Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ја објави својата интенција да реализира процес на јавен тендер со наддавање за нов мрежен оператор во земјата. Ова доаѓа како одговор на барањето од „Оне Македонија телекомуникации“, компанијата која унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во нашата држава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
“По сопствена иницијатива и врз основа на пристигнатo барање од Друштво за телекомуникациски услуги ОНЕ МАКЕДОНИЈА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИИ ДООЕЛ Скопје број 0805-1103/1 од 16,04.2025 година, Агенцијата за електронски комуникации објавува намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање на ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции со цел да овозможи јавна расправа по објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции,” стои во објавата од АЕК.
Заинтересираните страни треба да достават писмо за искажување интерес до АЕК најдоцна до 16 мај годинава. Идните чекори во врска со објавувањето на тендерот ќе бидат одлучени врз основа на резултатите од јавната дебата, согласно Законот за електронски комуникации.
Од АЕК нагласуваат дека во однос на регулаторната политика за користење на радиофреквенции за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги, од клучно значење е да се гарантира ефикасна и одржлива конкуренција. Ова подразбира присуство на повеќе од два мрежни оператори на пазарот на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги.
Поради тоа, како што објаснуваат, одобренијата кои се предмет на оваа намера ќе бидат издадени исклучиво на нови мрежни оператори. Писма за искажување интерес од страна на веќе постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком) нема да бидат разгледани.
Агенцијата планира да одобри едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 700 MHz, едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 1800 MHz и едно одобрение за користење на радиофреквенции во опсегот 3.x GHz.
Предмет на јавниот тендер се: 2х10 MHz во фреквенциски опсег 694-790 MHz, и тоа 703-713/758-768 MHz, 2×10 MHz во фреквенциски опсег 1710-1785/1805-1880 MHz, и тоа 1775-1785/1870-1880 MHz и 100 MHz во фреквенциски опсег 3400-3800 MHz, и тоа 3500-3600 MHz.
АЕК предлага најнискиот износ на еднократниот надоместок да изнесува 4 200 000 евра за одобрението А1 во фреквенцискиот опсег 700 MHz, 1 500 000 евра за одобрението Б1 за фреквенцискиот опсег 1800 MHz, и 2 320 000 евра за одобрението Ц1 за фреквенцискиот опсег 3400-3800 MHz.
Времетраењето на одобренијата за користење на радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, односно до 2037 година, додека времетраењето на одобрението В1 ќе биде 8 години, до 2033 година, заради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.
Операторот кој ќе добие одобрение е должен да ја обезбеди следната покриеност: До крајот на 2026 година најмалку еден град да биде покриен со 5G сигнал, до крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, до крајот на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал и до крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
“Параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги што се обезбедуваат треба да бидат во согласност со Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги кои се остваруваат преку јавна радиокомуникациска мрежа.”
Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од една година од датумот на отпочнување на важност на одобрението.
Во областите каде што има слаба или воопшто нема покриеност, доколку носителот на одобрението планира да гради нов сајт ќе мора да ги консултира и останатите оператори за заедничко инвестирање. Исто така операторот ќе мора да обезбеди пристап до пасивна инфраструктура врз основа на разумно барање од други оператори.
Како што стои во соопштението од АЕК, сите заинтересирани страни кои сакаат да ги користат објавените радиофреквенции и во моментот на објава на јавната расправа за оваа Намера не поседуваат сопствени јавни радиокомуникациски мрежи на територијата на Македонија и не поседуваат одобрение за користење на радиофреквенции наменети за обезбедување на јавни мобилни електронски комуникациски мрежи/услуги во нашата држава, треба да достават писмо за искажување интерес најдоцна до 16,05.2025 година во архивата на Агенцијата на адресата: Агенција за електронски комуникации Кеј Димитар Влахов бр. 21 1000 Скопје.
Групацијата „4иГ“, преку својата филијала ОНЕ Македонија Телекомуникации, на 17 декември минатата година официјално достави писмо за намери до АЕК, каде изрази интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во земјата.
“Нашето истражување на пазарот покажа големи можности поради достапноста на опсегот на фреквенции и секако поради поддршката од регулаторната средина,” соопшти тогаш Групацијата, порачувајќи дека достапноста на фреквенцијата е од суштинско значење за градење на мрежата.
На 18 октомври минатата година Групацијата објави дека по неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, започнала со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија, со основање на подружница „ONE Macedonia Telecommunications“, а претходно раководството на компанијата потпиша меморандум за соработка со македонската Влада.
Вицепремиерот и министер за транспорт Алескандар Николовски тогаш во изјава за медиумите оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од 4iG Group ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги.
“Унгарската компанија 4иГ денеска официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега веќе АЕК треба да ја води постапката. Се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот, два оператора, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани, ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари,” изјави Николоски.
Според Извештајот за развој на пазарот на електронски комуникации во третиот квартал 2024 година, кој го објави АЕК на 15. месецов, вкупниот број на активни претплатници во мобилна телефонија заклучно со третиот квартал 2024 година достигна 2 095 819 и бележи раст за 9,7 проценти во однос на претходниот квартал, а за 1,05 проценти споредено со третиот квартал минатата година.
Последната новост на пазарот на мобилна телефонија во земјата се случи на 1 февруари 2022 година, кога со услуги стартуваше хибридниот виртуелен мобилен оператор М–Тел.
Податоците за учеството на мобилните оператори на пазарот на мобилна телефонија според бројот на активни претплатници заклучно со 30 септември минатата година покажуваат дека А1 Македонија учествува со 47,71 процент, Македонски Телеком со 46,66 проценти, Лајкамобајл има пазарен удел од 3,12 проценти, Телекабел од 1,20 проценти, МТЕЛ од 1,21 процент додека Греен Мобиле има пазарен удел од 0,10 проценти.
Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) имаат 1 732 063 претплатници, а пристап до интернет со широк опсег 544 937. Растот на квартално ниво кај претплатниците со мобилен интернет изнесува 11,75 проценти, а на годишно ниво 2,3 проценти.
АЕК во анализа на релевантиот пазар за завршување повик во мобилна телефонија што ја објави на почетокот на минатата година констатираше недостиг на пазарна конкуренција во мобилната телефонија. Укажува дека потенцијалната конкуренција може и добро е да се создава, но дека од аспект на структурните и легални бариери што постојат на пазарот, таа е ограничена и претставува бариера.