Во последните денови, светските медиуми пишуваат за резултатите постигнати по две години забрана за употреба на телефони во австралиските училишта.

 

Кога средното училиште „Австралиски христијански колеџ“ во предградието на Мелбурн воведе забрана за мобилни телефони на кампусот, не стануваше збор само за дисциплина. Директорите изјавија дека конфликтите меѓу учениците започнуваат сè почесто преку интернет, и дека вниманието се намалува. Наставниците предупредија дека децата се „вознемирени од известувањата на нивните телефони, дека им е потешко да следат предавања, дека нивните мисли се на нивните телефони иако не гледаат во уредите и дека сето ова ментално ги исцрпува и им ја нарушува концентрацијата“, пренесува „Гардијан Австралија“.

„Кога телефонот е присутен, умот на ученикот е само половина присутен во училницата“, вели директорот на училиштето, Кејлеб Петерсон. „Сакавме да им го вратиме целосното внимание“.

Две години по забраната

Забраните за телефони во училиштата, кои бараат уредите да се чуваат во торби или шкафчиња и да се конфискуваат доколку се видат за време на часовите, сега се во сила во речиси сите австралиски држави. Првата беше Викторија во 2020 година, по што следуваа Западна Австралија, Нов Јужен Велс, Јужна Австралија, Тасманија и Квинсленд до 2024 година.

Родителите и политичарите ја поздравија одлуката, верувајќи дека „помалку телефони ќе значат поголем фокус и помалку одвлекување на вниманието“. Иако експертите првично биле скептични, резултатите, барем според изјавите и на училишниот персонал и на учениците, се видливи.

„Од забраната, забележавме дека часовите почнуваат полесно, има помалку прекини и текот на часовите е подобар. За време на одморите, учениците повторно разговараат, се дружат и комуницираат повеќе со наставниците“, рече Петерсон.

Истражувањето ги потврдува промените:

Анкетата покажа дека речиси 1.000 директори на јавни училишта во Нов Јужен Велс сè уште ја поддржуваат забраната, дури 95 проценти од нив, 81 процент тврдат дека учењето се подобрило, а 86 проценти дека учениците се посоцијални и помалку расеани. Податоците беа објавени од Одделот за образование на Јужна Австралија, студија за влијанието на забраната за телефони на училишните часови.

Повеќе внимание, помалку конфликт

Во Јужна Австралија, 70 проценти од наставниците тврдат дека учениците сега подобро ги следат часовите, а 64 проценти потврдија дека гледаат помалку „критични инциденти“ во училиштата.

Меѓутоа, не се согласуваат сите. Според „Гардијан Австралија“, една, ученичка која дипломирала во 2024 година, верува дека забраните биле „претерани“. Според неа телефонот им дава чувство на сигурност. „Кога ќе ни се одземе, тој само создава повеќе стрес и нервоза“.

Други ученици мислат спротивното од неа. Единаесетгодишно девеојче од Сиднеј, верува дека забраната „го израмнила полето за игра“ бидејќи немало повеќе мамење на испитите, додека учениците „хронично онлајн“ се вклучиле повеќе во вистински разговори. „Се чувствуваме побезбедно затоа што нема страв дека некој тајно фотографира или шири фотографии“, вели таа.

И друго девојче од приватно училиште во Сиднеј размислува на ист начин: „Бидејќи немам телефон на час, имам подобро внимание и подобри резултати“.

Потивки училници, но помалку флексибилност
 

Директорот на елитно јавно училиште во Мелбурн, вели дека забраната има јасни придобивки: помалку одвлекување на вниманието, поголема концентрација, помалку сајбер малтретирање.

„Но, треба да признаеме и што сме изгубиле“, забележува тој. „Телефоните се моќни алатки - тие можат да складираат наставни материјали, да фотографираат експерименти, да снимаат проекти и да користат образовни апликации. Сега повеќе се потпираме на стари методи и училишни компјутери.“

Експертите повикуваат на претпазливост и повеќе докази

Професорот Нил Селвин од Универзитетот Монаш верува дека забраната е „популарна, но не е научно докажана“.

„Училиштата станаа симбол на поширок општествен страв од технологијата“, смета тој.

„Но, децата поминуваат многу повеќе време надвор од училиштето. Вистинското прашање треба да биде како родителите и семејствата управуваат со употребата на уреди дома.“

Неодамнешното истражување од Обединетото Кралство не откри значајна разлика во менталното здравје, спиењето или постигнувањата на учениците во училиштата со и без забрани за телефони.

„Забраните не се магичен куршум“, тврди Селвин. „Тие можат да помогнат, но сами по себе не се доволни“.

Баланс помеѓу дисциплината и дигиталната писменост

Истражувачите признаваат дека забраната не е „сребрен куршум“ и не може сама по себе да реши сложен проблем, но веруваат дека е клучна за создавање здрава средина: „Кога се комбинира со дигитална писменост и програми за поддршка на менталното здравје, таа носи резултати“.

Во училиштето каде е спроведена анкетата, мерењата покажаа пад на нивото на стрес и психолошка напнатост. Самите ученици велат дека забраната „им дава одмор“и можност да се исклучат од екранот.

Две години подоцна, училиштата без телефони во Австралија покажуваат дека помалку технологија не значи помалку учење. „Напротив. Можеби само што почнавме да откриваме колку фокус, мир и разговор во живо значат во ера кога сите сме постојано онлајн“, велат истражувачките психолози од Центарот за статистика во образованието и евалуација на резултатите, Оддел за образование на Нов Јужен Велс.