„Алкалоид“ лани со 13 отсто поголема нето-добивка и инвестиции од 1,5 милијарди денари. Со оствари 210 нови вработувања и забележителен раст на консолидираните продажби од девет проценти. „Алкалоид“ АД Скопје, овие позитивни финансиски резултати за 2020 година искажани преку  неревидираните, единечен и консолидиран биланс на успех ги достави до Македонска берза.

„Алкалоид“ лани со 13 отсто поголема нето-добивка и инвестиции од 1,5 милијарди денари

Приходи од продажби


Според единечниот биланс на успех, во 2020 година, продажбите достигнуваат 9.188.259.186 денари. Споредено со истиот период од минатата година тоа е повеќе за девет проценти. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.132.328.349 денари,. Тоа е исто така повеќе за девет отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони


Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за  девет проценти. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за исто толку проценти. Од вкупните консолидирани продажби, 35 отсто се остварени на домашен пазар, додека 65 проценти се остварени на странските пазари.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33 отсто. Во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20 отсто. Во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10 отсто. Додека на другите пазари се остварени два проценти од вкупните консолидирани продажби.

Најголем раст на продажби од 44 отсто е остварен во Чешка. Извозот кон Албанија бележи раст од 42 отсто, кон Грузија 31 отсто. Во  Унгарија раст од 29 отсто и  Ерменија раст од 20 проценти. Потоа во Бугарија раст од 18 отсто, Романија раст од 15 отсто, Србија раст од 14 отсто, Словенија раст од 12 проценти, Русија раст од 10 отсто итн.

Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари.

Продажби според групи производи


Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87 проценти. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22 отсто, антибиотиците со 16 проценти, кардиолошките препарати со 14 проценти. А, невролошките препарати заземаат 13 проценти од вкупните консолидирани продажби итн.

Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13 отсто во вкупните консолидирани продажби. Поточно хемијата учествува со два отсто, козметиката со осум отсо, а билкарството учествува со три проценти.

 


Резултати од работењето


Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), изнесува 1.959.849.982 денари. Таа, бележи зголемување од околу 10 проценти. Додека единечната нето-добивка изнесува 1.142.650.910 денари и е зголемена за 13 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.077.934.491 денари и бележи раст од 12 отсто. Додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.167.484.742 денари е зголемена за 15 проценти.

Инвестиции


Вкупните инвестиции во основни средства во 2020 година изнесуваат 1.571.227 илјади денари и се поголеми за 44 проценти во однос на 2019 година.

Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.

Вработени


Минатата година во „Алкалоид“ се реализирани 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година во „Алкалоид“ во земјава има 1.832 вработени. Додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени или вкупно 2.392 вработени во групацијата.

Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2020 година беше одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето. Во декември 2020 Управниот одбор по одобри и исплата на новогодишен надоместок во нето износ од 25.000 денари.

Податоци за акциите


Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.499,00 денари или просечно 12.174,86 денари за една акција, што претставува раст од 28% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесуваше 18.9 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година


Според Бизнис-планот за 2021 година, „Алкалоид“ АД Скопје, предвидува инвестирање на околу 12 проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од седум отсто на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и исто толкав раст на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот.