Сојузот на стопански комори не се согласува со предлогот на Стопанската комора за кратење на празниците и наместо тоа смета дека треба да се работи на зголемување на продуктивноста. Предлог за којшто сметаат дека вреди да се разговара во иднина е да се плаќаат вработените по саатнина, односно по работен час по примерот на развиените пазарни економии.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Горан Ѓорѓиевски, пред почетокот на денешната тркалезна маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“ рече дека работниците во земјава се вредни и посветени, поради што решението за подобри економски резултати треба да се бара во поефикасна организација на работата за да се зголеми продуктивноста, а не во намалување на празниците.
Според него, исплатата според одработените часови би можела да им овозможи на продуктивните работници да заработуваат повеќе, но и да донесе поголема флексибилност во организирањето на работното време. Како пример, Ѓорѓиевски посочува можноста еден вработен да работи три часа во текот на еден ден, а пет часа во друг, зависно од потребите на работодавачот и можностите на работникот. Ваквиот пристап, според него, би бил особено корисен за родителите и мајките кои треба да ги усогласат професионалните и семејните обврски.
Од ССКМ сметаат дека искуствата од Соединетите американски држави и во дел од европските земји каде што постојат различни модели на часовна исплата можат да послужат како основа за врз која би се изградил соодветен модус и во нашата земја.
Од Владата ја остава отворена можноста за воведување ваков модел. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочува дека прашањето за исплата на трудот според одработените часови е една од опциите што треба дополнително да се анализираат, со цел зголемување на продуктивноста и во јавниот и во приватниот сектор.
Според Ристески, потребно е да се разгледаат методологиите што се применуваат во поразвиените земји и да се утврди кој модел би бил соодветен за домашните услови. Тој смета дека за ова прашање треба да се разговара во рамки на Економско-социјалниот совет, со учество на Министерството за економија и труд, синдикатите, организациите на работодавачите и другите надлежни институции. Предлогот за часовна исплата засега е тема за дискусија, а не усвоена мерка. За евентуалното воведување ќе бидат потребни дополнителни анализи и усогласување меѓу институциите, работодавачите и синдикатите.