Македонска берза ја заврши 2023 година со вкупен промет од 75 милиони евра  што во однос на 2022 година е намален за 37,97 проценти. Намалување од 37, 61 отсто во однос на претходната година бележи и прометот во бест системот, каде лани е реализиран промет од 47 милиони евра, а исто така пад од 26,92 проценти има и во блок трансакциите со кои минатата година е остварен промет од 28 милиони евра. Секако надолниот тренд е резултат и на намалениот број на трансакции за 30,66 проценти на годишно ниво.  Ова се податоците од  годишниот берзански билтен на македонскиот пазар на капитал.

Но без разлика на намалувањето на обемот на тргување кои во најголем дел се последица на големата економска нестабилност во глобални рамки, сепак македонскиот пазар на капитал има континуирано стандардни атрактивни и интересни акции за инвеститорите.

И минатата година на врвот  како најтргувани акции од котираните друштва на берзата, но и на официјалниот пазар се акциите на Комерцијална банка Скопје. Практично преку 4.396 трансакции се истргувани 94.362 акции со кои е реализиран промет од 25.615.957 евра, што претставува 53,65 отсто од вкупниот берзански промет. Пазарната капитализација на крајот на годината достигнува вредност од 527 217 866 евра. Инаку акцијата на најголемата македонска банка во текот на целата година нема големи ценовни осцилации и се движи од минимум 11.500 до максимум 14.700 денари или во просек од 12.509, 55 денари. Номиналната вредност на една акција од Комерцијална банка е илјада денари а се издадени вкупно 2.279.067 акции.

Акцијата на Комерцијална банка е и во топ петте акции со најголем раст за минатата година. На оваа листа е на петто место, завршувајќи ја годината со 14.227 денари за акција, или растот е за 21,28 отсто во однос на декември претходната година.

На листата на најтргувани на второто место и меѓу котираните и на официјалниот пазар на Македонска берза се наоѓа акцијата на нашата реномирана фармацевтска компанија „Алкалоид“ АД Скопје. Друштвото има издадено вкупно 1.431.353 акции по номинална вредност од 25,65 евра. Во текот на минатата година тие по просечна цена од 17.781,93 денари преку 2.106 трансакции оствариле промет од 8.340.537 евра, што претставува 17,47 процентно учество во прометот на берзата. Минатогодишната пазарна капитализација на друштвото  е над 422, 5 милиони евра. 

Според бројот на трансакции, 1.131 но, и според висината на прометот од пет милиони евра, акцијата на НЛБ Банка е третата најтргувана акција од котираните друштва и трета најтргувана на Официјалниот пазар на берзата. Со овој промет НЛБ учествува со 10,63 проценти во вкупниот берзански промет, а остварила пазарна капитализација од 410,1 милион евра. НЛБ Банка емитувала 854.061 акција по номинална вредност од илјада денари.

По овие три, на листата најтргувани акции од котираните друштва на берзата се акциите на „Реплек“ со кои преку 133 трансакции  е остварен промет од 3.805.367 евра. Оваа фармацевтска куќа има издадено 25.920 акции со номинална вредност од 562,42 евра. Во текот на тргувањето цената се движела од минималните 75.000 до максималните 95.000, со што е постигнат просек од 81.947,64 денари. Пазарната капитализација е во износ од 39,18 милиони евра.

Акциите на нафтениот дистрибутер „Макпетрол“ секогаш се меѓу најинтересните за инвеститорите. Минатата година тие се на петата позиција како најтргувани акции од котираните компании и четврта според бројот на трансакции на Официјалниот пазар. Преку 648 акции со просечна цена од 65.918,33 денари остварен е промет од 2.612.204 евра и пазарна капитализација од 117,6 милиони евра. Макпетрол има издадено има издадено 112.382 акции по номинална вредност од 511,56 евра.

Стопанска банка Скопје, е пета на листата на најтргувани акции на Официјалниот пазар, со вкупен промет од 1,9 милиони евра, што е 3,88 отсто од вкупниот промет остварен на берзата минатата година.  Истргувани се 87.879 акции преку 626 трансакции. Од оваа банка се емитувани 17.460.189 акции по номинална вредност од 201.10 денари.

 Меѓу 10-те најтргувани акции на официјалниот пазар се и акциите на Гранит, УНИ банка Скопје, Стопанска банка Битола, ТТК Банка Скопје и погоре споменатиот Реплек.

Според податоците во билтенот, акција со најголем раст во 2023 година,  убедливо е акцијата на компанијата „Оранжерии Хамзали Струмица“, која бележи раст  за 53,23 проценти на годишно ниво.

На второ место според порастот е акцијата на нашата нафтена рафинерија ОКТА, и тој изнесува 42,57 отсто во однос на 2022 година. Третата позиција ја има УНИ Банка чија акција има зголемување за 41,3 отсто, а четврта е НЛБ Банка, со 24,64 отсто.