Осврнувајќи се на економските циклуси во Македонија од осамостојувањето до денеска, она што се јавива како проблем во водењето на економските политики во државата е неконзистентноста. Според Мојсовска, Народната банка се одделува од сите нив, гарантирајќи макроекономска и економска стабилност. Како што вели, едната со другата се многу поврзани и денешните генерации не можат ни да замислат што значи инфлација од 2000 насто на дневна основа.

„Кога пред некое време посетив еден музеј во Белград, видов банкноти од 50 милијарди динари, дури и јас како економист се запрашав како ова навистина била земја на милјардери. Институциите и дел од луѓето тука на почетокот на 90-тите години работеле на смирување на инфлацијата за воспоставување на макроекономската стабилност. Со тоа исправиме порака на новите генерации дека не треба да се грижат какво ќе биде ценовното опкружување и се појави еден нов концепт на брзи и лесни пари“, се сеќава Мојсовска.  

Нејзиниот став е дека најчесто, економските политики во многу држави, па и во Македонија, се водат ад-хок, односно се преземаат решенија кога ќе дојде проблемот. Тоа се решенија со половични резучтати.

„Економските циклуси се период од 20 до 40 години. Има два типа на движење - експанзивно и движење на контракција или намалување на економските активности. Кога имаме раст, работите се движат и проблемите помалку се забележуваат. На светско ниво кога има контракција настанува паника. Моментално светот е во таква ситуација. Имаме период после 2008 година, кога имаше финансиска криза. Прв пат светот се соочува со поинаква криза. Инфлацијата е на ниво која не е забележана многу години во многу држави. Европската централна банка си постави за цел да ја намали инфлацијата на 2% во следната година. Упорно се разговара кои инструменти треба да се употребат. Во време на раст, економските вредности кои се промовираат, се вредности на претприемништво на отворање на бизниси и стекнување на пари. Во време на контрацкција, поради инфлацијата имаме вредности на стекнување на нешто што е повредно од самите пари, бидејќи тие ја губат вредноста. Во ваква ситуација многу поголема е улогата на државата, отколку во време на раст. Во време на раст улогата на државата треба да биде суптилна да го помага реалниот сектор и да има инструменти кои ќе ја водат земјата напред“, вели Мојсовска.

Нејзините прогнози се во насока на тоа дека во следните години, растот треба да биде приближно 5%, за да можеме да се приближиме во земјите кои последно влегоа во ЕУ. Друг проблем на кој посочува е емиграцијата на работната сила, за кој вели дека е проблем и во развиените држави.

„Во 90-тите години, тој недостаток беше амортизиран од земјите од Источниот блок, бидејќи тие му помогнаа на Западниот блок да расте. Тогаш се направи амортизирање на недостатокот на работна сила заради стареење на населението во Западниот свет. Тоа го одложи забрзувањето на природниот тек на овој економски циклус кој може ќе се случеше пред 10-тина години според некои предвидувања. Човечкиот капитал е важен кај нас. Зборуваме за раст и политики, но, имаме и проблем со квалитетот и квантитетот на човечкиот капитал. Емиграцијата е проблем со кој треба посериозно да се занимава оваа држава“, објаснува Мојсовска.  

Она на што посочува таа е дека има недостиг на конзистентност на економските политики во државата, оценувајќи дека не може само една или две институции да бидат конзистентни.

„Сум била автор на низа документи на кои сум била ангажирана, но тие стојат во некоја фиока и нема никаква имплементација. Ние го правиме од економските политики добро првиот чекор креирање на политиката, имаме одлична дијагоностика, се усвојува документот и институциите го немаат моментот на одговорност кон тие документи и следење на економските политики. Вредноста на одговорност во голема мера е дерогирана. Во тој контекст кога зборуваме за економските циклуси во време на раст таквото непочитување на таа вредност може и да помине. Но, во време на контракција, се бараат одговорни лица и виновници. Негувањето на овие две вредности на конзистентноста и одговорноста е суштествена. Економските политики треба да бидат што повеќе засновани на овие две вредности. И тие да бидат основата на која ќе ја градиме државата напред. Ова е време на политичка економија каде улогата на државата е многу посилна и ќе биде во следните години од реалниот сектор. Добрата порака е што по овој циклус, после извесно време ќе дојдеме во фаза на раст и работите ќе бидат подобри. Но, во пракса успеваат само оние држави кои се технолошки спремни и го фаќаат почетокот на циклусот“, децидна е Мојсовска.