Визијата на „Алкалоид“ како глобално ориентирана компанија да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција се основа и на новиот бизнис план за 2025 година. Натамошен развој, иновации, инвестиции, освојување пазари и отоворенос за нови партнерства се дел од планот што би требало да донесат повисоки деловни остварувања во Новата година.

Компанијата е во секојдневно остварување на сопствената мисија за поздрав свет, супериорен квалитет на производите и на услугите, висока професионалност и континуиран успех. Притоа, императив претставува заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, и на сите вклучени страни.
Исто така, се стремат кон изразена конкурентност и пазарна позиција. „Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет, применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди“, е пораката на „Алкалоид“ и за 2025 година.
Бизнис план за 2025
Според резимето за Бизнис-планот за 2025 година, приходите од продажбите што ќе се реализираат идната година, треба да се повисоки за осум проценти од оостварувањата во оваа 2024.
Планот предвидува консолидирани продажби од над 332 милиони евра. И тоа, 90 отсто од продажбите се планирани во Профитниот центар Фармација, а 10 проценти за Хемија, козметика и билкарство.
„Алкалоид“ е компанија која делува глобално, па оттаму и очекувњата дека 68 отсто од консолидираните продажби ќе се остварат од извоз, а 32 процнти на домашниот пазар.
Планираниот биланс на успех предвидува раст од девет проценти кај консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). А, пак, консолидиранaтa нето-добивка би требало да се зголеми за најмалку седум проценти во однос на очекуваната за годинава.
Инвестиции
Вложувањата продолжуваат и во 2025 година. Во план е инвестирање на околу осум отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.
„Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении Алкалоид АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра“, велат од компанијата.
Тука се напоменува дека во текот на последниов месец од 2024 година е регистрирано ново капитално поврзано друштво – „Алкалоид Енергетика“ ДООЕЛ Скопје, каде што ќе се произведува електрична енергија. Фотоволтаичната централа што ќе се гради во Гевгелија, со производен капацитет од околу 11 илјади мегават-часови годишно, ќе обезбеди 75 до 85 проценти од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на компанијата. Практично со овој проект Алкалоид ги потврдува заложбите за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESG стратегија и напорите за одржлив развој.
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во 2025 ќе има вложувања за зголемување на капацитетите во Контрола на квалитет – фармација. Планот предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 метри квадратни.
„Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи“, стои во бизнис -планот за 2025 година што го објави компанијата.
Бизнис-планот во 2025 година предвидува раст од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.
„Алкалоид“ е навлезен во деветтата деценија од постоењето. Станува збор за акционерско друштво во чии рамки работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство. Компанијата има пет капитално поврзани друштва во земјава и 22 капитално поврзани друштва и две претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, Казахстан, САД, Велика Британија и Романија). Зад големите деловни остварувања стојат залагањата на 2.300 вработени на домашен терен и 730 надвор од границите на државата. А, оваа бројка се планира да се зголеми за уште 100 нови вработувања во следната година.
Потврда за сериозниот однос во работата и бизнис предизвиците дава и акцијата издадена од „Алкалоид“, која котира на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2024 година се движеше од 18.151,00 до 29.000,00 денари или просечно 21.715,11 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2024 година изнесуваше 28.299,00 денари.
Пазарната капитализација на компанијата во декември 2024 година изнесува 40 милијарди денари.