Пример за тоа како технологијата може да им служи и на трговците и на клиентите може да се види во последните неколку години во одредени земји од Западна Европа. Таканаречените дигитални етикети, наместо да бидат алатка за зголемување на профитот, се користат за намалување на отпадот, потранспарентна комуникација и подобрување на логистиката.

Купувачите во Норвешка веќе се навикнати на ова. Денес, тие можат да видат како цените на полиците се менуваат додека пазаруваат. Во продавниците на синџирот REMA 1000, кој е дел од компанијата Reitan, цените на дигиталните етикети за производи како што се млеко, јајца или овошје се менуваат до 100 пати на ден. За време на празниците и почесто. Старата цена исчезнува на екранот, а потоа трепка нова, често пониска, бројка.
„Ја намалуваме цената за десет центи, следи конкуренцијата и сè се претвора во трка до дното“, објаснува еден раководител на одделот за цени во REMA 1000.
Овие електронски етикети се поврзани со централен систем кој ги следи промените на пазарот во реално време, дозволувајќи им на продавниците веднаш да реагираат на активностите на конкурентите. Иако една продавница на REMA 1000 може да има до 5.000 артикли, дневните цени обично се менуваат за 50 до 300 производи, претежно сезонски.
Пониски цени само додека клиентите се во продавница
Важно правило во REMA 1000 е дека цените можат да паднат само во текот на денот, и не се зголемуваат. Сите зголемувања на цените се случуваат исклучиво ноќе, кога клиентите не се присутни. На овој начин, се гради доверба, а во исто време се води агресивна пазарна битка.
Системот е воведен во 2012 година. На почетокот, цените се менуваа еднаш месечно, потоа неделно, секој втор ден, а денес промените се целосно динамични. Сите цени се национално синхронизирани, а целта е истовремено да се одржи конкурентноста и ефикасноста во синџирот на снабдување.
Холандија и Белгија: дигитални етикети против фрлање храна
Иако воведувањето дигитални етикети е скапо, тоа обезбедува значителни заштеди на долг рок. Се користи помалку хартија, вработените не мора рачно да менуваат стотици цени дневно, а синџир продавниците можат ефикасно да одговорат на пазарните притисоци. Токму ова го прават европските синџири.
Во холандскиот и белгискиот синџир Albert Heijn, електронските етикети се користат за борба против фрлањето храна. Кога производот се приближува до датумот на истекување, вработените го означуваат, а системот ги проверува продажбите на секои 15 минути за да одлучи дали е потребен дополнителен попуст.
Попустите се применуваат максимум четири пати на ден по артикл, почнувајќи од 25отсто, потоа зголемувајќи се на 40 проценти, 70 отсто и конечно 90 проценти. Оваа стратегија спречува фрлање на околу 250.000 килограми храна годишно, вели Нортје ван Генугтен, потпретседател за операции во Albert Heijn.
Интересно е што клиентите реагираа лошо кога етикетите го прикажуваа само дигиталниот попуст.
„Луѓето не сфатија дека е акција сè додека не ги вративме класичните црвени и сини хартиени налепници“, објаснува ван Генугтен. Денес, се користи комбинација од дигитално и хартиено означување за да се направи пораката за попуст јасна и визуелно забележлива.
Лидл и борбата против фрлањето храна
Во Европа, и Лидл користи електронски етикети, но не за динамично зголемување на цените. Во германските и другите европски филијали на Лидл, етикетите се користат исклучиво за попусти пред истекот на рокот на траење. Промените на цените во текот на денот не се во функција на зголемување на профитот, туку на намалување на отпадот.
Кај ваквите производи, дигиталната етикета сигнализира попуст, а цената автоматски се менува во системот за наплата. Купувачот плаќа точно она што го видел на полицата, без оглед на тоа кога е променета цената.