Животниот стандард на стаклени нозе- Кога ќе забележите дека купувате нешто затоа што не сте сигурни дека утре воопшто ќе го најдете, или ќе се посомневате дека тоа утре ќе биде поскапо, НЕ Е НА АРНО! Тоа значи дека влегуваме во повисок степен на сиромаштија, дека е опасно нарушена пазарната рамнотежа (понуда-побарувачка), дека вашата плата е се помалку вредна и дека стравот е оправдан.

За сето ова се разбира има објективни фактори: климатските промени од кои во последниве 100 години произлегуваат сите зла, суши, пандемии, изумирање на животинските и растителните видови.

Субјективните фактори, пак, се деградацијата, суспензијата, потценувањето, игноранцијата на знаењето и умеењето, глорификација на незнаењето, полтронството, опортунизмот, подаништвото, алчноста и себичноста. Можеме слободно да речеме дека двата феномена се светски и имаат причинско-последична врска, па оттаму доаѓаат и климатските промени и последиците од тоа.

На пазар, сред лето, во нашава земјоделска земја,  пиперките 80 денари за килограм. Да јадеш само пиперки, што некогаш се сметаше за најевтино јадење: 30 дена х 80ден  = 2400 ден!

Вредноста на Синдикалната минимална кошница за јуни 2021 година изнесува 34 212,00 денари

Реден број елементи што ја формираат вредноста  на минималната синдикална кошница

Meсец: јуни 2021                                            % учество

структура


  1. Исхрана и пијалоци      14 547,96          42,52%

  2. Домување                         10 800,18         31,57%

  3. Хигиена                              2 378,03           6,95%

  4. Превоз                                2 508,84           7,33%

  5. Облека и обувки              2 176,27            6,36%

  6. Култура                              1 067,86            3,12%

  7. Одржување на здравје     732,80             2,14%


Вкупно:                     34 211,94          100,00%

Прашање е колку овие елементи за формирање на вредноста на кошничката се меродавни, зашто овде ја нема потребата од годишен одмор, оддржување автомобил, кафеаната – нашата насушна и креативна потреба и др.

Не треба да бидете голем аналитичар за да видите дека цената на ваквата кошничка постојано се зголемува. Во јуни 2020 чинела 33 487,33 ден.

Прашање е колку семејства располагаат со оваа сума, или колку семејства не располагаат со оваа сума. Просекот на платата се вади од платитие на вработените, а кој знае и тие дали редовно ја земаат.

Четвртина од жителите на Македонија живеат во сиромаштија


Според податоците речиси четвртина од жителите на Македонија живеат во сиромаштија. Тоа значи дека околу 500 илјади граѓани живеат во тешки услови.

Денарот губи вредност, иако, статистички, нема голема инфлација. Но, процентот на инфлацијата го уриваат производи што не се во нашата секојдневна употреба.

Платите ги снемува, како капка вода на врело летно тенеќе.

Шансите за работа се се’ помали. За година ипол од Централниот регистар се избришани над 10.000 мали претпријатија. Којзнае колку луѓе од производството или од услугите останаа без работа во време на најтешката пандемија.

Покачувањето на платитие на администрацијата не е економско, затоа што не ја анимира понудата (како што рековме - 10 000 мали фирми се затворени). Сумата е обезбедена од заеми, а не од поголемиот БДП. Особено кога покачувањето на платите ќе дојде пред избори, добива етикета на поткупливост.

Значи, економијата е во голема зависност од политиката. Нашата мирновременска економска политика не е пазарна туку политичка. Инвестициите во науката не се доволни. Инвестициите во непдродуктивните рабони места се неспоредливо поголеми и тука е јазот!

Во услови на намалено домашно производство, загрижуваат цените на увезените производи кои се во нагорна линија, па и стапката на инфлација е над очекуваната:  јануари ‒ јули 2021, просек од 2,5%.

Неизвесноста во движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и натаму е нагласена, во согласност со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа.

Што е сиромаштија?

Постојат различни пристапи во дефинирањето на сиромаштијата. Според последните дебати на европско ниво, сиромаштијата е поделена на два типа: апсолутна (екстремна) и релативна сиромаштија.

Апсолутна, или екстремна сиромаштија, се однесува на недостигот од основните потреби за преживување. На пример, недостиг на храна, чиста вода и соодветно живеалиште, недостиг на облека или лекови и борба за опстанок. Овој тип сиромаштија е најчест во земјите во развој, но постои и во развиените земји. Под тоа се подразбира животот  на луѓе што живеат со помалку од еден долар дневно. Сепак во земјите на ЕУ, кога се зборува за сиромаштијата, најчесто се мисли на релативна сиромаштија.

Релативна сиромаштија се однесува на начинот на живот и примањата кои за некои луѓе се многу полоши од општиот стандард во дадена земја, што доведува до тешкотии во секојдневниот живот и нивно исклучување од учеството во економските, социјалните и културните активности.

Ова важи за Македонија.

Оваа дефиниција со себе ги носи во неповрат човековите потенцијали, дарби и можности и така целото општество стагнира и нема високи стапки на раст. Економијата е како домино-играта, ако падне првото, задолжително ќе падне и последното. Затоа, теба чесност и искрена желба за оправање, не само фалби и ветувања.

Европската конфедерација на синдикати (ЦЕС): третина жители на ЕУ немаат пари за одмор

Околу 28 проценти од Европејците не можат да си дозволат ни една недела одмор надвор од своето место на живеење. А, тој број се зголемува на дури 60 проценти кај сиромашните работници, покажува истражувањето на Европската конфедерација на синдикати (ЦЕС).

Работниците чии приходи се под прагот на сиромаштијата, односно помалку од 60 проценти од просечната плата, минуваат најлошо во Грција, каде што 88,9 проценти од нив не можат да заминат на одмор, се наведува во студијата.

Потоа следуваат Романија со 86,8 проценти и Хрватска со 84,7 проценти.

Кипар е на четвртото место со 79,2 проценти, пред Словачка со 76,1 проценти.

Конфедерацијата наведува дека нееднаквоста меѓу најсиромашните работници и другите, кога станува збор за одмор, во изминатата деценија се зголемила во 16 земји-членки.

Најголеми разлики во можноста за одење на одмор меѓу работниците со приходи под просечната плата и други работници има во Хрватска, Грција, Бугарија, Чешка, Франција и Романија.

Зголемувањето на нееднаквоста „покажува дека придобивките од економскиот раст во Европа во изминатата деценија не се рамномерно распределени“, вели помошник-генералната секретарка на ЦЕС, Естер Линч.

ЦЕС се залага за подобрување на предлогот за европска директива со која треба да се зголемат минималните плати во ЕУ, за што Европскиот парламент ќе расправа по летната пауза.

Синдикалната конфедерација се залага за воведување „праг на достоинство“, кој ќе гарантира дека минималната плата дефинирана со закон не може да биде помала од 60 проценти од просечната плата, или помалку од 50 проценти од просечната плата во која било земја-членка.

Во моментов, во 17 земји-членки на ЕУ минималната со закон загарантирана плата е помала од 60 проценти од националната просечна плата, соопштува ЦЕС.

ЦЕС брои 45 милиони членови на 89 национални синдикати во 39 европски земји и 10 европски синдикални федерации.

Бране Стефановски