Вкупно 14 училишта во Македонија се затвориле во период од само една учебна година, покажуваат најновите бројки за бројот на училишта, паралелки и ученици.  
Во учебната 2021/2022 година, во државата имало 976 училишта, а веќе следната учебна година, 2022/2023, оваа бројка е 962. Во основното образование лани имало 10.997 паралелки и 182.245 ученици, а година пред таа имало 11.057 паралелки и 184.910 ученици.

„Во основното образование, лани имало намалување на бројот на ученици за 1,4 отсто во однос на претходната учебна година. Во редовните средни училишта, пак, бројот на учениците на крајот на учебната 2022/2023 година изнесува 66.678, што претставува намалување за 3,9 отсто во однос на претходната учебна година“, покажуваат податоците на ДЗС. 

Иако бројот на ученици на државно ниво се намалува, сепак бројот на наставници расте. За само една година, во образование биле ангажирани 283 нови наставници. 

Причина за намалувањето на бројот на ученици во земјата е намалениот наталитет и иселувањето.

Драстично намален број на ученици годинава има во поголемите општини како Битола, Охрид и Прилеп. Повеќе ученици се запишани само во Аеродром и Чаир. Секоја година сè повеќе деца на македонски државјани се раѓаат во странство, а Северна Македонија е меѓу 20-те земји со најголема стапка на иселување.
Какви се трендовите? 

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека на крајот од секоја година на државно ниво за стотици ученици е помал бројот на ученици кои ја завршуваат годината, во однос на оние кои се запишале на почетокот од истата, токму како последица на заминувањето во други држави.

Новата учебна година во четири населени места околу Струмица започна без ниту едно прваче. Станува збор за селата Раборци, Попчево, Габрово и Мемешли, а состојбата не е подобра ниту во самиот град.

Покрај алармантната состојба во четирите струмички села, новата учебна година во деветте основни училишта во градот ја започнаа 442 првачиња, што е за 126 дечиња помалку во однос на минатата година. Статистички, од 2017 година па наваму општинските податоци на Струмица покажуваат намалување на бројот на првачиња.

Покрај Струмица, официјалните општински податоци покажуваат дека за околу 100 ученици е намален бројот на запишани првачиња во новата учебна година во сите 10 основни училишта во Прилеп, додека во последните шест месеци од предминатата учебна година, родителите отпишале 300 ученици поради заминување од државата.

Состојбата не е подобра ниту во Охрид, каде во тековната учебна година во прво одделение се запишани 445 првачиња, што е пак за 94 помалку од лани, кога се запишале 539 дечиња.

Битола е уште една од поголемите општини во државата каде годинава каде годинава во битолските основни училишта седнаа 720 наместо 950 деца. 
Според податоци од  Државниот завод за статистика за миграциите во земјава, бројките на деца на македонски државјани родени во странство постојано расте.

Овие бројки покажуваат дека во 2009 година вкупно 3.510 деца од земјава се родиле во странство, додека во 2019 година таа бројка е 5 187.

Спротивно на ова пак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат значителен пад на живородени деца во Северна Македонија. Во периодот од 2009 до 2019 бројот се намалил за речиси 4.000.