Скопје минатата година повеќе пати го држеше неславниот примат. Но, и годинава веќе неколку пати се најде на листата најотровни градови според квалитетот на воздухот. 

Но, не е само главниот град на Македонија. Мерните станици на Министерството
за животна средина и просторно планирање мерат и надминување на граничната
вредност на ПМ10 честичките на мерните места и во Кичево, Гостивар и Охрид и
други градови во земјава.

Со доаѓањето на зимата граѓаните стравуваат дека ситуацијата ќе се влошува.
„Од дома не излегувам без маска. Но, да не се лажеме, нема спас од загаденоста.
Барем еднаш во денот мораш да проветриш и да го смениш воздухот. И оваа зима
ќе се гушиме како и претходните, вели пензионерката Сања од Скопје.

Сепак, разликата од 2024 и минатите години е што на граѓаните сега им е
отворена можноста преку судски пат да ја тужат државата дека ништо не презема
за загадувањето на воздухот и да бараат надомест на штета за претрпени
последици по здравјето.

Ова го овозможи начелниот став на Врховниот суд со кој граѓаните во постапка
пред Управен суд ќе може да бараат да се задолжат надлежните државни органи
да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот
воздух, но и да поведат  спор против државата во управна постапка, ако им е
загрозено здравјето .

Иницијативата пред Врховниот суд ја поднесоа невладината „Центар за правни
истражувања и анализи“ и адвокатското друштво ,,Гоџо, Кичеец и Новаковски".
Сепак, и невладината „Центар за правни истражувања и анализи“ не влева надеж
во позитивен исход на суд за граѓаните. Тие во изминатиот период имаат
поднесено индивидуални тужби за седум општини каде имало најголем процент
на загадување според мерните станици повеќе од 35 денови, што е спротивно на
Законот за амбиентален воздух.

„Судот треба да и наложи на државата да донесе Национален план бидејќи
правото на здрава животна средина државата може да го наруши со преземање
или со непреземање чекори. Во овој случај, со неносењето на Националниот план,
државата го загрозува правото на здрава животна средина. Во периодот што
следува, може само да се добие само некаква судска разврска на тоа што државата што треба да преземе некакви мерки“, велат од „Центар за правни
истражувања и анализи“.

Од таму додаваат и дека уште помали се шансите да се добие надомест на штета
заради загрозување на здравјето.

„Mислам дека ќе треба да помине одредено време за да дискутираме по ова
прашање, бидејќи е потребно да се создаде судска пракса во делот на одлуките
кои се носат за заштита на животната средина и воздухот“, велат од невладината.
Последниот Национален план за заштита на амбиентниот воздух на
Министерството за животна средина и просторно планирање е за периодот од
2013 – 2018 година.

Проект за реализација на друг проект. Вака во една реченица може да се опише
планот на Министерството за животна средина и просторно планирање со кој ќе се
носи Национален план за заштита на амбиентниот воздух.

Во пресрет на грејната сезона од Министерството велат дека постојано работат на
спроведување на своите надлежности како мониторинг на квалитет на воздух,
имлементација на ЕУ проекти, изготвување на национални документи и поддршка
на ЕЛС за изработка на локални планови. Во моментов 21 фиксна и 1 мобилна
мониторинг станица се во функција.

Компензација во судска постапка и во земјите на ЕУ

Според статистиките од судовите во кои се воделе постапки за кривични дела
против животната средина, во последните четири години судовите имаат донесено
242 правосилни пресуди. Во нив, осудени 280 лица. Пресудите се однесуваат на
парични казни, затворски или алтернативни санкции. Поголемиот дел се
кривичните дела се извршени со умисла, а некои од небрежност.

Од здравствен аспект, пак Институтот за јавно здравје на почетокот на 2024 година
објави извештај „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“,
според кој речиси 18 отсто од вкупната смртност во Северна Македонија може да
се препише на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
Последните податоци на Европската агенција за животна (ЕЕА) средина
покажуваат дека загадениот воздух е причина за над 5.000 предвремени смртни
случаи во Северна Македонија.

Една недела по начелниот став на Врховниот суд со кој ја обврзува државата да
преземе мерки против загадувањето, идентична одлука донесе и Советот на
Европската унија на 14 октомври, усвојувајќи Директива со која се воведуваат нови
стандарди за квалитет на воздухот и построги ограничувања за најголемите
загадувачи.

Новите правила треба да придонесат за целта на Европската унија за  нулта
загаденост до 2050 година  и да помогнат да се спречат предвремените смртни
случаи од аерозагадувањето.

Изменетата директива предвидува и дека граѓаните можат да бараат компензација
во случаи кога непочитувањето на правилата на ЕУ за квалитетот на воздухот
предизвикува оштетување на нивното здравје. Се проценува дека околу 300.000 луѓе годишно умираат во Европа како резултат на загадениот воздух.