-Во декември 2022 година, паричната маса (монетарниот агрегат М3), се зголеми за 2,8 отсто на месечна основа, во поголем дел поради растот на депозитните пари и готовите пари во оптек, при дополнителен позитивен придонес и на краткорочните депозити. Анализирано на годишна основа, паричната маса бележи раст од 5,3 отсто, главно како резултат на повисоките краткорочни депозити и депозитните пари, а во помала мера и на готовите пари во оптек, во услови на остварен пад на долгорочните депозити до две години.

Вкупните депозити во декември бележат месечен раст од 2,6 и годишен од 4,9 отсто во услови на зголемување на депозитите кај двата сектора, истакнуваат од НБ.

Вкупните кредити во декември, како што стои во соопштението за монетарни движења, остварија раст од 1,4 отсто на месечно ниво. Тоа  во најголем дел произлегува од зголеменото кредитирање на корпоративниот сектор, при позитивно влијание и на секторот „домаќинства“. Годишниот раст од 9,4 отсто се должи на повисокото кредитирање на двата сектора, коешто е поизразено кај корпоративниот сектор.

Депозити и кредити на корпоративниот сектор

-Вкупните депозити на корпоративниот сектор, се зголемија за 3,3 отсто споредено на месечно ниво. Најголем придонес кон месечниот раст имаат зголемените краткорочни депозити во странска валута, а во позитивна насока влијаат и депозитните пари, како и останатите компоненти.

Во споредба со декември претходната година, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 3,7 отсто, главно поради зголемените краткорочни депозити во странска валута и во денари, при дополнителен позитивен придонес и на депозитните пари, а во услови на забележан пад на долгорочните депозити во странска валута и во денари, велат од НБ.

Кредитите на корпоративниот сектор, како  што истакнуваат од Народна банка, забележаа месечно зголемување од 2,6 отсто, како резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на денарските кредити. Годишниот раст изнесува 11,5 отсто и произлегува од повисокото кредитирање во денари и во странска валута, коешто е поизразено кај кредитите во странска валута.

Депозити и кредити кај домаќинствата

-Кај депозитите на домаќинствата, е остварен раст од 2,7 отсто на месечна основа. Нагорната промена во најголем дел е одраз на зголемените депозитни пари, при дополнителен позитивен придонес и на долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити во денари.

Во декември краткорочните депозити во странска валута бележат месечно намалување. На годишно ниво, депозитите на домаќинствата се повисоки за 5,8 отсто, во поголем дел како резултат на растот на краткорочните депозити во странска валута и депозитните пари, а во помал дел и на долгорочните депозити во странска валута. Пад на годишна основа е забележан кај краткорочните и долгорочните депозити во денари, прецизираат од НБ.

Кредитите на домаќинствата, пак, бележат месечен раст од 0,3 отсто којшто, според НБ, во целост се должи на зголеменото кредитирање во странска валута. Во споредба со декември минатата година, зголемувањето на кредитите на домаќинствата од 7,3 отсто е резултат на растот на кредитите во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во странска валута.

-Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во декември 2022 година најзастапените биле потрошувачките и станбените кредити. Тие бележат месечен раст од 0,7  и 1,2 отсто, при годишен раст од 6,3 и 12,7 отсто.

Автомобилските кредити се намалија за 0,2 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 9,1 отсто. Кредитите одобрени на кредитни картички, остварија месечен пад од 0,9 отсто, а се зголемени за 0,7 отсто на годишна основа. Во декември, месечниот пад на негативните салда на тековните сметки изнесува 10,2 отсто, при остварен годишен раст од 1,0 отсто, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 0,7 и 15,5 отсто на месечно и на годишно ниво, потенцираат од НБ.