„Алкалоид“ АД Скопје како континуиран поддржувач на македонското здравство и фармација, уште еднаш ја покажа својата општествена одговорност донирајќи дел од своите производни количини на иновативнaта формулација на „Омепразол“ во течна форма за олеснување на пристапот до соодветен третман кај детската популација. Донацијата во вредност од 12.520.800 денари е наменета за ЈЗУ Универзитетската клиника за детски болести и на ЈЗУ Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата, Козле.

Според процената на двете здравствени институции, преку оваа донација, со соодветна терапија ќе бидат покриени околу 200 деца во времетраење од една година.

Препаратот „Омепразол“ во течна форма – готов за употреба, е наменет пред сѐ за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) кај мали деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасни пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациенти со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).

Иновативноста на овој нов производ се базира на два посебни раствори содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен „Омепразол“ за употреба. Производот има пријатен вкус на лимон и ментол и не содржи шеќер, сорбитол и бои.

Благодарност за донацијата изрази доцент д-р. Валентина Цејовска Чолаковска медицински директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје.

– Задоволство што сум дел од овој настан- Благодарност до компанијата која долги години не поддржува во лекувањето на децата. И овој пат со промовирање на новата форма на лек за ретката болест кај децата, за нивната посветеност и изнаоѓање на нови лекови со кои ни овозможуваат да ги лекуваме нашите пациенти по најнови и најсовремени протоколи признати за голем број на болести. Благодарни сме на нивната поддршка и се надевам дека таа ќе се продлабочува во  сите години.

За донацијата се заблагодари и Д-р спец. Весна Џамбазовска од ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата, Козле.  „Благодарност и од универзитетската клиника за укажаната чест од  ‘Алкалоид’ која како одговорна општествена компанија отсекогаш знаела да ги препознае потребите за пациентите и да застане на нивна страна. Тоа е случај и со овој нов препарат Омперазол во течна форма, којшто беше повеќе од потребен кај доенчињата и малите деца – каде диететскиот режим сам по себе не е доволен и има потреба од медикаментозен третман за апликација, преку полесен начин на дозирање, што секако претставува олеснување не само за пациентите туку и за родителите и за нас како здравствени работници.“

 Омепразол во течна форма е голема гордост на компанијата и и на државата

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов на прес конференцијата по повод оваа донација за детските клиники, нагласи:

-Прво една голема благодарност до нашите колешки и колеги кои работеа на развојот на овој производ – Омепразол во течна форма е голема гордост на компанијата и навистина е чест и задоволство да се води компанија во која млади научници развиваат еден производ кој е уникатен од ваков вид и кој на светско ниво претставува нешто што е конститутивно и голема гордост и за нас како компанија, но и за Република Македонија зашто знаеме колку е важна науката за одење напред и колку е важно тоа за државата да се развиваат сегментите за истражување и развој во вистинска насока. И секако тоа е еден комплимент за образовниот систем во државата кој знаеме дека се соочува со доста предизвици во последниот период.

Сметам дека со оваа донација за една ранлива категорија на наши граѓани придонесуваме за олеснување на процесот на нивното лекување и од друга страна за подобрување на квалитетот на живот на малите деца кога станува збор за одредени дигестивни нарушувања, затоа што сме свесни дека тоа е сериозен предизвик за нив. Имајќи го предвид нашиот врвен приоритет: Луѓето и здравјето пред се, уште еднаш покажуваме дека како компанија сме тука да помагаме онаму каде што е потребно. Природната заедница во која делуваме е најважна за нас и особено кога се во прашање нашите најмлади и најдраги- дечињата – тука секогаш може да сметате на Алкалоид како на компанија која  е спремна, гордо застаната и ќе биде  партнер на македонското здравство и на македонската фармација во сите ситуации кога треба да помогнеме и од друга страна да развиваме нови модерни форми на медицински средства кои се потребни за нашите граѓани.“