Зелениот институт минатата недела одржа јавна дебата  за законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање во салата на Советот на Град Скопје, во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, кој се работи во соработка со Градот Скопје и Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со граѓанските организации Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатската програма на Екосвест, финансирана од Шведска.

Предложени законски измени за урбано зеленило и урбанистичко планирање

Дебатата ја отвори Лилјана Поповска од Зелениот институт, истакнувајќи го  огромното значење на зеленилото за намалување на штетите од климатските промени во градовите и за целта на проектот да се зголеми зеленилото преку законски измени и други интервенции, за да се намалат топлинските острови и загадувањето, а да се подобри квалитетот на живот во градот.

 Според анализата на експертскиот тим за меѓусебната ускладеност на законите за урбано зеленило, урбанистичко планирање и градење, како и соодветните правилници. Утврдени се три вида проблеми, почнувајќи со законска неусогласеност на термини во урбанизмот и за видови зеленило, на прекршоци и глоби, како и заостанување зад новите европски трендови за зелената инфраструктура во градовите.

Втората група проблеми се масовно непочитување на Законот за урбано зеленило од планери и од институции, преку  неносење клучни документи за планирање и проектирање на урбано зеленило од страна на локалните самоуправи; немање јавно достапен зелен катастар; изработка на урбанистички планови и издавање градежни дозволи без почитување норми од 25 м2/жител и мин. 20% на градежна парцела; неодржување на зеленилото и негово уништување со лажни оправдувања. Третата група проблеми се непочитување на професиите шумарски инженер и пејзажен архитект, поради што се изработуваат импровизирани проекти за зеленило и се ангажираат нестручни лица за зеленилото. Акцентирајќи ги проблемите

Експертскиот тим предлага повеќе измени на законите за урбано зеленило, за урбанистичко планирање и за градење, со соодветните правилници. Да се ускладат термините од урбанизам и за видови зеленило; да се ускладат прекршоците и глобите со 3-кратно зголемени глоби, градација на правни субјекти според големината и сериозни казни за физичките и правните лица кои го уништуваат зеленилото. Се предлага зајакнување на надзорот над локалните самоуправи и комуналните инспектори со давање надлежност на Државниот инспекторат за животна средина; зајакнување на нормативите за урбано зеленило од 25 м2 на 50 м2/жител на ниво на град, како и од 20% на 30% на ниво на градежна парцела; внесување градација на %-и зеленило на ниво на градежна парцела, зависно од локацијата и класата на намена во самиот закон; прецизирање на постапките за постапување со зеленилото; зголемување на обврската за компензациско садење во исклучителни случаи каде што нема друго решение со 3-5 пати поголем обем на дрвја; обврска за јавно објавување на сите документи, решенија, одлуки и други акти за зеленилото. Заради јакнење на улогата на професиите шумарски инженер и пејзажен архитект во заштита и одржување на зеленилото, се прецизираат обврските за изработка на проект за пејзажно уредување и други стратешки и плански документи за зеленило од страна на професионалци. Конечно, се бара повеќе од двојно зголемување на финансирањето на зеленилото: од 2,5 на 5% и од 5 на 15% од соодветните надоместоци.

Незаконска пренамена на зеленилото

Ана Петровска, експерт за животна средина и планирање на просторот, ги претстави резултатите на експертскиот тим од урбанисти за начините на законска и друга злоупотреба на зеленилото, како и анализата на урбанистичките планови со кои му се наштетило на зеленилото во Скопје, како студии на случај. Таа потсети дека  Правилникот за урбанистичко планирање забранува јавните зелени површини да се уништат за сметка на изградба на згради. Исто така, нагласи дека според него предвидено е да се обезбедат задолжителни 25м2 по глава на жител зеленило во опфатите на урбанистичките планови. И покрај овие одредби, со анализата на повеќе урбанистички планови идентификувани се карактеристички случаи на незаконска пренамена на зеленилото:

Случај „Градски ѕид“, кадешто јавно зеленило е уништено за сметка на габаритни јавни објекти, откако во 2015 година наменски е сменет Правилникот за урбанистичко планирање, за да овозможи пренамена на јавното зеленило во централното градско подрачје.

Случај „Реонски центар Карпош Сити мол“, кадешто е намалена јавна зелена површина со пренамена на зеленило од класата Д1 со Генерален урбанистички план од 2012 година, а потоа и со детален урбанистички план, спротивно на Правилникот за просторно и урбанистичко планирање.

Случај „Настел“, кадешто со Генерален урбанистички план од 2012 година за урбана  четврт З06 се предвидени 0 (нула) метри квадратни зеленило. Тоа овозможува јавното зеленило и зеленилото во дворовите да се уништи и целиот простор помеѓу улиците да се намени во домување. Заради предвидените високи проценти на изграденост / коефициенти на искоиристеност на парцелите, на местата на индивидуални куќи никнуваат бетонски чудовишта.

Детектирани се голем број вакви случаи и утврдено е дека во уништувањето на зеленилото учествуваат планерите, општините / општинските комисии за урбанизам и Министерството за транспорт и врски / Комисијата за транспорт и врски, нагласи Петровска.

За да се спречат овие појави, се предлага да се усогласат и допрецизираат Законот за урбанистичко планирање, Правилникот за урбанистичко планирање, Законот за урбано зеленило, Правилникот за планирање, проектирање, подигање и одржување на зеленилото и Законот за градење. Особено е важно да се зајакнат инспекциите, заради поефикасна контрола и санкционирање на сите оние што придонесуваат за масовно уништување на зеленилото.

За анализата на зелениот катастар во Скопје говореше Кирил Ристовски од Флорозон. Зелен катастар е попис на зеленилото (на зелените површини, дрвјата и грмушките) што треба да биде достапсн до јавноста, за граѓаноте да можат да ги следат сите промени, во смисла на подигање нови зелени површини, но и загуба на зеленило и сечење на дрвја. Зелениот катастар треба да се користи во урбанистичкото планирање, така што ќе се идентификува постојното зеленило, ќе се спречи негова пренамена и ќе се изнајдат адекватни простори за подигање на нови зелени површини. Улогата на зелениот катастар е многу важна за заштита на зеленилото, а следствено и за заштита на климата. Важноста на зелените катастри е одамна позната во земјите во Европа (Австрија, Германија, скандинавските земји и многу други) и може многу да се научи од нивниот пример како се евидентира и заштитува зеленилото.

Казни за општините што нема да изработат зелен катастар

Во Македонија зелен катастар единствено е започнат да се работи во Скопје (и покрај тоа што изработка на зелен катастар е законска обврска на сите општини и Градот Скопје), но тој не е довршен, не е ажурен, не е јавно достапен и не се користи во урбанистичкото планирање (иако Правилникот за урбанистичко планирање предвидува информациите од зелениот катастар да се вклучат во утврдувањето на постојната состојба на изграденост и озеленетост во плановите). Финансирањето на изработката на зелениот катастар е од меѓународни донатори, додека Градот Скопје и општините во Градот Скопје не издвојуваат средства за негово довршување и ажурирање и покрај тоа што тоа е нивна законска обврска. Одржувањето на зелениот катастар е отежнато заради технички, финансиски и кадровски проблеми. Својата неактивност општините ја припишуваат на недоречености во законите околу надлежностите, но вистинските причини се незаинтересираноста и незнаењето околу значењето и унапредувањето на заштитата на зеленилото.

Со законски измени ќе се поттикне воспоставување на систем за изработка, одржување и ажурирање на зелениот катастар. Ќе се зголемат казните за општините што нема да изработат зелен катастар, а Државниот инспекторат за животна средина ќе ги инспектира општините. Ќе се обврзат изработувачите на урбанистички планови да ги вклучат ажурните податоци од зелениот катастар во геодетската ажурирана подлога што задолжително се изработува за секој урбанистички план. Сите работни налози за подигање, садење и евентуално сечење на зеленило / дрвја автоматски ќе се ажурураат во зелениот катастар. Зелениот катастар ќе биде јавно достапен и ќе може да се следи состојбата и развојот на зеленилото.

Македонското женско лоби ги истражуваше перцепциите на граѓаните за зеленилото во нивната најблиска околина, како и здравствената состојба поврзана со присуството/отсуството на зеленило, како и потребите и заложбите за негово одржување.

 Најголем дел Скопјани живеат во зграда со неуредено зеленило

Во прашалникот кој беше поставен електронски и секој можеше да го пополни по сопствена волја, учествуваа 150 испитаници, 71 отсто жени и 29 посто мажи, вели Даниела Димитриевска од ова невладина организација. Според резултатите од анализата, најголем  дел од прашалниците се пополнети од  скопските општини, 86 проценти, додека 14 отсто се од други градови. Иако најголем број доаѓаат од Скопје и од општините кои имаат планско уредено зеленило, сепак 18 отсто од нив живеат во зграда со неуредено зеленило и 16 отсто во зграда без зеленило, додека само 36 проценти живеат во зграда со уредено зеленило. Изразено во метри квадратни зеленило, 37 отсто од испитаниците живеат со зеленило помалку од 50м2. Ова ни кажува дека голем број граѓани живеат во многу мала опкруженост со зеленилото по глава на жител, на пример во згради кајшто живеат најмалку 80 граѓани на 50м2 зеленило. Ова зеленило најчесто е одржувано од општината 42 отсто, од станарите 28,7 отсто, додека 20 отсто укажуваат дека никој не го одржува зеленилото. Граѓаните сакаат да си помогнат да го унапредат зеленилото за што дури  94,7 проценти се обиделе да преземат нешто, 56 отсто би спровеле акција за садење, а 35,3 отсто би поднеле иницијатива до општината да преземе заедничка организирана активност за унапредување на зеленилото.

Граѓаните во најголем број- 93,3 проценти не би го жртвувале зеленилото за дополнителен бесплатен паркинг простор. Дури 92,6  отсто биле сведоци како некое уредено зеленило во нивна близина било уништено заради изградба на зграда или друг градежен објект, а дури 96 проценти од граѓаните укажуваат дека никој не ги контактирал, прашал или информирал од страна на општината кога била дадена градежна дозвола за градење во соседството.

Граѓаните забележуваат дека училишните дворови пополека од зелени средини поминуваат во бекатонски паркиралишта. Од 68 отсто кои укажале дека училишните дворови сѐ уште се зелени средини, напоменуваат такви и да останат, додека 32 проценти од испитаниците укажуваат на губење на зеленилото од училишните дворови.

Трендовите говорат дека граѓаните сакаат да одат во природа и тоа секој ден го практикуваат 21 отсто, еднаш неделно 39,5 отсто, на две недели 11,6  отсто, еднаш месечно 19 проценти и само 8,8 проценти не одат во природа. Одењето во природа го поврзуваат со здравствени бенефити и тоа, 126 испитаници одговориле дека за нив зеленилото преставува здравје, шетање деца 78, место за дружба со пријатели 87, сенка во лето 77, кислород 105 и украс на населбата 81. Недоволното присуство на зеленило го класифицираат како појава на депресија 12 испитаници, главоболки 23, нерасположение 33, кашлица од сув воздух 19.

Истражувањето упатува на потребата на граѓаните да се мотивираат, организираат и заедно со општината да превземат активности во бенефит на сите.

Оваа активност е поддржана преку проектот „ГО и во акција за климатските промени“, спроведуван од страна на Еко-свест во партнерство со Македонското здружение на млади правници - МЗПМ и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија. Изразените ставови и мислења се на грантистот и на никој начин не ги одразуваат позициите и ставовите на Еко-свест и на донаторот – Владата на Шведска.