Македонскиот музички амбасадор, гитаристот Влатко Стефановски, деновиве со своето ново трио (Иван Кукиќ на бас и Јан Стефановски на тапани), настапи во стари град во Будва, меѓу црквите, во музичката програма на надалеку прочуениот фестивал Будва Град Театар, кој годинава се одржува по 35-ти пат.
Вториот бис на концертот, кој го издвои како најдобар до сега, со новата формација, му го посвети на некогашниот тапанар на „Леб и сол“ – Драгољуб Ѓуричиќ, познат црногорски музичар, и ја отсвири антологиската „Учи ме мајко, карај ме“.
Ѓуричиќ беше дел од „Леб и сол“ кога ја создаваа антологиската верзија на традиционална тема, за која велеше дека е „македонско Болеро“.
На прашањето на црногорските медиуми за повторно обединување на „Леб и сол“, тој кажа дека та не би можел да го вети, бидејќи станува збор за голем багаж што зад себе го има бендот, заради што би требало да се вклучи голема машинерија – музичка и маркетиншка.
- Тоа е голема приказна и не би чепкал по тоа - потенцира Стефановски.
Запрашан за денешната музика, Влатко смета дека таа е со послаб квалитет во споредба со онаа создадена во текот на 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите, но се согласува дека овој момент не е најдобар. 
- Цивилизацијата оди во синусоиди, оди нагоре и потоа се спушта, и се плашам дека сега сме на таа крајна линија поради короната, ограничувањето на човековите слободи, блокадата, големите корпорации, големите богаташи... Ништо не ми е јасно тука, но не грижете се, затоа што ќе помине. Ќе дојдат некои нови хуманизам и ренесанса, и цивилизацијата повторно ќе се крене. Се плашам дека овој момент не е најдобар - заклучи Стефановски.