Фармацевскиот македонски бренд, според шестмесечните финансиски извештаи покажува раст на сите параметри, од производство, продажба, инвестиции, иновации, вработувања. Зголемена продажба за седум отсто во споредба со истиот период од минатата година, на 6.709.614.706 денари. Вкупните консолидирани продажби бележат раст за 12,5 отсто повеќе во однос на истиот период од лани, и достигнува 9.475.222.706 денари.
Со сериозниот пристап кон работењето „Алкалоид“ во првата половина од годинава ја зголемил единечната нето-добивка за осум проценти, на износ од од 882.679 илјади денари. Консолидираната нето-добивка за овој период е 825.117 илјади денари или 13,35 милиони евра и повисока за седум насто.
69 проценти од продажбата од странските пазари
Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголеми за 18 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 отсто.
Од вкупните консолидирани продажби 31 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 проценти се реализирани на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 отсто, а на другите пазари е остварен еден процент од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Велика Британија, во износ од 226.902.273 денари, кои се зголемени за 3,5-пати; потоа во Јордан, каде што се зголемени за 3,4-пати, како и во Грузија, каде што се зголемени за три пати. Раст на продажбата е забележан и во Украина ( од 79 проценти), Чиле (од 78 отсто), Унгарија (од 64 проценти), во Грција (18 отсто), Хрватска (15 отсто), Монголија (14 отсто), Албанија ( исто така 14 отсто), Словенија (12 отсто), Црна Гора ( осум отсто), во Босна и Херцеговина (раст од осум отсто ) итн.
Во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество, 91 процент заземаат производите од сегментот фармација. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со девет проценти.
Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со истиот период од 2023 година. Сегментот фармација бележи раст од 13 отсто, хемија раст од два проценти, козметика и билкарство бележат раст од по седум отсто.
Најголем инвестициски потфат
„Алкалоид“ постојано вложува во сопствениот развој, па во шестте месеци вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 679.677.000 денари.
Годинава тие ја потврдија својата посветеност кон постојана модернизација, па за проширување на производствените капацитети, производствените волумени и на асортиманот, АЛКАЛОИД АД Скопје го заврши својот најголем инвестициски потфат во последните две децении – новиот погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружните технички простории во кој вложи вкупно 19,4 милиони евра.
Во првото полугодие од годинава се реализираше стратешка инвестиција и во ПЦ Козметика. Инсталирана е нова производствена линија за производство и за пакување влажни марамчиња, во вредност од 1,7 милиони евра. Новата производствена опрема за производство на влажни марамчиња е со капацитет од 120 парчиња/ минута и е дополнета со целосно автоматизирани линии за пакување. На овој начин се овозможи удвојување на капацитетите за производство на влажни марамчиња и се прошири палетата на производи кои може да се произведуваат и да се пакуваат.
Зад сите овие достигнувања стои добро организиран тим, кој постојано се проширува. Во првата половина од годинава има 161 ново вработување. Групацијата сега брои 2.970 вработени, од кои 2.259 се во земјава, а 711 се ангажирани во капитално поврзаните друштва во странство. Компанијата важи за најпосакуван работодавач во својата дејност, затоа што освен високите плати, обезбедува услови кои се на светско рамниште
Потврда за стабилноста и просперитетноста на нашата најголема и најуспешна фармацевтска куќа даваат и берзанските податоци. Акцијата е меѓу најтргуваните, а во периодот јануари – јуни се движеше од 18.151 до 21.100 денари. Или, има просек од 20.237,94 денари. за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот. Со состојба од последниот ден на јуни, акциите на „Алкалоид“ се во сопственост на 5.597 акционери, a пазарната капитализација на компанијата е 29,5 милијарди денари.
Од компанијата очекуваат годинава да продолжат по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од тековните инвестиции во нови производствени капацитети и опрема, како и вложување во развојно-истражувачки проекти, кои ќе им отворат нови можности за ширење на пазарите Па, во претстојниот период се очекуваат инвестиции од околу десет проценти од консолидираните приходи, десетпроцентен раст на консолидираните продажби, седум насто плус кај профитот.