Во текот на минатата недела по трагедијата во Кочани се појавија голем број на повици за донации за семејствата на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“. Во трагедијата загинаа 59 лица, а беа повредени над 180.

Многу граѓани, потоа совети на општините одделија финансиска помош, таков чекор преземаа и приватни компании, деловни банки, граѓани и политичари од други земји, разни домашни и странски фондации, средни училишта во земјава, фудбалски навивачи...

За помош се понудија и преживеани во романската дискотека „Колектив“ на 30 октомври 2015 година.

Во државата, сепак, најголемата помош досега е собрана преку Црвениот крст на Северна Македонија. До 23 март, уплатени се близу 874.000 евра. Телефонските линии ќе бидат отворени и во следните седум до 10 дена.

„Црвениот крст беше одреден како точката каде ќе се собираат средствата. Тоа мислам дека коректно го правиме“, рече вчера на прес - конференција првиот човек на организацијата, Саит Саити.

Во досега донираните пари, 12 милиони денари се од телефонски повици на граѓани. Но, има и граѓани кои уплаќале по 200.000 денари директно на сметката на Црвениот крст. 

Во вкупната сума, влегуваат и донациите од банките, општините и други правни субјекти. Кои сѐ се тие, Саити рече дека на крај кога ќе заврши акцијата, ќе ги објават приливите, дневните изводи на сметката и извештаите за исплата на парите.

Саити посочи дека собирањето на личните податоци на настраданите и добивање согласност за нивно користење се предизвик кој го успорува процесот на исплата на паричната помош и дека за негово надминување се вложувале натчовечки напори.

„Не би било добро Црвениот крст да критикува, за да не нѐ сфатат дека само ние сакаме да бидеме единствените. Гледаме дека има разноразни платформи кои се лиферуваат по мрежите, има една акција во Кочани, која е таква каква што е. Ние не би се осудиле како Црвен крст да користиме личен податок да го објавиме и некој да го користи. Не знаеме утре што може да се случи, може тие да се злоупотребат, може да се предмет на друга измама, така што ќе се придржуваме по законот и по цена да бидеме критикувани“, одговори Саити. 

Платформата за која говори Саити е supportkochani.com, креирана за донација за секој од повредените во трагедијата. Целта, како што стои на сајтот, е да се олесни пристапот за директни донации до семејствата на повредените.

„Сите податоци се објавени со доброволна согласност од родителите или нивните блиски. Собраните средства за секое лице ќе бидат објавени, за помошта да оди таму каде што е најпотребна. Податоците за износот на донациите објавени за секоја сметка се само врз основа на информациите што ни биле испратени од донаторите. Ние не можеме да гарантираме дека прикажаните суми се 100% точни, бидејќи немаме целосен увид во сите уплати“, се наведува на страницата.

Обиди за измама

На социјалните мрежи се проширија објави на македонски државјани од дома и странство, кои нудат финансиска помош за семејствата и роднините на настраданите.

Еден од таквите примери е на Воислав Дабевски, кој живее во Осло, Норвешка, каде се лекуваат дел од повредените од пожарот. Но, при неговите два наврата да помогне, се соочил со обид за измама за пари од луѓе кои лажно се претставувале за блиски на настраданите.

„Значи утре некој погоден од трагедијата во Кочани да побара помош, човек нема да му верува“, пишува тој.

Повиците и доброволните акции за донации за настраданите во кочанската дискотека „Пулс“ започнаа непосредно по трагичниот настан на 16 март. Од Министерството за внатрешни работи не одговорија дали до нив се поднесени пријави за злоупотреби, но, будно ги следат социјалните мрежи.

Секторот за компјутерски криминал при МВР има постапено по две објави на социјалните мрежи за лажни донации, лицата кои се инволвирани се утврдени и се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Од Црвениот крст апелираат граѓаните да внимаваат каде донираат пари. 

Акции и разни платформи за донации во странство

Десетици кампањи за донации се активни и на интернационалната веб - страница „GoFundMe“, за семејствата на загинатите и повредените во пожарот.

До овој момент, тие се се уште активни, а илјадници донатори уплатиле повеќе од 200.000 долари, одговарајќи позитивно на повиците за финансиска помош на многубројни организатори.

Најмногу одѕив има на донаторската акција на црквата Св. Кирил и Методиј во Чикаго. До овој момент, собрани се нецели 20.000 долари од 145 донатори.

„Св. Кирил и Методиј Македонската православна црква гарантира дека 100% од собраните средства ќе бидат донирани за жртвите од овој страшен настан. Исто така, црквата заложува дополнителен/посебен финансиски придонес од сопствената каса. Св. Кирил и Методиј е регистрирана непрофитна организација и, како таква, ужива пониски давачки за gofundme.com за сите свои добротворни кампањи“, пишува во објавата.