-2025 година ќе биде година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа! Ќе работиме напорно и посветено во 2025 година, за да успееме да ја изградиме Македонија каква што сите вие граѓаните ја посакувате и каква што сите ние заедно ја заслужуваме. Македонија, која ќе биде повторно ваша!- рече премиерот упатувајќи им новогодишна честитка на гаѓаните за успешна Нова година, исполнета со здравје, среќа и многу љубов!

 

 

Меѓу другото, премиерот во новогодишното обраќање рече: „Постигнавме рекорд за привлекување на странски инвестиции над една милијарда евра и обезбедивме или забрзавме осум нови странски инвестиции за нови 2.800 вработувања и многу, многу други проекти. Отворивме и фронт за борба против криминалот и корупцијата. Со докази, чекор по чекор, но одлучно.

Имаме уште многу работа. Со уште поголемо темпо и уште поодлучна акција.

2025 ќе биде година на развој, раст и подобар живот за сите.

Ќе бидеме фокусирани на повеќе области, но приоритетно на три теми.

1. Економски и социјален раст и развој и повисок стандард. Повеќе пари за сите.

2. Создавање на ред и систем, јакнење на институциите и борба против корупција, решавајќи ги притоа во од заостанатите и преостанатите дефекти на корупција во системот на сите нивоа како и нивните поддржувачи и соработници.

3. Интеграција во ЕУ и спроведување на реформи за членство во ЕУ, дури и ако опстојат предизвиците за почеток на преговорите, кои чекор по чекор ќе се трудам да ги надминуваме.

На трите теми ќе правиме максимум со добро осмислен план и тајминг на активности.

Во 2025 година ќе се пушти во употреба експресниот пат Куманово-Крива Паланка, како и Градско-Прилеп.

Ќе биде готова првата фаза од пругата кон Бугарија, додека интензивно и без застој ќе се градат автопатите: Гостивар – Букојчани, Прилеп-Битола и Кичево-Охрид.

Ќе почнеме со градба на автопат Тетово-Гостивар.

Ќе растат платите во повеќе области, како и пензиите.

 Ќе обезбедиме ваучери од 250 евра за електронски уреди за сите студенти како и евтини кредити за млади до 30 илјади евра.

Ќе има проекти и мерки за сите граѓани, Македонци, Албанците, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Ќе работиме за сите посветено и одговорно, за ваш подобар и поквалитетен живот.

Реализирани осум странски инвестиции

Да потсетиме дека според досегашното темпо на работа во втората половина од оваа година се реализираа дури осум странски инвестиции, нешто кое до сега не се случило со владеење на ниту една претходна Влада.

Првата инвестиција која ја промовираше премиерот беше на само еден ден од почетокот на неговото премиерска функција, а станува збор за инвестиција на „Алказар Енерџи“ за изградба на ветерници во општините Радовиш, Штип и Карбинци во вредност од 500 милиони долари и 630 нови вработувања со што се очекува со електрична енергија да се снабдат дури 100.000 македонски семејства.

Втора странска инвестиција е на германско-белгиска компанија „Епсотех“ која ќе вработи 110 луѓе и ќе чини 20 милиони евра. Објектот ќе биде лоциран во општината Петровец, надвор од технолошко-развојните зони и во него ќе се произведуваат елементи од автомобилската, железничката и здравствената индустрија.

Понатаму при работна посета во Вашингтон, премиерот Мицкоски ја искористи приликата за преговарање за ново вложување на американскиот Вабтек во Македонија. Фирмата која работи во кругот на поранешниот МЗТ, ќе ги проширува капацитетите преку изградба на нова фабрика во технолошко индустриско развојната зона Бунарџик. Во новите погони ќе произведува сопирачки за шински возила наменети за извоз на странски пазари, а инвестицијата е во вредност од 35 милиони евра и нови над 100 вработувања.

Поставен беше и камен темелник на фабриката за литиумски јонски батерии на германската компанија „BMZ Group“ во Технолошко индустриско развојната зона Скопје. во вредност од 65 милиони евра и нови 700 вработувања.

Инвестиција на компанија „Брејнчајд“ во зоната Жабени во општина Битола е во вредност од 8,5 милиони евра, а ќе вработи околу 100 лица.

Третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Охрид е во износ од 45 до 50 милиони евра и најмалку 250 нови работни места до 2028 година. Со ова вкупната инвестиција на КОСТАЛ во Македонија ќе надмине 150 милиони евра со околу 1300 работни места. Веќе се реализирани дел од новите вработувања и е донесена дел од потребната опрема за производство.

Премиерот Мицкоски потпиша договор за инвестиција и со „ДМ БАУ Интернационал“. Според него инвестицискиот план вклучува вложувања во купување на земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена. „ДМ Бау Интернационал“ е дел од групација ДМ Бау – швајцарски производител на модуларни објекти со преку 100 години историја.

Осмата странска инвестиција е инвестицијата на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“. Во ТИРЗ Кичево стартуваше изградба на фабрика за производство на електронски батерии за автомобили, а според изјавата на премиерот Мицкоски истата е во вредност од 40 милиони евра и 600 нови вработувања, како и дека очекуваме извозот да достигне до половина милијарда евра за шест до седум години.

Вкупната вредност на овие осум странски директни инвестиции е над 72.000.000 милиони евра, и вкупно отворање на околу 2800 работни места.

На последните пратенички прашања на собраниска седница премиерот порача дека 2024 година била година на стабилизација со оглед на тоа во каква катастрофална состојба ја наследил државата и соопшти дека во моментот преговара со 15 нови странски инвестиции, а како што потенцираше доколку разговорите течат како што треба се очекува првата нова инвестиција од 360 милиони евра и 500 ново добро платени работни места да ја објават веќе во јануари.

„Ние денеска ги поставуваме темелите на тоа како треба да изгледа македонската економија по пет до 10 години. И мислам дека ова инвестиција од висока технологија ако биде сè како што треба, ќе значи ново огромно влијание позитивно врз БДП кога ќе го достигне својот максимум таму некаде 2028 година“, потенцираше премиерот.