ВМЦ Македонија, максимално автоматизирано производство на префабрикувани бетонски елементи, кои фабриката ги произведува  по спецификација како што би требало да изгледаат поставени на терен.

ВМЦ Македонија, максимално автоматизирано производство на префабрикувани бетонски елементи

Станува збор за компјутеризиран технолошки процес меѓу песокот, цементот и водата, преку меморирани софтверски рецептури. Практично, со избор на јачината на бетонот и моделот на производот, машината вади суров готов производ што го носи со шински кран ( исто со купола која се отвора вертикално врз машините) и го спушта во друга автоматизирана машина. Таа го вибрира, стабилизира и ги вади елементите (а се контролира само со џојстик).

Значи, системот на производство преку којшто се произведуваат околу 30 типови на бетонски елементи е максимално автоматизиран. При тоа репроматеријалот е бетон, а полуфабрикатот е 90 проценти бетонски со вградена арматура по стандарди. Односно, во зависност од барањата на корисниците во градежништвото.“ Вака го опишува високотехнолошкиот процес на производство на бетонски елементи и бетонска галантерија, Игор Јолески, менаџер  за производството, продажба и маркетинг во ВМЦ Македонија.

Венета Мануфати Цементо Дооел Скопје е присутна во Македонија од 2014 година. Фабриката е изградена во  Желино, крај Тетово, како фирма ќерка на водечката италијанска компанија за производство на бетонски цевки и шахти за санитарна и атмосферска канализација, VMC – VENETA MANUFATTI CEMENTO.  Фабриката во Италија постои од 1958 година во областа Венето – блиску до Венеција.

Маркетинг кампањата за капитални инвестиции, ги привлече Италијаните


Иницијативата да се изгради фабриката овде, доаѓа преку италијанската амбасада во Македонија, раскажува Јолески во разговор за Анторис магазин. Во рамките на Амбасадата долги години функционира сектор кој ги анализира и поддржува условите за потенцијална соработка меѓу италијанско-македонските компании и потенцијални инвеститори во нашата држава. Идејата тогаш била поткрепена и од маркетинг кампањата за капитални инвестиции на претходната власт, која опфаќаше изградба на автопати, канализациони системи, системи за одводнување и за наводнување.

Филозофијата на битисувањето на Балканот го надополнуваат и македонски работници, кои долги години работеле кај истите сопственици во Италија. Секако, тука се вклучени и низа други фактори, од начинот на презантацијата, можностите за градба и пласман пред сопствениците.

Локацијата е одбрана со цел да се избегнат дополнителните трошоци за транспорт на репроматерјали, па затоа фабриката е подигната до сепарацијата, која, како што вели нашиот соговорник, и денес е нивен партнер- соработник. Патем, одговарал и првичниот план според кој фабриката не требало да биде оддалечена повеќе од 40-ина километри од Скопје.

Автоматизираниот производен погон во Италија, пресликан во Македонија

Поставувањето на производниот погон како директна странска инвестиција чини еден милион и 100 илјади евра само во машини, технологија и дополнителни помагала за транспортирање, без погонот. Погонот од околу 2000 м2 е изграден до сепарацијата. Целата опрема во фабриката,  сите машини се од брендот COLLE, позната италијанска марка и една од најпознатите во Европа. Како што објаснува менаџерот, станува збор за висококвалитетни машини со целосно компјутеризиран систем за производство на префабрикувани вибро пресувани елементи, цевки, шахти, прстени, конуси и останати додатни делови од бетон.“

На почетокот при поставување, поврзување и склопување на целата техологија во многу помогнале искусните работници,  Македонци кои со години работеле во матичната италијанска компанија. Всушност, тие врз база на своето искуство со инструкции на сопственикот Паоло Миколето (кој иако е 63 години е голем ентузиајст ) го склопиле целиот процес на производство овде со ангажман на нашите компании.

Компанијата ВМЦ МАКЕДОНИЈА произведува бетонски елементи и бетонска галантерија - Шахти за санитарна и атмосферска канализација - Бетонски армирани и неармирани цевки за санитарна и атмосферска канализација - Улични рабници - Бази за столбови за улично осветлување - Шахти за приклучоци на телекомуникациски водови - Дренажни шахти за атмосферски води...

-Целиот процес е автоматизиран и ископиран исто како во матичната фабрика во Италија, вели Јолески. Машините се поставени по нивни терк, дури и шинските кранови.  Додека технолошкиот процес што го применуваме го зголемува квалитетот на овој тип на производи за 30 отсто во споредба со другите.“

Сликата на македонската фабрика, целата постапка, линијата за производство е иста како во Италија,  до силосите за песок. Значи, куполите каде се става песокот за да се измеша со цементот преку компјутерски рецепт е копија на италијанската фабрика. Единствено суровината, песокот и цементот -ТИТАН се од Македонија. За секој производ машините користат рецептура со одредени количества цемент во зависност од марката на бетонот што се бара. Од МБ30 па нагоре.

ВМЦ Македонија, максимално автоматизирано производство на префабрикувани бетонски елементи

На пример, за производите од перфект база се користи марка бетон 60 со италијански адитиви. Елементите со ознака на перфект база се користат за одвод на фекални води. Во Италија во 95 отсто во градбите се применува овој квалитет. Исто така и за системи на шахти. Но, за наши услови  МБ 60 се води како скап производ, иако високата цена е заради квалитетот.

Според карактеристиките, ознаката перфект значи целосно непропустливи производи, отпорни на  хемиски и биолошки раствоти и на сите корозивни дејствија на отпадните води по целата површина. Кај нас, засега овие висококвалитени производи се користени на еден проект во Струмица и во Ѓаковица, (поради тоа што странскиот кредитор го барал тој квалитет).

Технолошкиот процес нуди не само квалитет туку и квантитет

Технолошкиот процес на производството на бетонските елементи со овие машини покрај квалитет овозможуваат и квантитет во производство.

-Во погонот имаме три машини коишто имаат висок капацитет на дневно производство. Зборуваме за машини кои со користење на специјални калапи произведуваат различни типови бетонски производи: конуси и прстени за шахти, пет-шест типа на елементи од 25 см до еден метар распон и пресовани конуси од 60,80 и 100 см. Значи, само на едната машина произведуваме 10 до 12 елементи, како вибро пресовани и со поголема дебелина на ѕид,“ вели Јолески.

Тој појаснува дека производите од ваков тип во Македонија, стандардно имаат ѕид со дебелина од 9о см, додека тие произведуваат елементи со дебелина на ѕидот од 12 см. Поради дебелината на ѕидот во Италија не практикуваат да ги армираат, меѓутоа во овдешната фабрика, се армира. Бидејќи се уште се почитуваат безбедносните стандарди останати од социјализмот. Квалитетот  го покажуваат и високите параметри во атестите што ги вадат.

„Армирањето на производите ни го бараат проектантите, иако нема потреба. Во Македонија во принцип неармирана програма многу ретко се користи. Од друга страна, со армирањето, добиваме плус на квалитет. Машините дозволуваат да се армира, односно поголемата дебелина на ѕидот ни дава поголем комодитет,“ објаснува менаџерот.

Единствени производители на бетонски цевки со големи димензии

Технолошки гледано, Јолески вели дека дневно можат да се произведат 50-60 вибропресувани елементи. Додека цевките со различна големина, должина до два метри и отвор од ф-300 до ф 1400 се произведуваат на друга машина, специјализирана само за цевки. Меѓутоа, предноста на таа машина е што произведува два типа на цевки со различни димензии во исто време. Токму со овој тип на димензии нема друга фабрика за бетонски елементи, ние сме единствени, вели Јолевски.

И додава, - Станува збор за технолошки процес меѓу песокот, цементот и водата што е компјутеризиран, преку софтверски меморирани рецептури. И само со избор на јачината на бетонот и моделот, машината вади сиров производ кој го носи со шински кран со купола која се отвора вертикално врз машините и го спушта во друга машина, која го вибрира, стабилизира и вади готов елемент (а се контролира само со џојстик). Значи системот на производство е максимално автоматизиран.

Секој ден се работи во различен домен на процесот

Високотехнолошка програма продолжува и со транспорт од машините до просторот за сушење на елементите. Како што раскажува Јолески, располагаат со шест различни типови на автоматски виљушкари, донесени од Италија. Тие имаат различни додатоци и елементи за полесно пренесување на производите. Виљушкарот сам ги повлекува елементите, сам ги крева, ги вози, и изнесува. Токму поради ваквиот автоматизиран процес на работа, Јолевски вели дека работната рака се користи само при промена на калапите.

Што се однесува за текот на производство, Јолески вели дека секој ден работат во различен домен на порцесот. „Еден ден произведуваме, друг ги сушиме, па ги складираме готовите производи.

Производството се заокружува со порцесот на сушење. Според стандардите, бетонот зрее седум, 14 и 28 дена. После тие 28 дена ја добива правата марка на бетон. И препорачливо е производот да се подигне и да се употреби на терен после 28 дена.  Во лето, марката се добива и за 14 дена.

Нашиот соговорник објаснува дека цевките, конусите и прстените задолжително ги оставаат во внатрешен магацин два дена, без оглед на годишното време. - Бетонот е наука сам по себе. И ако ги извадите на сонце суровите бетонски елементи, може да дојде до брзо пукање. Поради тоа прво се оставаат на сенка, а потоа се изложуваат на отворено и секојдневно се прскаат со вода. Некогаш за побрзо зреење на бетонот користат и друга технологија, ги завиткуваат со дебел најлон за забрзување на сушењето. Постапка која ја практикуваат најчесто во студените месеци.

Единствени по производство на неармирани и армирани цевки со рамна база

-Инаку, 90 од производството на ВМЦ Македонија се користи за градбите во државата.  Проблемот на бетонските производи е тежината и не трпи транспорт поголем од 350 км. Тие се габаритни имаат тонажа, а транспортот е скап.

Најбарани и најпродавани се цевките, конусите и прстените кои се во програмата за канализација. Проектите за канализации, Јолески вели дека беа побројни порано. Но, во моментот повторно се актуелизираат по македонските села и помали градови. Инаку, во нашата држава, позиции за вградување на овие производи, како што објаснува менаџерот, има уште 50 години да работиме.

Покрај габаритните  производи, изработуваат и поситни елементи и коцкасти шахти, што можат само кај нас да се набават, вели Јолески. -Во Италија на пример, не се користат округли шахти. Коцкастите шахти се уникатен производ које се повеќе наоѓа примена и во нашата држава. Произведуваме и канали за одвод, атмосверски, армирани и неармирани, риголи за атмосверски води на улици и паркинзи.

Единствени сме и во производство на неармирани и армирани цевки со рамна база (што во Македонија ретко се произведува) за полесно легнување во каналите. Според геомеханиката, дебелината на долниот дел на цевката помага во нејзино стабилизирање без да се спроведуваат  дополнителни зафати за да се зацврсти подлогата. Цевките со рамна база се користат насекаде во Запад Европа.“

Квалитетот си има друга цена

Кога е во прашање пласманот на овие специфични наменски бетонски производи, менаџерот признава дека продажбата е таргетирана. Соработува со сите градежни компании, почнувајќи од „Гранит“, како една од најголемите во градежната индустрија, па со сите други и нови и помали.

Меѓутоа иако се работи за спеифична дејност, ВМЦ Македонија сепак има конкуренција.

- И тоа знаете каде? Нашиве производи содржат поголемо количество на материјал и заради рамната база на цевките и заради дебелината на ѕидовите на производите. Значи за разлика од другите производи од ваков тип кои се присутни на пазарот, односно од  9,5 до 12 см. дебелина сепак има околу 25 отсто повеќе материјал. Поради тоа,  производот е малку поскап (за тој процент на материјалот што се вградува внатре, но многу поквалитетен ). А, квалитетот си има друга цена.

Конкуренцијата е во ниските цени кај неквалитетните производи, што без атест, што со половичен атест, што на диво. Сите наши производи се атестирани во Завод за испитување на материјали при Градежен факултет Скопје (ЗИМ). Веќе шест години квалитетот на нашите производи се испитува таму и ние сме задоволни од нивната услуга.

Сега се отвора позиција на патот Гари –Извор во месноста Јама. Имаме побарување од само еден тип на производ за 23 км, што ние може да го произведеме и да го продадеме на изведувачот. Ќе се спојуваат Дебарскиот и Кичевскиот крај.

Капиталните инвестиции се важни и ја држат фабриката


-ВМЦ Македонија има годишен обрт од 300 000 до 400 000 евра. Како процес е солиден, напреден, квалитетен и ги задоволува потребите на пазарот. Сепак треба да се напомне дека пазарот во Македонија е за 1,5 милиони луѓе. Тоа се капацитетите.

Капиталните инвестиции се важни и ја држат фабриката. Да не се тие, не би бие рентабилни. Значи мора да има вакви инвестиции и не само за нашата фабрика, туку и другите градежни компании. Да се сработат проекти кои ќе донесат додадена вредност во системот, ќе овозможат да се сврти кругот, да има функционалност. Се е поврзано. Затоа при секое владение на било која влада – се потенцираат капиталните инвестиции во градежништвото како број еден, кое влече уште над 30 додадени дејности.  Секоја власт треба да размислува за капитални инвестиции – да се потрошат пари, да се свртат, ама во трајни вредности. Поврзаност, комуникации и трајни вредности за генерациите што доаѓаат .

Но, морам да признаам дека во последниве пет години имаме сериозен проблем со капиталните инвестиции, само 25 до 30 отсто реализациија. Може да се вадат со короната, но таа не го начна градежништвото,  туку угостителството и туризмот, а процентот на реализација во градежништвото е мала, “ потенцира Јолески.

И додава: „Ние не сме извозници, ние произведуваме за домашни потреби. Ова е фабрика која функционира сама по себе и сама себе се финансира, без помош, без кредитни линии, без донации, фондови. Единствено  од продажба на производи и користи апсолутно сопствени средства, буквално 100  отсто. Самоодржливи сме, но зависиме од проектите на државата- инфраструктурни проекти. Ова не е бизнис за приватни корисници.“

М.Балдазарска