Со враќањето на животот во Македонија, почнуваат и интересни настани, кои едноставно привлекуваат со својата ексклузивност.

Имено, изложбата „Африкански лица“, со фотографии на реномираната македонска фотографка Билјана Јуруковски, каде ќе бидат претставени повеќе дела создадени за време на нејзините патувања низ Африка, ќе биде отворена во среда (16.06.2021) во 20 часот во Музеј на Република Северна Македонија.


Посебен интерес предизвикуваат прекрасните портрети на народот Сури, една од најизолираните заедници населени во Југозападна Етиопија. Преку оваа изложба посетителите ќе имаат прекрасна можност да се запознаат со архаичната култура на Сурите, но истовремено и да го посведочите уникатниот талент на фотографката Билјана Јуруковски.

По впечатливите изложби „Духовите на Африка“ и „Африка во Македонија“ одржани во нашиот музеј, кураторот Гоце Наумов преку изложбата „Африкански лица“, ја продолжува приказната за африканските култури.

Оваа изложба ќе биде пропратена и со негово предавање за народот Сури кое ќе се одржи на 23.06.2021 во 12:00 часот во Музеј на Република Северна Македонија.

Фотографии се преземени од фејсбук-страница на Билјана Јуруковски