Во ИТ компаниите нема родова поделеност- предност има квалитетот. На Македонија годишно и недостигаат 600 инженери од информациско-комуникациската технологија. Затоа тука нема поделба на мажи –жени, изборот е врз основа на знаењето и квалитетот. Јас ги стимулирам девојките да не се плашат да се запишуваат на  ФЕИТ и ФИНКИ, да не гледаат на ова како на машка професија. Искористувањето на можностите што ги дава дигиталната револуција е еден од предизвиците што жените треба да го прифатат како стратегија која  ќе  им овозможи поголема еднаквост со мажите, истакна Претседателката на УО на МАСИТ  Анета Пешева на Конференцијата „Од марш за работнички права до дигитална економија“ во организација на Центар за управување со промени.

Во ИТ компаниите нема родова поделеност- предност има квалитетот

Кои се можностите во ИТ секторот


Анета Пешева, 33 години е во бизнисот со ИКТ, и како што вели за себе:  веројатно сум една од првите жени кои завршија информатика во Македонија. Можам да кажам дека во овие три децении имаше разни фази на тој процес. И како претседател на МАСИТ учествувам на многу вакви конференции и сум ментор за помлади девојки да се запишуваат во ИТ секторот.“

Имајќи го предвид своето искуство, таа објаснува дека дигитализацијата ја гледаме многу широко. Следејќи ја вклученоста на жените во информатиката пошироко Пешева вели дека Македонија не заостанува зад Европејците.

„На европско нивo, во ИТ секторот жените се застапени со 17 проценти – но тоа се жени кои завршиле факултет за информатика. Во тие 17 отсто на европско ниво најголемо учество имаат жените од Романија, Бугарија и балканскиот дел. Инаку, вкупно во ИТ секторот работат 34 проценти девојки. Зборувам за компјутерски компании. Значи треба да се одвојат бројките околу жени инженери во ИТ секторот и жени кои се стекнале со дигитални вештини за унапредување на работата во својата професија.

Значи ние сме многу понапред и од една Холандија, Белгија, се разбира ако бројките ги гледате одвоени ќе видите дека таму не е така.“

Во ИТ компаниите нема родова поделеност, нема машки – женски, тука има само квалитет.

Пешева во однос на родовата застапеност во дигиталниот сегмент изнесе еден интересен податок во однос на изборот на овие студиски науки. Според податоците што таа ги презентира на панел дискусијата околу бројот на студенти кои се запишуваат на електротехничките факултети има интересни бројки. Така на пример бројот на запишани студенти на универзитетите на ФЕИТ и ФИНКИ ја покажуваат предноста на жените, односно колку младите девојки се попосветени на завршување на студиите.

-Можам да кажам дека на овие факултети секогаш се запишуваат два ипол пати повеќе машки студенти. Но, интересно е дека студиите ги завршуваат скоро идентично и момчиња и девојки. Речиси 70 до 80 проценти од запишаните девојки завршуваат. Бројките на девојки на овие факултети од година во година растат. Според последната анализа, бројките покажуваат дека на сите универзитети во земјава од запишани 607 девојки на овие информатички науки и 1346 момчиња, завршиле 230 женски и 310 машки. Што не беше случај до пред 10-ина  години.“

Пешева потврди и дека ИТ компаниите се најбрзо растечки сектор во економијата. Минатата година компаниите од овој сектор направиле промет од една милијарда евра. Во Македонија има 1900 ИТ компании со тоа што таму нема деградација во однос на родот. Квалитетот е предност.  Меѓутоа, како што нагласи Пешева, тука има еден тажен момент- дури 88 проценти од компаниите во ИТ секторот работат за странскиот пазар. И тоа е исто една работа којашто треба да се земе предвид во креирањето на економијата. Затоа дигитализацијата на администрацијата не ни оди. Тие млади деца што работат за амриканскиот и австралиски пазар како и за Блискиот исток, не работат овде воопшто. А, не знаеме ниту колку фриленсери работат. Не  се евидентирани во државата, нема регистрирани податоци за нив.“

 Финансиска независност за рамноправност


Во односот на родовата поделеност и деградација на жената, што беше и дискусија на панелот „Политики за поддршка на женско претприемништво“, Пешева е недвосмислена:

-Прво и основно, ако сака жената да биде независна, треба да биде финансиски поткована. Ние може да правиме стотина конференции, протести, но сепак финансиската независност на жената ја прави да биде рамноправна. Друг начин нема. Јас предавав и на ФЕИТ, и на  ФИНКИ, а сум предавала и во гимназијата Корчагин, и секаде ги стимулирам младите девојки да одат на овие факултети.  Со оваа професија нема проблем за работа, годишно ни недостигаат, односно  Македонија е во минус од 600 инженери. А, платите се многу високи 1 800 евра бруто просечна плата на инженер. И тука нема машки – женски, тука има само квалитет. И жените не треба да заостануваат во овој процес, туку да го прифатат овој предизвик како главен во дигиталната револуција.“

Пешева меѓу другото кажа и дека во просек растот на ИТ индустријата се движи  околу 10 отсто годишно. „Мора да признаам  дека дополнително во ковид периодот навистина многу пораснавме. Ќе дојдеше до тоа, но сепак неминовно е дека ковид кризата го забрза овој процес во ИКТ индустријата, помогна. Но, сепак ќе се задржам на новите дигитални алатки, не зборуваме за ИТ секторот, туку за новите сектори и правци во светот  на дигитализацијата. Има еден друг процес на artificial intelligence, data analysis, насоки каде на ниво на свет само пет проценти од студентите се девојки. Така што повторно ќе следува пад во однос на финансиската состојба меѓу мажите и жените, што ќе влијае на рамноправноста.

 Стекнувањето дигитални вештини не значи да си ИТ инженер


Според Пешева треба да се направи дистинкција меѓу она што е професионално бавење со информациско комуникациска технологија и дигиталните вештини коишто сите ние треба да ги развиваме за да бидеме поконкурентни во нашите работи и во доменот на економијата и бизнисите.

„Значи кога зборуваме за дигитализација, тоа многу општо го кажуваме. Едно е луѓе кои професионално се занимаваат со дигитализација во ИТ секторот. Второто е стекнување на дигитални вештини за личен и професионален развој, за што многумина пројавуваат интерес. За стекнување дигитални вештини не треба сите да бидат ИТ инженери. Неминовно е дека во секоја професија има потреба за одредено знаење во доменот на дигитални вештини.

Ние како МАСИТ правевме обуки во многу компании и сектори заедно со УСАИД и поддршка од Швајцарската и  Британската амбасада, обуки од разни сфери. А и многу други компании со неформално образование кои прават одлични обуки.  Од сето ова е важно да кажам дека 70 проценти од тие што ги посетија обуките најдоа работа. И јас сметам дека токму тука треба да го ставиме акцентот- не треба сите да се ИТ инженери, но во секоја професија се потребни дигитални вештини. Неформалното образование дава конкретни вештини коишто не се добиваат ниту на факултет. И луѓе што завршиле на ФЕИТ и на ФИНКИ дополнително земаат курсеви за да добијат лиценци и сертификати.

Значи тоа е она што би му помогнало многу на стопанството- стекнување со дигитални вештини на луѓе кои не се во ИТ секторот.

Исто така би рекла – ако сакаме ова да се постигне, многу е важно да се прифати и усвои новиот Предлог - Закон за работни односи, со којшто се предвидува работа од дома. Тоа најмногу ќе им помогне на жените. Во ИТ секторот работиме од дома, но нестандардните начини на работ не можеме законски да ги оправдаме пред инспекциите, затоа законот мора да  ги земе предвид и меѓународните стандарди во ИТ индустријата.

После ковидот 60 отсто од вработените во ИТ индустријата веќе се изјаснија дека ќе продолжат да работат од дома. Прифаќањето на работа од дома мислам дека најмногу ќе им помогне на жените, заклучи Пешева.

М.Балдазарска