Иако факултетското образование треба да биде бесплатно за студентите, тоа одамна не е така. Ректоратот на УКИМ побара мислење од факултетите за поскапи партиципации за студирање, што предизвика гнев кај студентските организации. 
Реагираа и од Независниот академски синдикат на Македонија (НАкС). НАкС, од своето основање во 2016-та година до денеска, се бори за воведување на транспарентен систем на финансирање во високото образование. 

Од таму велат дека се свесни дека постои проблем со финансирањето на јавните универзитети во државата. Но, според НАКС, универзитетите треба да предлагаат решенија кои се во насока на подобрување на транспарентноста на финансирањето и реализацијата на буџетот од Министерството за образование и наука, а не во зголемување на издатоците на грбот на студентите.

„Со ова подразбираме создавање јасна методологија за креирање на буџетот на Министерството за образование и наука, со воспоставени критериуми за распределба и реализација на средствата кон различните високообразовни и научни институции, и секако, критериуми по кои се формираат платите на кадарот во секторот високо образование и наука. Во вака поставениот систем, партиципацијата на студентите нема никаква улога. Студентската партиципација воведена пред 20-тина години, до нејзиното целосно укинување за достигнување на идеалот на бесплатно образование за кој НАкС се залага, треба да се користи исклучиво за подигнување на студентскиот стандард, вклучувајќи ги опремата и материјалите кои им се потребни за да бидат подобри студенти, а никако за покривање на другите трошоци на универзитетите. Одговорноста за финансирањето на високообразовните и научните установи припаѓа исклучиво на државата и ресорните министерства, а понатака на раководствата на универзитетите и факултетите“, велат академските професори. 

Потсетуваат дека од потребниот транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката, од 2018 година до денеска, реализирана е само последната алка – транспарентно формирање на платите на кадарот во секторот високо образование и наука од буџетот на МОН, и тоа како здружен напор на СОНК и НАкС, со гранковиот колективен договор од 2021 година. 

„Во меѓувреме не се направени никакви напори од државата и од надлежните тела да се постават другите столбови на финансиската транспарентност. Потенцираме дека зголемувањето на студентската партиципација само привремено ќе ги одложи реформите кои мора да се случат за одржливо финансирање на јавното високо образование и наука. Само транспарентен систем за финансирање во високото образование и науката може да обезбеди правичност, извесност и одговорност во финансирањето, кое би резултирало со поквалитетно образование и наука и повисок студентски стандард во Македонија“, велат од НАкС.  

Истражување: Финансиска транспарентност и отчетност во високото образование и науката 

Анализата на НАкС на кумулираните податоци покажува дека просторот за влијание во процесите на одлучување поврзани со финансирањето на јавните високообразовни и научни установи, кој во моментот е законски дефиниран и практично овозможен, е исклучително мал и не соодветствува со уставно гарантираната финансиска автономија на универзитетите.

Нивното истражување покажува дека при планирањето на трошењето во областа на високото образование и науката отсуствува видлива директна корелација меѓу стратешки определените приоритети на МОН и на Владата и на фактичките буџетски издвојувања поврзани со овие приоритети. 

Во истражувањето се наведува и дека отсуствува механизам за вклучување на универзитетите и високообразовните установи од страна на МОН. Се напоменува дека средствата што се вложуваат во образование во Македонија како процент од БДП бележат постојано намалување и се меѓу најниските во Европа. Најголем дел од расходите за високо образование се за тековни потреби, додека капиталните вложувања (во опрема, машини, згради и сл.) се минимални.

„Во однос на висината на платите во секторот, истражувањето покажува дека не постои единствен законски пристап во регулирањето на распределбата на средствата во високото образование. Не постои изедначен начин на пресметување на платите на јавните високообразовни установи, со што се создаваат услови за постоење огромни дискрепанции во висината на платите на вработените, дури и во рамки на иста установа. Споредено со земјите од регионот, платите на редовните професори кои се исплаќаат од основниот буџет кај нас се убедливо најниски. Кај нас тие изнесуваат 550 евра, а во сите земји од регионот (Косово, Албанија, Србија, Црна Гора) се над 1000 евра. Постојат и големи разлики во платите помеѓу јавните високообразовни установи. Највисоки се платите на ДУТ, па на УГД Штип. Лошата политика во однос на висината на платите, како и недостатокот на автономија при одлучување за вработувања дополнително ги влошува состојбите на универзитетите. Постои огромен недостаток од асистенти, а вкупниот број на асистенти и доценти е помал од бројот на редовни професори кои наскоро треба да заминат во пензија, со што може да биде загрозена реализацијата на наставната и на научната дејност“, се вели во истражувањето 

Анализата покажува дека со 0,35 % издвојувања од БДП за истражување и развој (во 2017 и 2018 година), Македонија се наоѓа на самото дно во Европа. За споредба, во стратегијата за раст на Европската Унија се предвидува издвојувањата за истражувања и развој да достигнат 3 % од БДП.

Од интервјуата извршени со ректори, проректори, декани и директори на универзитетите и институтите, може да се заклучи дека доминира мислењето дека државата не издвојува доволно средства за развој во високото образование. Потоа, не издвојува капитални инвестиции како што издвојува во основното и средното образование. Воопшто не издвојува средства за финансирање на научноистражувачката дејност, не постојат јасни критериуми по кои се врши распределбата на буџетот за високо образование меѓу чинителите во него. 
Од друга страна, наодите од прашалник доставен до 208 вработени во секторот покажуваат дека во однос на единиците (факултети/институти), наодите се дека е потребна поголема транспарентност и отчетност (појасни документи, подостапни, регулирање на сродни материи во еден документ и сл.), поголема будност на наставно-научниот и соработничкиот кадар и дека студентите се најголем мотиватор на професорите и оваа состојба треба да се негува.

Во истражувањето е спроведена и анкета на 482 испитаници во однос на перцепциите на јавноста за вреднувањето на академскиот труд во јавните високообразовни и научни институции. Испитаниците сметаат дека академскиот кадар посветува многу малку време на наведените обврски: одржување консултации со студенти, изготвување учебници и наставни помагала, обучување нови кадри, објавување научно-стручни трудови, професионално надградување, организирање научни собири, симпозиуми, конференции, преведување стручна литература и белетристика, како и учество во активности вон матичната институција (давање експертско мислење и советодавна улога). Единствена категорија каде испитаниците сметале дека академскиот кадар посветува многу и исклучително многу време е за учество на конференции, симпозиуми и слично.