АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КФВ Банка, почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. За реализација на овој проект, вчера во Владата се потпишаа договори меѓу АД ЕСМ и Развојната банка КФВ (германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото на малите и средните претпријатија).

Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2″ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци”.

Инвестицијата е вредна 55 милиони евра од кои 47.3 милиони евра се за фотонапонската електрана Битола 2, додека ветерниот парк Богданци – Фаза 2, инвестицијата е 7,7 милиони евра.

„Битола 2“ ќе се гради во рамките на РЕК Битола и ќе има инсталиран капацитет од 50-60 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 GWh електрична енергија годишно, секако во зависност од сончевата радијација, што е доволно за отприлика 20 илјади домаќинства, нагласи премиерот.

И како што образложи, ќе се произведува електрична енергија за околу 20.000 домаќинства, со што ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно.

Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк Богданци е предвидено изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми на првиот дел од проектот и овој вториот дел вкупно ќе биде  повеќе од 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh, зелена енергија“ рече премиерот Христијан Мицкоски.

 Зголемување на домашното производство

Средствата за овие два значајни проекти во износ од 55.000.000 евра се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс период од пет години.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, истакна дека се очекува двата проекти да бидат готови до 2027 година.

„Новите електрани ќе ни овозможат зголемување на домашното производство на зелена електрична енергија и забрзување на патот кон наша целосна енергетска независност.  Тие капацитети ќе ни овозможат и побрзо достигнување на европските норми за емисии на стакленички гасови, односно обезбедување на здрава животна средина, почист воздух за нашите граѓани. Во делот на економијата, меѓу другото,  произведената зелена енергија преку новите капацитети, ќе им овозможи поголема конкурентност на извезените домашни производи поради прилагодување со CBAM  регулативата за јаглеродна давачка, односно јаглеродно гранично прилагодување“ изјави Узунчев.

 Енергетската независност во функција на економскиот развој

Според  германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер, Германија ја поддржува енергетската транзиција на Северна Македонија не само бидејќи таа е корисна за климата, туку бидејќи независното и одржливо снабдување со енергија му служи исто така и на економскиот развој.

- Живееме во мрежно поврзан свет. Она што е од корист за граѓанките и граѓаните во Северна Македонија, тоа е исто така од корист и за нас во Германија и во цела Европа. Ќе продолжиме да ја негуваме нашата соработка со Северна Македонија и во иднина, затоа што сме убедени во тоа, дека од партнерската соработка во крајна линија профитираат сите“, рече амбасадорката на Германија,.

Беше истакнато дека реализацијата на двата зафати дополнително ќе го збогати портфолиото за обновливи извори на АД ЕСМ,  ќе придонесе за дополнителна стабилност на енергетскиот систем и ќе влијае на намалување на зависноста од увоз на електрична  енергија. Овие инвестиции, имаат и социо-економски придобивки затоа што ќе отворат нови зелени работни места. ФЕЦ „Битола 2“ и проширувањето на ветерниот парк  „Богданци“ се дел од долгорочните планови на државата кон зелената енергетска транзиција.