Заработката на тенисерите значително се промени од времето на Бјорн Борг, Џон Мекинро, Мартина Навратилова и Крис Еверт до денес кога доминира Новак Ѓоковиќ и до неодамна кога владееја Рафаел Надал и Роџер Федерер, а сега нивниот наследник Карлос Алкараз.
Во периодот од крајот на 1970-тите до почетокот на 1990-тите, заработката на машките и женските тенисери била драстично помала од денес.
На пример, Бјорн Борг заработил околу 3,6 милиони долари во парична награда за време на неговата кариера (која заврши во 1983 година). Џон Мекинро во текот на својата кариера заработил околу 12,5 милиони долари. Ист е случајот и со тенисерките, Мартина Навратилова и Крис Еверт кои во текот на кариерата заработиле 21,6 и 8,9 милиони долари.
Наградните фондови на најголемите турнири исто така биле далеку помали. На пример, победникот на Вимблдон во 1980 година (Бјорн Борг) заработил околу 20.000 фунти, што во тоа време навистина била значителна сума, но многу помалку од денешните награди.
За споредба, денешните тенисери заработуваат многу повеќе. Новак Ѓоковиќ, на пример, досега има заработено над 182 милиони долари само награден фонд (без реклама), додека Рафаел Надал заработил 134 милиони долари, а Роџер Федерер над 130 милиони долари, а по него е неодамна пензионираниот Енди Мареј со 62 милиони долари.
Пионери во популаризацијата на професионалниот тенис
Колку заработуваа тениските ѕвезди порано, а колку сега, може да се види особено од наградните фондови на Грен слем турнирите, кои исто така драстично пораснаа. На пример, победникот на Вимблдон во 2024 година заработил околу 2,7 милиони фунти, додека, на пример, наградата во 1980 година била само 20 илјади фунти за мажи, а 18 илјади фунти за жени.
Слично е и со другите големи турнири, каде вкупните наградни средства се мерат во десетици милиони долари, што е драстичен скок во однос на средствата од изминатите децении.
И покрај тоа што вредноста на иста сума пари била различна и тогаш и сега, а факторот инфлација, сепак разликите во наградните фондови „бодат“ во очи. Овој драстичен скок на заработката може да се припише на поголемата популарност на тенисот, зголемениот интерес од спонзорите и медиумите, како и зголемените телевизиски права.
Додека тенисерите како Борг, Навратилова, Еверт, Кинг и Мекинро беа пионери во популаризацијата на професионалниот тенис, денешните играчи уживаат во финансиските придобивки од глобализацијата и комерцијализацијата на спортот, иницирани од нивните постари колеги.
Жените во борба за еднакви наградни фондови
Покрај скромните наградни фондови, во женската конкуренција, во текот на седумдесеттите, важеа двојни аршини. Тие имале помали премии од мажите, на истите турнири. Таму, во текот на децениите, борбата за еднаквост беше мерена со некои важни пресвртници.
Во женскиот тенис се започнало со еден долар. Тоа беше договорот што првите девет жени - сега познати како Original 9 - го потпишале во 1970 година за да ја создадат професионалната турнеја за жени, претходница на WTA. Моментот бил обележан со култната фотографија на која се прикажани сите жени како ги држат своите банкноти од еден долар.
Денеска има бројни турнири со еднакви, повеќемилионски наградни фондови за мажи и жени, а има и бројни рекорди, на листата на оние кои биле први...
Во 1976 година Крис Еверт стана првата жена која освоила милион долари.
Десет години подоцна, Мартина Навратилова стана првата која надмина 10 милиони долари, како прва од многуте пресвртници за 18-кратната Гренд слем шампионка. Во 1982 година, Навратилова стана првата жена која освоила повеќе од еден милион долари во вкупниот награден фонд во една сезона, а во 1984 година, таа стана првата што надминала два милиони долари заработка во една сезона, што е помалку од годишната награда за победничката на Вимблдон Барбора Крејчиков, која само за таа победа добила 2,7 милиони фунти. А денес, со речиси 95 милиони долари само од наградите на турнирите, Серена Вилијамс е апсолутен рекордер меѓу тенисерките, а на второто место е нејзината сестра Венус со 42 милиони.
Таа стара борба за еднакви наградни пари вроди со плод, бидејќи на сите четири Грен слем турнири во тенис сега паричните награди се еднакви за мажите и за жените. Ваквата практика на еднаква награда за двата пола во тенисот е воспоставена постепено, а денес сите Грен слем турнири ја имаат усвоено оваа политика.
1. Wimbledon - Еднаков награден фонд од 2007 година.
2. US Open – Првиот Грен слем кој воведе еднаков награден фонд, уште во 1973 година.
3. Australian Open - Еднаков награден фонд од 2001 година.
4. Roland Garros (French Open) – Еднаков награден фонд од 2007 година.
Рекламни договори некогаш и сега
Кога станува збор за заработка од рекламни договори, разликата меѓу тенисерите од минатото и денес е можеби уште подраматична отколку во случајот со наградните фондови.
Од 1970-тите до 1990-тите, договорите за рекламирање беа релативно скромни според денешните стандарди. На пример, Бјорн Борг беше еден од првите големи тениски имиња што потпиша значајни спонзорски договори, особено со производители на спортска опрема како што се Fila и Donnay. Сепак, вкупната вредност на тие договори била релативно скромна, проценета на неколку милиони долари во текот на неговата кариера.
Мартина Навратилова и Крис Еверт имаа и спонзорски договори, но тие беа многу помали од денес. Во тоа време и најпознатите тенисери не можеа да очекуваат милионски договори со спонзорите. На пример, нивните договори со брендови како Вилсон (рекети) и Најк, како и Фила за Борг и Мекинро, вредеа стотици илјади долари годишно, што е десетици пати помалку од денешните дури и најскромните рекламни договори.
Денес, спонзорските договори станаа главна компонента на заработката на најдобрите тенисери. Роџер Федерер, на пример, потпиша договор со јапонскиот бренд Uniqlo во 2018 година, вреден 300 милиони долари во текот на десет години, што е само еден од многуте негови договори. Вкупната заработка на Федерер од спонзорства надминува милијарда долари, што го прави еден од најплатените спортисти во историјата.
Новак Ѓоковиќ има и бројни спонзорски договори, вклучувајќи ги и оние со Asics (за обувки) и Lacoste (за облека), кои му носат десетици милиони долари годишно. Рафаел Надал има долгорочни договори со брендови како Најк и Баболат, а Карлос Алкараз, иако е само на почетокот на кариерата, веќе потпишува богати договори со брендови како Најк и Ролекс.
Договорите со производителите на спортска опрема, како што се рекети, патики и облека, денеска се потпишуваат за милионски суми, а честопати вклучуваат бонуси за успех на турнирите, што дополнително ја зголемува заработката на тенисерите.
Значи, денешните тенисери не заработуваат само од наградните фондови, туку и од исклучително профитабилните спонзорски договори, кои станаа многу повредни од минатото. Оваа промена го одразува растечкото глобално влијание на тенисот како спорт, како и зголемената комерцијализација на спортските личности. Додека пионерите како Борг, Мекинро, Кинг, Еверт и Навратилова го отворија патот за спонзорство во тенисот, денешните играчи како Федерер, Ѓоковиќ и Надал уживаат финансиски поволности многу повеќе од она што беше можно пред само неколку децении.