Алкалоид лани со инвестиции oд 1,2 милијарди денари, со 214 нови вработувања во земјава и со раст на консолидираниот профит од 12 проценти, стои во годишниот финансиски извештај.

 Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во 2021 година продажбите достигнуваат 9.559.754.748 денари, што е за четири проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.794.180.346 денари, што е за пет отсто повеќе во споредба со истиот период од 2020 година.

Продажба според региони


Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за четири проценти, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за шест проценти. Од вкупните консолидирани продажби 35  отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 проценти се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32  отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19  отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 13  отсто, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 160 %), Полска (раст од 131 %), Украина (раст од 47 %), Русија (раст од 45 %), Унгарија (раст од 30 %), Бугарија (раст од 16 %), Чешка (раст од 12 %) итн.

За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби во Германија, Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.

Продажба според група производи


Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 проценти. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 21 отсто, препаратите ОТЦ со 20 отсто, кардиолошките препарати со 14 проценти, невролошките препарати заземаат 13 проценти од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12  отсто во вкупните консолидирани продажби. Поточно хемијата учествува со два, козметиката со осум, а билкарството со два проценти.

Алкалоид лани со инвестиции oд 1,2 милијарди денари

Инвестиции


Алкалоид лани со инвестиции во основни средства во износ од 1.186.124.984 денари.

 Резултати од работењето


Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.190.776.155 денари, бележи зголемување од околу 12 проценти, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.281.405.704 денари и е зголемена исто така за 12 проценти.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.302.590.062 денари и бележи раст од 11  проценти, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.304.959.925 денари е зголемена за 12 проценти.

При извршувањето на оперативните активности Алкалоид АД Скопје ангажираше 1.055 домашни добавувачи.

 Вработени


Лани во Алкалоид АД Скопје се реализирани 214 нови вработувања во Македонија. Вработените добија и регрес за користење годишен одмор во висина од 100 отсто од просечната исплатена нето-плата по работник во претходните три месеци во Македонија. Исплатениот надомест по вработен изнесува 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Во декември 2021  по повод Јубилејот 85 години АЛКАЛОИД, одобри исплата на награда за вработените во нето износ од 28.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.528 вработени, од кои 1.942 се во базата во Скопје, а 586 се вработени во подружниците во странство.

 Податоциза акциите


Акциие на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во минатата година се движеше од 13.300,00 денари до 18.501,00 денари, или просечно 15.799,55 денари за една акција, што претставува раст од 29,8  проценти во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година.

На 31.12.2021 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.170 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 26,4 милијарди денари.

 Бизнис – план за 2022 година


Бизнис –планот за тековнава година донесен со одлука на Управниот одбор на компанијата , предвидува инвестирање на околу 14  проценти од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства. Потоа раст од  осум проценти на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од  седум отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2021 година.

Бизнис-планот за 2022 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2022 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис- планот.

 Очекување за престојниот период


Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.

Во согласност со очекувањата, во текот на 2021 година здравствената криза се претвори и во економска а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд веќе започна уште во 2021 година, а ќе доминира во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во 2022 година. Земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, АЛКАЛОИД АД Скопје превзеде неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.

Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.