Националната платформа за женско претприемништво го спроведе првиот Барометар за женско претприемништво во 2021 година. Истражувањето дава увид во перцепциите и искуствата на жените претприемачи во нормални услови и по пандемијата со ковид-19. Аспектите кои се опфаќаат се однесуваат на пристапот до финансии, деловното опкружување, родовата (не)застапеност и многу други. Анкетата која се состоеше од 25 прашања на примерок од 71 испитаничка.

Од нив, 71,8% водат претпријатија кои сами ги основале, (16,9%) се управителки на бизниси започнати од други, а (5,6%) се самовработени. Најголем дел од бизнисите се наоѓаат во урбани средини (88,7%). Во најголема мера (81,4%) од испитаничките водат микро-претпријатија со помалку од 10 вработени, (12,9%) мали претпријатија, (4,3%) средни и (1,4%) големи. Најголем број од испитаничките раководат со фирми во услужниот сектор (59,1%), потоа во производство и преработка на суровини, материјали и стоки (22,5%). Тука се и трговијата (13,3%) и земјоделство и сточарство (4,5%).

Парите како најголем проблем

Пристапот до финансии се издвојува и како убедливо најчестиот предизвик со кој се соочуваат жените претприемачи (64,8%). Тој е следен од недостатокот на поддршка од државните институции (45,1%) и обврската за грижа за членови на семејството (40,8%). Ниското ниво на менаџерски вештини (39,4%) и ограничените деловни контакти исто така се вбројуваат меѓу честите предизвици (36,6%). Како и ниското ниво на финансиска писменост (29,6%) и познавање на законските прописи (26,8%). Помало влијание им се припишува на бирократските процедури (16,9%), недостатокот на примери на успешни приказни (11,3%) и малата, односно недоволна заработка (7%).

Во однос на започнувањето сопствен бизнис, жените претприемачи во најголема мера сметаат на сопствени средства (71,8%). Следуваат заеми од членови на семејството и пријатели (59,2%) и банкарски кредити (49,3%). Државната поддршка (33,8%) и микрокредитирањето (22,5%) се помалку застапени. Исто како и бизнис-ангелите (14,1%).

Најголем дел од жените претприемачи (62%) се мотивирани од желбата за поголема самостојност. Следни двигатели според важноста се поголемата заработка (43,7%) и подобрата рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот (42,3%). Една третина од испитаничките се решаваат на ваков чекор поради согледана деловна можност (33,8%).

Родова (не)еднаквост во претприемништвото

Родовата нееднаквост во однос на претприемачките активности е воочлива преку помалата застапеност на жените воопшто, како и значително помалата застапеност во активности кои генерираат брз раст, висок профит и одржливост. Конкретно, во Македонија бројот на новозапочнати деловни потфати од страна на мажи е околу 2,5 пати повисок отколку претпријатијата основани од жени. Освен тоа, претпријатијата во сопственост на најмалку една жена со основачки влог сочинуваат околу 30% од вкупниот број на деловни субјекти, но само околу 13% од вкупниот број вработени, што укажува на големината на претпријатијата основани и/или управувани од жени.


Во последните години преземени се голем број чекори за подобрување на условите за женско претприемништво и поттикнување на претприемачки активности кај жените. Вклучително и усвојување на сеопфатна Национална стратегија за периодот 2019-2023 година. Сепак, треба да се има предвид досегашната бавна тенденција на подобрување на општата состојба, како и неопходноста од пост-пандемиско закрепнување со фокус на поддршка за претприемништвото и жените како посебно погодена категорија. Неопходно е да се обезбеди редовно следење и мерење на перцепциите и потребите на жените претприемачи. Само така, ќе се  обезбеди квалитетен инпут за креирање на јавни политики, насочени кон постигнување конкретни резултати“, пишува авторката Ана Крстиновска.

Во однос на перцепциите за водење бизнис (60,5%) сметаат дека има поволни услови, а останатите дека нема поволни услови за водење бизнис. Перцепциите се претежно понегативни кај испитаничките со поголемо искуство во  претприемништво. Повеќето од половина испитанички сметаат дека поддршката која им се нуди на жените претприемачи во вид на тренинзи, менторство, советодавни услуги, грантови итн. е недоволна и/или несоодветна.

Женското претприемништво во време на пандемија

Пандемијата на ковид-19 имаше негативно влијание врз деловните активности на (72,8%) од жените претприемач. Особено беа погодени малите и средни претпријатија. Само за маргинален дел од нив имаше позитивно влијание (5,7%) и вроди со ангажирање на дополнителни вработени. За (21,4%) не донесе никаква промена. И покрај предизвиците на пандемијата, жените претприемачи во голема мера се оптимистички настроени во поглед на иднината. Имено, во следните три години (61,4%) очекуваат да го зголемат профитот, (55,7%) да ја прошират палетата на производи, (44,3%) да вработат повеќе лица, а (38,6%) да се прошират на нови пазари.