Македонска берза последниот месец од 2023 година го заврши со вкупен промет од 326.270.141 денари, што во однос на ноември бележи пад од 6,04 отсто. Намалувањето на вкупниот промет е резултат на намалениот број на трансакции за 18,85 отсто, така што во декември се реализирале само 1.145 трансакции, од кои само две блок трансакции, додека останатите 1143 се остварени во класично тргување, стои во месечниот статистички билтен на берзата.

Според бројките во билтенот, со овие трансакции иако за мал процент сепак се зголемила пазарната капитализација на акции за 0,81 отсто во однос на ноември.
Според структурата на прометот , најголем дел, 97,24 проценти е остварен на Официјалниот пазар во вредност од 5.159.219 евра. На редовниот пазар се истргувани акции во вредност од 2.117 евра преку седум трансакции, додека направени се и две блок трансакции во износ од 144.397 евра.
Десетката од најтргувани акции на Официјалниот пазар во декември ја сочинуваат Комерцијална и НЛБ Банка, Алкалоид, Макпетрол, Стопанска Банка Скопје, Македонијатурист Скопје, Македонски Телеком Скопје, ТТК банка, Гранит Скопје и УНИ Банка. Тие преку 1.002 трансакции реализирале промет од 4.275.222 евра. Комерцијална Банка Скопје, НЛБ Банка ад Скопје и Алкалоид Скопје се на врвот на оваа десетка и учествуваат со 72,63 проценти во промет на Официјалниот пазар. И тоа Комерцијална банка Скопје со 43,65 проценти. Всушност преку 381 трансакција истргувани се 8.035 акции, со кои остварила промет од 1.866.068 евра. Со 16, 88 проценти во вкупниот промет на Официјалниот пазар како втора најтргувана акција учествува НЛБ Банка ад Скопје, која остварила вкупен промет од 721.657 евра, преку 129 трансакции на 1515 акции. Додека Алкалоид со истргувани 1.749 акции направил промет од 517.317 евра, што претставува 12,10 проценти во вкупниот промет на 10-те најтргувани акции. Инаку во оваа десетка, Македонски Телеком има најголем број на истргувани акции 16.014 со што практично има и најголема пазарна капитализација на акции (36.782.923.764 денари).
Најголем раст на Официјалниот пазар бележат акциите на ФЗЦ„11 Октомври“ Куманово од 33,33 проценти, УНИ Банка Скопје од 10 проценти, Реплек Скопје од 7,83 отсто, Македонијатурист Скопје од 6,09 и ТТК Банка Скопје од 5, 12 отсто.
Најголемо опаѓањее забележано кај акциите на Раде Кончар- Апаратна техника Скопје за минус 30 проценти. Потоа, кај акциите на Витаминка од Прилеп има пад за 1,38 отсто. И со предзнак минус од 0,78 отсто се акциите на Макстил, со минус 0,31 Макпетрол и со пад од 0,25 акциите на најтргуваната компанија Комерцијална банка.
Вредноста на МБИ10 на 28 декември, последниот ден на тргување изнесува 6.116, 23 поени, тоа е всушност и максимална вредност што е забележана во декември. Додека минимална вредност МБИ-10 забележува на 11 декември- 6.053,59 поени. Вредноста на индексот на месечна основа бележи нагорен тренд од 1,16 проценти, и раст од 18,21 отсто во однос на последниот ден на тргување во 2022 година.