Живот: страв, депресија или вистински реформи? 

Македонските граѓани со право се уплашени за својот економски опстанок, односно за квалитетот на своето живеење. Се разбира овде ги исклучуваме тие 10 проценти  од богатиот слој и тој еден процент од супербогатиот. Деведесет  проценти од населението е сиромашно, според некои светски критериуми, што значи дека во Македонија постои општонароден страв од сиромаштијата и од неуспехот да се води еден човечки достоинствен живот. Најголем број од македонските граѓани го немаат почувствувано и видено стандардот на просечните европски граѓани (Германија, Швајцарија, Австрија, Луксембург, Белгија, во кои БДП по жител достигнува фантастични цифри – Луксембург 180 илјади евра годишно), па се имаат навикнато сиромаштијата да ја гледаат како оптимален и судбински наичн на живеење.

Живот: страв, депресија или вистински реформи? 

Ковид-кризата на човештвото му донесе огромни загуби во човечки животи, што е дел од работната сила без која една економија не може да ја замисли својата дејност, потоа во пари што значи, наместо напредок – назадување на  животот на сите луѓе на планетава. Човечкиот капитал не може да се замени со ништо и покрај големиот процент на роботизирање на производството во светски размери.

Сите го поставуваат прашањето - дали е можно брзо заздравување. Опоравување е можно, но не брзо, затоа што се пореметени неколку синџири во економската размена, производство, снабдување, нарачки, извоз транспорт

Единствено можеме да се сложиме дека економското закрепнување, евидентирано од некои институти што ги следат глобалните економски движења, предизвика оптимизам дека позитивните трендови ќе продолжат и во 2022 година, особено поради тоа што, како што велат стручњаците, ковидот ја губи силата и му се гледа крајот.

Намалувањето на понудата ја предизвика „ковид-инфлацијата“


Ако работите одат како што треба, ако се регулираат, односно ако се обноват прекинатитие погоре споменати синџири, има надеж дека инфлацијата ќе почне да се смирува. Можеме да повториме дека „ковид-инфлацијата“ беше предизвикана токму од намалување на понудата поради голем број отпуштања од работа, намалено производство, прекинат транспорт – помала понуда на пазарите, плус психлошкот момент, типичен за воена состојба, при која граѓаните ги полнат домашните резерви од претпазливост, за недај боже.

Но, граѓаните со право стравуваат од таа ламја што ги обезвреднува платите, зашто процентот ги надмина проекциите на централните банки.

Како одговор на инфлаторните предизвици, Федералните резерви на САД најавија заострување на монетарната политика и овие промени брзо ќе го преминат Атлантикот во Европа.

Потенцијалот на инвестициите бавно се движи нагоре


На домашен терен, благодарение на владините мерки за вбризгување пари за подршка на стопанството, многу фирми се спасија од пропаст. Но, економијата е домино- систем! Такавата помош оди најчесто на штета на капиталните инвестиции, задолжување – зголемување на државниот дол, односно забавување на општиот економски развој и на стандардот на граѓаните.

Македонија доживеа пад од шест отсто, што за една кревка економија е многу, иако падот и на соседните економии од регионот е сличен, но македонскиот економски потенцијал е помал, да речеме во споредба со Србија. Економистите тврдат дека закрепнувањето се чувствува, но како рефлексија на општото глобално опоравување, а не поради наштиете државни менаџерски способности да ја извадат земјата од кризата.  Тоа значи дека побарувачката од странските партнери за македоснките  производи можат да ја придвижи економијата, но во исто време и увозот е голем па трговскиот дефицит не се намалува.

Од сите индикатори за опоравување на економијата, најважен е индикаторот за потенцијалот на инвестициите, кој бавно се движи нагоре! Затоа, оваа година македонската економија нема да го достигне преткризното ниво на економска активност од 2019!

По кој знае кој пат можеме да констатираме дека политиката на фиксен девизен курс на денарот, во корелација со девизните резерви, се покажа како најздравата мерка за оддржување на ценовнста стабилност. Замислете колкава ќе беше инфалцијата ако курсот пливаше слободно на девизниот пазар. Тогаш ќе се соочевме со огромна увезена инфлација и со огромно обезвреднување на наштие лични примања, што повлекува осиромашување и депресија.

Во 2021 имаше зголемување на инфалцијата во сите развиени економии. Голем дел од неа беше пренесен и на наш терен, па инфлацијата во првите 11 месеци отиде на 3,1 процент. Најголема „заслуга“ за тоа имаат цените на енергијата и на храната, два „артикла“ што недоволно ги произведуваме, за што самите сме си виновни, поради лошата развојна политика. Инфлацијата не е предизвикана од страната на побарувачката, при голема сиромаштија побарувачката не може да биде висока.

Меѓународните финансиски институции за оваа година предвидуваат постепено стабилизирање на цените на примарните производи. ММФ предвидува и намалување на глобалната инфлација, што значи пресликување и на домашен терен, што е добра вест. Но, поради тоа што ефектот на секоја економска мерка се чувствуа одложено, барем за шест месеци, така и за ефектот на намалување на инфлацијата можеме да се надеваме дури во втората половина на оваа година, ако не се појави некој нов потрес. Така монетарните власти предвидуваат намалување на инфлацијата на 2,4 проценти. Мерката „замрзнување на цените“ важи до крајот на овој месец, со можност за продолжување.

Јавниот долг


Јавниот дол се зголеми и тоа се случи кај сите економии. Нашата задолеженост достигна стапка од околу 60 поценти од БДП. Фискалната политика, пак, предвидува намалување на буџетскиот дефицит од сегашниот над четири проценти, на околу три проценти до 2024 година, што е во функција на намалување на јавнииот долг.

Дали некогаш ќе почнат реформите


Просторот на монетарната и на фискалната политика не е неограничен, тие дејствуваат како поддршка, не се замена за  структурните реформи кои никако да почнат, иако економските лекции со децении не учат на тоа, а тоа се зголемана продуктивност, намалување на трошоците за џаболебарите во јавната администрација и инвестиции со профитабилни цели.

Се чини дека и искуството покажува дека никој не се „замара“ со овие зафати зашто се тешки и бараат посветена стручна и вистинска акција. Најлесно е вработување во јавната администрација, во јавните претпријатија: никаква одговорност и продуктивност!

За истурањето пари во некои јавни иституции од областа на културата ќе пишуваме во друг текст, за тоа колкав број непродуктивци има вработено во нив без никаков работен, односно уметнички придонес. Овие институции никој не ги чепнал можеби затоа што нема зрела уметничка критика и продлабоченост во таа сфера. Така огромни буџетски пари се фрлаат и во тој сектор, ама никој не ги забележува, па никој и не оди во театар.

Бране Стефановски