„Алкалоид„ АД Скопје четврта година по ред ја добива довербата на јавноста и е прогласен за победник во категоријата „Најпосакуван работодавач“ за 2025 година според анкетата на веб-порталот „Вработување.ком.“

Наградата се базира на национално истражување за перцепцијата и искуствата на граѓаните поврзани со работодавачите во Македонија.
Од „Алкалоид“ велат дека континуитетот на ова признание за нив има посебно значење, бидејќи ја одразува доследноста во градењето на организациската култура.
– Континуитетот на ова признание за нас има особено значење. Тој зборува за доследноста во начинот на кој ја градиме нашата работна култура – отворена, стабилна и ориентирана спрема луѓето – велат од компанијата.
Во компанијата веруваат дека силната организација започнува со здрави вредности, јасни професионални стандарди, високи етички норми и со заемна доверба затоа што успехот на компанијата произлегува од нејзините вработени.
Според нив, вработените се клучниот двигател на развојот на „Алкалоид“. – Луѓето се суштината на сè што правиме. Нивната експертиза, мотивираноста и одговорноста се темелот врз кој се развива нашата компанија, па затоа грижата за нивниот професионален и личен напредок останува еден од нашите клучни стратешки приоритети – велат од „Алкалоид“.
Компанијата најавува дека и во иднина ќе продолжи со вложување во создавање можности за младите кадри и развој на иновативна работна средина.
– Продолжуваме со јасна визија да создаваме можности, да поттикнуваме иновации и да обезбедуваме работна средина во која знаењето и талентот се препознаваат и се вреднуваат. Нашата цел е „Алкалоид“ и натаму да остане прв избор за младите луѓе кои ја гледаат својата иднина во одговорна и успешна компанија, порачуваат од компанијата.
Како второпласиран „Најпосакуван работодавач“ за 2025 година, јавноста ги избра КАМ маркетите. Јавноста вели дека тие се издвојува поради: добри меѓучовечки односи (работна атмосфера), коректен однос од претпоставените но и квалитетот на производи и услуги.
Третопласирани во категоријата „Најпосакуван работодавач“ за 2025 беа избрани „Пивара“ Скопје, а се издвојуваат според развојните можности и сигурноста на работното место.