Во тивките, а пред се зголемени редици пред народните кујни се разменуваат тешки погледи. Љупчо, Владо, Бране се само дел од десетиците кои секојдневно застануваат пред вратата на солидарноста на црквата. Поразот е победен од храброста, решени се да го проголтаат срамот што општеството им го сервира. 
Во време кога храната за нив станала луксуз, а тишината во домот доминира, народната кујна не е нивниот крај, туку почетокот на борбата за човечко достоинство.

„Живеам само од социјална помош во висина од 12.000 денари. Со тие пари прво ги покривам сметките, а за живот што ќе остане. А бидејќи и не останува, барам помош. Таков живот е дојден и мора да се турка напред. Задоволен сум од храната и помошта која ни ја даваат во народната кујна“, ни изјави 62 годишниот Владо. 

Хуманитарна организација на скопската православна епархија при Македонската православна црква речиси трета година им дели храна на гладните скопјани. Оброкот се опслужува преку осум пункта во главниот град. Отец Оливер, кој раководи со организацијата вели дека во споредба со една година наназад, бројот на луѓе се зголемил. 

„Ако минатата година делевме до 130 оброци, годинава бројката стигна до 240 оброци на дневно ниво. Во моменов бројката е можеби помала дека вршиме реконстукција на капацитетите. Потребите се поголеми, но капацитетите се тие. Еден оброк е за еден човек, не за семејство. Но, планираме и нивно зголемување. До крајот на летото ќе отвориме уште еден пункт, а до крајот на годината и втор. Сакаме да помогнеме, се зголемува бројот на граѓани. “, ни изјави отец Оливер. 

Со отворањето на двата нови пункта, тенденцијата на црквата од почетокот на следната година е да прехранува и до 300 луѓе.   

Црквата не е единствениот спас каде го бараат граѓаните. Зголемен е бројот на повици за помош и кај неформалната граѓанска иницијатива „Ретвитни оброк“ чии волонтери подготвуваат храна за бездомници и социјално загрозени. На неделно ниво се дистрибуираат 300 оброци, додека на месечно и до 1.200 оброци. Преку „Ретвитни оброк“, даваат и пакети храна на луѓе кои не се бездомници. 


Кристијан Калинов, кој е дел од иницијативата за Скопско ехо говори и за нов тренд помеѓу зголемениот број на граѓани кои им се обраќаат за помош, а кои не би се класифицирале во ранлива категорија, бидејќи имаат месечни примања, но, не стигнуваат за го закрпат месецот. 

„Ние работиме со социјални случаи. Но, имаме и луѓе кои го го проголтуваат срамот, се работи за семејства или самохрани родители со зголемени трошоци за живот и не можат да го преживеат месецот. Ние секогаш се трудиме да имаме максимум. 

Инфлацијата и континуираниот пораст на цените во изминатиот период значително го намалија животниот стандард на граѓаните. Основните трошоци за живот – како храна, енергија, станбени трошоци и гориво – нагло пораснаа, додека платите и пензиите не го следат истиот тренд. Оваа диспропорција ги погоди најмногу најранливите категории, но и средната класа, која сè потешко успева да ги покрие секојдневните потреби. Куповната моќ опаѓа, а сè повеќе луѓе се принудени да се откажат од квалитетна исхрана, лекови или други основни потреби. 

Последните информации за стапката на сиромаштија од државниот завод за статистика датираат од пред четири години. Статистичарите измериле дека стапката на сиромашни во државата е 23 насто.