Ако се земат во предвид последните пет години, се доаѓа до заклучок дека интересот за факултетска диплома во Словенија од година во година се зголемува. Од акамденската 2017/2018 година до 2021/2022 година, на државните универзитети во Словенија имало вкупно 5224 студенти од Македонија. 

Поради се поголемата бројност, Македонците кои студираат во Словенија, во март годинава и ја презентираа на јавноста и организацијата Македонска студентска организација во Словенија (МСОС). Нивната мисија е застапување на македонските студенти, а им помагаат и за олеснување на животот во оваа европска земја за време на студиите. 

Преку пораката „Запознај ја студентска Словенија“, неодамна членовите на настан во Скопје им ги презентираа на македонските студенти перспективите и можноста за вмрежување со академските граѓани во Словенија. 

Претседател на организацијата и нејзин основач е Кристијан Поповски. Тој е и студент на трета година на Економскиот факултет при Универзитеот во Љубљана. Негов став е дека Словенија отсекогаш била атрактивна дестинација за студенти од целиот свет. Поповски вели дека образованието го надминува границите, а иницијативите како „Запознај ја студентска Словенија“ се чекори кон посветла иднина за македонските студенти. 

„Малакумина знаат дека Универзитетот во Словенија преку Економскиот факултет ја спроведува својата програма во Македонија уште од 2005 година. Оваа соработка го збогати образовниот пејсаж. Тековната меѓународна магистерска програма - бизнис и организација, понудена од Економскиот факултет се спроведува целосно онлајн. Оваа програма совршено се усогласува со дигиталната ера, нудејќи на македонските студенти настава по светска класа од домовите. Уписите за оваа програма беа до 25 септември 2023 година. Нашата организација започна соработка со Економскиот факултет. Ова партнерство има за цел да ги зајакне врските и да обезбеди можности за македонските студенти академски да напредуваат“, вели Поповски.  

Еден поинаков систем на образование

Киара Лазиќ е трета година на Медицинскиот факултет во Љубљана. Воедно, таа е и координаторка на тимот  за комуникација на македонската студентска организација во Словенија. Накусо, ја раскажа нејзината приказна како стигнала да студира во Словенија. 

„Во Скопје, учев во гимназијата Корчагин. Сакав да студирам медицина во странство и дестинацијата само се менуваше. Во основно учев германски, но, одев на курс по француски. Во четврта година дојде тој пресуден момент на истражување кога требаше да одлучам каде навистина да одам. Кога почнав малку подлабоко да истражувам програмите за факултетите и што се ми нудат, разбрав дека Франција повеќе е базирана на истражувања, што во моментот не ми беше приоритет. Во Германија имаше дополнителни испити што требаше да ги полагам бидејќи нашите програми не се поклопуваа со нивните. Словенија беше доста атрактивна и кога јас се запишував и ми го привлече вниманието. Разбрав дека сите факултети во Словенија се добро рангирани во Европа. Медицинскиот факултет во Љубљана беше на 340 место на Шангајска листа што е многу добро рангирано. Секако, тука беа и многу поволности што ги нуди Словенија како што се бесплатно студирање, вложување во студентите, транспорт и храна. Беше сплет од повеќе фактори. Но, гледајќи од оваа перспектива, мислам дека беше најпаметната одлука што ја направив“, се сеќава Лазиќ на почетоците.  

На Медицинскиот факултет започнале со вежби уште првиот ден. Најголемиот дел од денот го поминувала на факултет. 

„Првиот момент кога сфатив што направив, беше по првата испитна сесија во јануари. Тогаш сфатив всушност колкав успех ние студентите од странство бележиме и дека буквално на некој што во матичната земја му е тешко да заврши една испитна сесија успешно, замислете како му е тоа на некој кој заминува во земја во која не разбира ништо, се прилагодува на нова култура, начин на живиот. Буквално нов начин на учење, бидејќи учат многу поразлично од нас“, раскажува Лазиќ.  

Во однос на јазичната бариера, вели дека на Медицинскиот факултет во Љубљана има и писмен и усмен дел. Професорите имаат разбирање за јазичниот проблем, прашуваат дали студентите се странци, начинот на кој се учи во земјата од каде потекнуваат, дали се соочуваат со преголеми разлики во образовниот процес. 

„Првата година всушност мојата социјализација беше над книгите. Постои „Централна техничка книжница“, тоа е бесплатна библиотека за сите студенти и супер место каде може да учите. Има и голем број  студентски организации – можам да кажам дека Универзитетот во Љубљана има добра структура. Секој факултет има добра студентска организација, со која подоцна се поврзуваат сите студентски организации од посебните факултети во студентско Собрание. Тоа што е студентска организација не значи дека само ќе учите, организираат патувања, екскурзии и е добро место да запознаете колеги и да соберете многу искуство. Тоа е еден од најдобрите совети кога некогаш сум ги добила е од старите генерации кои го поминале истото што го поминувам и јас“, објаснува Лазиќ.  

И студентка и ментор на помалите генерации 

„Вие во главата имате поголеми очекувања отколку што некој пациент ќе ги има некогаш од вас“. Овој совет, Лазиќ вели дека е најдобриот што го добила од професор на Медицинскиот факултет. Според неа, на студентите си ставаат поголем притисок и очекувања отколку некој друг ги има од нив. Вели - дајте си време да се прилагодите, за да не се разочарате. 

Нејзин совет, пак, за студентите во Словенија е да бараат совети од претходни генерации, да побараат консултации како да го учат предметот, а и самите професори даваат прашања од претходно за да знаете на што да се фокусирате.  

„Кај нас повеќе е базирано на она што го пишува во книга, во истата форма да го најдеш на тест. Во Словенија го форсираат можеби она што е тренд во Америка. Тука е повеќе базирано на логика, прашањата не се буквално од книга. Но, мора да го познаваш целиот материјал од книга и на самиот испит да размислуваш кој би бил одговорот. Се учи на начин на поврзување на работите, нешто што нашиот образовен систем не го овозможува тоа. Пред да одам на предавање ги добивавме презентациите, одев на сите предавања и вежби, допишував свои забелешки и ќе седнеш викендов дома со сите извори ќе ја добиеш цела слика на глава. Ако не знаеш јазик, треба англиска литература за сите предмети е достапна, а и бесплатно се позајмува книги од библиотеките“. Покрај студент, јас сум и ментор на овие кои се генерација помали од мене. Тоа работи на принципот - кога ќе ја завршиш успешно годината, факултетот ти се обраќа, нудејќи ти да станеш ментор и ти доделува двајца студенти. Ти ги добиваш нивните информации, комуницираш со нив, ги седнуваш на едно кафе, се запознавате. На менторите можат да им се обратат од технички прашања во документите кои ги поднесуваат, до образовниот систем до каде можат да се социјализираат во Словенија. Тоа е систем кој одлично функционира“, заклучува Лазиќ.  

И покрај големиот интерес, се уште голем број на студенти се соочуваат и со бирократски проблеми за аплицирање за аплицирање за студирање во Словенија. Како најголем проблем од студентската организација го посочуваат големиот број на документи кои се потребни, па неретко апликациите завршуваат како непотполни. Пред воопшто да се одлучат за аплицирање и пред заминување во Словенија, им препорачуваат на студентите да се консултираат за какви било прашања во словенската амбасада во земјава, која е достапна за сите дилеми секој понеделник, среда и петок.