Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2025 година продажбите достигнуваат 3.458.394.494 денари, што е за еден процент повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.201.163.839 денари, што претставува шест процентен раст во споредба со првиот квартал од 2023 година.

 

 

Продажбата на странските пазари, доминантна

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 24 проценти во споредба со првите три месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава, информираат од Алкалоид.

 Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32 проценти се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 проценти се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 25 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 23 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 проценти, а на другите пазари е остварен еден отсто од вкупните консолидирани продажби.

Извозот во првиот квартал од годината е во согласност со предвидената динамика и бележи раст од осум проценти во однос на планот. И како што велат во компанијата, - во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Јужна Африка, кои се зголемени 3,8 пати; потоа во Холандија се зголемени 3,7 пати, во Португалија, забележано зголемување од 2,3 пати, додека во Австрија продажбите се удвоени. Зголемување на извозот е забележан и во Грција за 40 отсто, Финска за 39 отсто, Ерменија за 29 отсто, во Украина има раст од 13  проценти, Босна и Херцеговина -12 отсто, Саудиска Арабија -10 отсто, во Словенија раст од девет отсто, Србија од шест отсто, Хрватска- пет проценти итн.

 Најпродавани фармацевтските  производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 92 проценти. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 отсто, препаратите ОТЦ со 16 отсто, кардиолошките препарати со 12 отсто, невролошките препарати со 12  отсто од вкупните консолидирани продажби итн.

Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство  бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од седум отсто, хемија намалување од три проценти, козметиката бележи пад од 11 отсто, а билкарство намалување од 13 проценти. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.

 Континуирано инвестирање

 Вкупните инвестиции во основни средства во првиот квартал изнесуваат 256.658 илјади денари.

 Резултатите од работењето покажуваат дека единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) изнесува 744.810.347 денари, што претставува зголемување од околу 12 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари и е зголемена за четири отсто.

 Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 928.314.407 денари и бележи раст од осум проценти, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 491.703.111 денари е зголемена за три проценти.

Како што стои во соопштението, при извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажирал повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

 Во однос на вработувњата во ова тримесечје компанијата реализирала 13 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.046 вработени, од кои 2.288 се во земјава, а 758 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Акциите важат за едни од најтргуваните и најликвидните

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во овој квартал се движеше од 26.800,00 до 31.099,00 денари или просечно 28.966,38 денари за една акција. На 31.03.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.188 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,4 милијарди денари.

На Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата по акција за 2024 година е поголема за 16,67 отсто во однос на исплатената дивиденда од претходната 2023 година.

 Бизнис-план за 2025 година

 Бизнис-планот за 2025 година, предвидува инвестирање на околу осум отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од осум проценти на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од седум отсто на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

Од компанијата очекуваат во 2025 година да продолжат по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од тековните инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите.