Според единечниот биланс на успех за 2023 година, продажбите на „Алкалоид“ достигнуваат 12.261.902.275 денари, што е за 16 проценти повеќе во споредба со истиот период од 2022 година. За исто толку проценти се зголемени и вкупните консолидирани продажби и достигнуваат 16.512.977.886 денари, објави компанијата.

Најголем раст на извозот во Канада

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 13 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17  проценти. Од вкупните консолидирани продажби 31 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 проценти се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22  отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 17 проценти, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај поголемите извозни пазари, во споредба со 2022 година, бележат продажбите остварени во Канада, кои се зголемени за 62-пати; потоа во Италија, каде што се зголемени за 35-пати; во Јужна Африка за петпати; во Чиле повеќе од четирипати, како и во Чешка и во Велика Британија, каде што се зголемени за повеќе од двапати.

Потоа следува извозот на пазарите во Монголија (раст од 87  отсто), во Ерменија (раст од 69 проценти), Романија (раст од 66 проценти), Албанија (раст од 33 отсто), Украина (раст 26 отсто), во Бугарија (раст од 15  отсто), Хрватска (раст од 13 проценти), Босна и Херцеговина (раст од 11  проценти), во Србија (раст од девет проценти) итн.

Фармацевтските производи зафаќаат најголем дел од продажбата

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби компанијата објави дека најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90  проценти. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 отсто, препаратите ОТЦ со 19 отсто, невролошките препарати со 12 отсто, кардиолошките препарати со 12  отсто од вкупните консолидирани продажби итн.

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 проценти во вкупните консолидирани продажби. Односно, хемија учествува со два проценти, козметика со седум, а билкарство учествува со еден процент.

Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 18  проценти, а козметика раст од 10 отсто.

Инвестиции и резултати

Компанијата бележи и континуиран развој. За таа цел во основни средства лани вложила 1.741.561.257 денари, што претставува раст од 18 проценти во споредба со 2022 година. Ваквото зголемување на инвестициите се должи на најголемиот инвестициски проект на „Алкалоид“ во последните 20 години – новото производствено одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.572.485.548 денари( 41,7 милиони евра), бележи зголемување од околу осум проценти, а исто толку е зголемена и единечната нето-добивка, која изнесува 1.520.546.813 денари (24,7 милиони евра).

И консолидираната добивка има осумпроцентен раст. Пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.750.020.561 (44,6 милиони евра). Исто толкав процентен раст бележи и консолидираната нето-добивка и изнесува 1.576.864.006 денари (25,6 милиони евра).

При извршувањето на оперативните активности „Алкалоид“ АД Скопје ангажирал повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Посакуван работодавец

„Алкалоид“ последниве години е еден и од најпосакуваните работодавци во земјава. Минатата година компанијата реализирала 232 нови вработувања. Групацијата Алкалоид има вкупно 2.843 вработени, од кои 2.155 се во земјава, а 688 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство. Инаку вработените во Алкалоид во март 2023 година добија регрес за користење годишен одмор од 36.500 денари. Додека во декември на вработените им се исплати и новогодишен надоместок од 34.000 денари.

Акциите меѓу најтргуваните на берза

Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во текот на ланската година се движеше од 17.199,00 до 18.500,00 денари или просечно 17.781,93 денари за една акција.

На последниот  ден од 2023 година акциите на „Алкалоид“ АД Скопје беа во сопственост на 5.487 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 26 милијарди денари.

 Што се однесува до дивидендата, акционерите лани за акција добиле нето-износ од 441 денар (од добивката остварена во 2022). Во вкупно исплатен бруто-износ од 701.363 илјади денари (11,4 милиони евра).

Бизнис-план за 2024 година

Повеќе од веројатно е дека годинава компанијата ќе ги надмине досегашните рекордни нивоа. Само за потсетување, оваа 2024 веќе е обележана со знакот на „Алкалоид“, преку иновативното решение кое има третман на светско историско достигнувања – „омепрезол“ во течна форма.

Според Бизнис-планот за 2024 година, компанијата предвидува инвестирање на околу 10 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 отсто на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од седум проценти на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година.

Од компанијата се јасни: „Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојно-истражувачките проекти. На тој начин, со создавање на конкурентно портфолио и можности ќе се шират и пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти.“