваа година уште не сум сигурен за доаѓањето. Моментално нема можност за вообичаените прекуокеански летови од Австралија. Можеби ќе се видиме во живо ако се подобри ситуацијата, некаде при крајот на 2021.
Уште лани го најави новиот роман, на некој начин продолжување на наградениот. Му се наѕира ли крајот?
- Новиот роман се вика „Смртта не е крај“. Го завршив пред околу три месеци и веќе е прифатен и одобрен за објавување од издавачот „Арс Ламина“. Верувам дека ќе биде објавен во втората половина од оваа година. Станува збор за независен втор дел на „Мртвите знаат најдобро“. Се работи за нова приказна и се продлабочува портретот на главниот лик Фуриозо. Тука се појавува и Нозоми, исто така носечки лик од претходниот роман, кој сега е обработен од поинаков агол, со што се открива уште една негова димензија. Важно е да се напомене и тоа што, за разлика од претходниот роман, каде дејствието се одвиваше во Јапонија, во „Смртта не е крај“ главното дејствие се пренесува во Австралија. Што би се рекло, Фуриозо ми дојде дома; можеби понекогаш треба да се обѕрнувам кога одам по улица или во паркот, колку да проверам дека не ме следи. Се разбира се шегувам, но одлуката Фуриозо да дојде во Австралија беше негова. Сакам да кажам дека немам контрола врз тоа каде сакаат да патуваат ликовите во моите романи, им давам целосна слобода. И во некоја рака, во случајов тоа е добро, бидејќи верувам дека читателите ќе сакаат приказната да продолжи во нова средина, овојпат тоа е динамичниот Сиднеј.

Со какви очи ја гледаш Македонија од Австралија? Знам дека ги следиш сите случувања.
- Македонија е прекрасно место. Прекрасни се и луѓето што ги познавам, роднини, пријатели, соработници. Поминаа повеќе од три децениии од нејзиното осамостојување, но, за жал, имам впечаток дека Македонија можеше многу подобро да се управува. Има толку очигледни и големи пропусти на повеќе нивоа. Од друга страна, познавам наши луѓе со големо и докажано искуство стекнато во светски центри. Нивното знаење и искуство е повеќе од драгоцено, но на овој или оној начин надлежните фактори во Македонија како да се слепи или намерно се прават слепи и не сакаат да го искористат тој огромен потенцијал што им е на дофат и може да ја извади земјата од калта во која тоне сè повеќе. Без да навлегувам подлабоко во дневната политика, само ќе кажам дека се наметнува мислата дека на некој домашен, а можеби и надворешен фактор како просто да му одговара тоа исцрпување и осипување на Македонија.
Како ја помина пандемијата? Верувам дека твојата креативност беше на највисокото ниво?
- Во Сиднеј и пошироко во Австралија, за време на пандемијата, поминавме прилично добро, со минимални рестрикции и мал број на заразени. Можам да кажам мерките за заштита на јавното здравје беа одлично менаџирани и спроведувани од надлежните институции. Но, од пред неколку дена и во Сиднеј дојде до влошување на ковид ситуацијата и се заострија рестрикциите; на пример, во следните 2-3 недели задолжителни се маските во затворен јавен простор, не може да се седи во ресторани и кафулиња и слично.Што се однесува до креативноста, таа не изостанува и во вакви услови. Како што кажав погоре, завршив уште еден роман, кој е на пат да се објави наскоро. Во април освоив и награда за најдобро сценарио за долгометражен филм на филмскиот фестивал Скрипт фест 2021 со сценариото „Под друга капа“, кое го напишав според мојот истоимен роман, објавен во издавачката куќа „Магор“ од Скопје во 2019.
Како познат светски патник, колку ти фалеа патувањата? Која е прва дестинација, откако "короната отиде на летување"?
- Една од првите дестинации, се разбира ќе ми биде Македонија. Исто би сакал повторно да ја посетам Јапонија. Сакам да ѝ се вратам и на Кина, сè уште живо се сеќавам на убавите моменти во нејзината внатрешност. Убаво е да е се навраќаш на места што претходно си ги посетил и да го доживееш тој свет на свој начин. Ми недостигаат и скитањата во Париз или Менхетен. Убаво е да се патува. Но, за жал, пандемијава малку се одолговлечи и сè што може да се прави е да се чека едно подобро време за живеење и патување.
Иван Беќковиќ


