- Годинава во Скопје ќе го видиме и ќе го слушнеме најцврстото и најкомпактно издание на фестивалот, -најави програмскиот директор на Скопскиот џез фестивал Оливер Белопета.

– По минатогодишното многу успешно јубилејно издание на фестивалот некои ми велеа – еве сега можеш следната програма да ја „олабавиш“, па и вие во организацијата малку да се опуштите. Мојот пристап беше сосем спротивен и во програмскиот концепт беше насочен во правецот на – надградба. Јас мислам дека ова во долг период е програмски најцврстото и најкомпактното издание на фестивалот, со програма која бескомпромисно го отсликува најдоброто и најкреативното од светската современа џез и импро-сцена, притоа буквално во многу ексклузивен манир.

Не го кријам основниот мотив за ова – Скопскиот џез фестивал уште поблиску да застане до неколкуте европски фестивали, култни со ваквиот пристап (не најголеми), како оние во Париз, Лисабон, Мерс, Салфелден, Берлин, Љубљана, Манхајм и во Утрехт… Конечно, реакциите на најавеното издание на моите многубројни колеги и музички новинари од Европа се полни со восхит и со почит. Мене тоа ми е доволно – вели Оливер Белопета.

Програмата, распоредена во четири вечери, е извонредно силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

Стартува со лидерот на чикашката авангарда

Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивниот концерт на ансамблот „Експлодинг стар оркестра“, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуален артист Роб Мазурек. Ова е единствениот настап на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово) со актуелната инкарнација на „Експлодинг стар оркестра“, заслужна за ремек-делото „Дајменшнл стардаст“ од 2020 година.

Ексклузивноста во Скопје добива уште повеќе на тежина со придружбата на 20-члениот камерен оркестар на Институтот „Фејмс“, изведувајќи заедно, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа пригода.

 Истата вечер во МКЦ ќе настапи „Зулу 3.4“, современо инструментално трио од Скопје што го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Групата е формирана во 2018 година, со идеја преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички помагала да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко.

И втората вечер со извонредно возбудлива програма 

Не помалку ексклузивност нуди и втората фестивалска вечер која е во знак на специјалниот проект „Турија“ на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк. Тој е посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, авторка на неколку книги и духовен гуру Алис Колтрејн. Се покажа дека нејзината музика изврши огромно влијание во светот на џезот, но и пошироко. Што остана од нејзината повеќеслојна, брилијантна траекторија? Хамид Дрејк си зададе задача да одговори на ова прашање, потпирајќи се врз инспиративните сеќавања на големата уметница, како и врз неговиот исклучителен талент. Овој проект, како што информира организаторот во почетокот на годинава премиерно бил изведен на култниот фестивал „Санс дивер“ во Париз.

Петочната програма продолжува во МКЦ каде што најпрвин ќе настапи новото, извонредно моќно, ноиз/фанкрок/саунд-арт трио „Абашаки“. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, оваа сосема нова инкарнација на класичната рок-постава гитара/бас/тапани претставува интензивна, наелектризирана и гласна звучна скулптура, со елементи на апстракција. „Абакаши“ е несомнено еден од највозбудливите антижанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу.

Полноќниот концерт на домашниот џез-состав „Такси конзилиум“ ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти што гравитираат околу талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“.

Саботната џез вечер со ексклузивни ѕвезди 

Саботната вечер на претстојното издание на фестивалот ќе почне со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас. Искачувајќи го трнливиот пат од фавелите во североисточниот дел на Бразил до врвот, тој успеа со молскавична брзина да стекне статус на светска џез-икона. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега – албумот „Сахкофа“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил.

Супергрупата „Саптропик аркестра“, пак, на трубачот Горан Кајфеш e веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етиоџез и биг-бенд фанк-корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез-музичари. Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика.

Полноќната саботна програма ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – Њу фјучр сити радио. Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара.

Последната вечер - авангардното џез -трио  „Тамбскру“

Последната вечер на 41. „Скопски џез-фестивал“ ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото „Тамбскру“. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на 10-годишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Мери Халворсон (гитара), Мајкл Форманек (бас) и Томас Фуџивара (тапани).

Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбарани (контра) басисти на светската џез сцена, Ингебригт Хакер Флатен, со својот нов проект „(Exit) Кнар“. „Кнар“ е тип брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од своите музички авантури.

Програмата на 41. „Скопски џез-фестивал“ ќе биде збогатена со премиерното прикажување на музичкиот документарец „Самер оф соул“, филмско деби-остварување на познатиот американски хипхоп-артист Амир „Квестлав“ Томпсон, кое освои „оскар“ и „греми“ оваа година. Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2022 година.