„Песимизмот на еден човек е можност за друг човек“. Врз овој едноставен принцип се базира стратегијата на Блекстоун, најголемиот светски менаџер за алтернативни инвестиции, којшто најави значително проширување на своите операции во Европа, надоврзувајќи се на веќе вложените 350 милијарди долари во претходните 25 години.

 

Основачот и извршен директор Стив Шварцман за списанието Fortune во Лондон објаснува дека Европа, поради бавното темпо во иновации и инвестиции во инфраструктура, нуди идеална основа за долгорочни вложувања. „Европа не беше доволно креативна во развојот на нови производи и технологии, и тоа, искрено, е одлична вест за нас“, вели тој.

Инвестирање во слабости

Блекстоун со години ги искористуваше економските слабости на европските земји, купувајќи имоти по пониски цени и развивајќи ги во профитабилни проекти. Еден од првите големи потфати беше купувањето на хотелот Савој во Лондон. Потоа следеа и други добро познати имоти и компании, вклучувајќи ги Центар Паркс, Мерлин Груп (која управува со атракции како што се Лондонското око и Леголенд), како и центри за податоци, логистички комплекси и станбени единици.

Компанијата е позната по својата способност да ги препознава пазарните можности и да ги трансформира во профит.

„Европа има големи економски несогласувања, а ова често е знак дека постојат добри инвестициски можности“, вели Шварцман.

Стратегија на Блекстоун: Во вистинско време на вистинско место

Лионел Асан, ко-извршен директор и раководител на европскиот приватен капитал во Блекстоун, објаснува дека компанијата користи три правила за инвестирање: „вистинска локација, вистинска цена, вистинска интервенција“. Овие правила, вели тој, се особено важни во Европа, каде што растот е побавен отколку во САД.

Примарен фокус на „Блекстоун“ во моментов се логистичките центри во близина на градовите, со оглед на растот на онлајн купувањето, како и центрите за податоци и енергетските компании кои го поддржуваат ширењето на вештачката интелигенција.

„Користењето алатка како ChatGPT бара значително повеќе електрична енергија отколку едноставно пребарување на Google“, наведува Асан како пример за растечките потреби на пазарот.

Предност во приватниот сектор

Една од клучните предности на Блекстоун во Европа е концентрацијата на капитал во приватниот сектор. Повеќе од 90 проценти од европските фирми со приходи од над 100 милиони долари не се јавно котирани, што претставува огромен потенцијал, според Блекстоун.

„Ако ги игнорирате приватните компании, пропуштате 90 проценти од пазарот“, предупредува Асан.

Блекстоун е познат по тоа што ги издвојува компаниите од берзата и ги развива без притисок од кварталните извештаи. Таквиот пристап овозможува долгорочни стратегии и помирен развој. „Најважно е почетната точка и крајната цел. А меѓу нив може да поминат пет до десет години“, вели Асан.

Инвестиции со општествена одговорност

И покрај критиките дека придонесува за гентрификација и зголемување на кириите, Блекстоун се фокусираше на развој на прифатливи станови во последниве години. Стана најголем приватен сопственик на прифатливи домови во Англија, а само минатата година продала портфолио вредно 405 милиони фунти на пензискиот фонд USS.

Претседателот на операциите на компанијата, Џон Греј, признава дека Блекстоун се соочил со негативни перцепции во минатото.

„Кога првпат го купивме Савој, луѓето велеа: „Еве ги американските мршојадци“, се сеќава тој. Денес, ситуацијата е поинаква - акцентот не е на „намалување на трошоците“, туку на раст.

Според Блекстоун, Европа сè уште е преплавена со инвестициски песимизам, што претставува можност за компанијата. „Луѓето ја отпишуваат Европа одново и одново, но знаеме дека Лондон, Велика Британија и целиот континент имаат значење“, вели Греј.

И додека Европа влегува во нова фаза на фискално опуштање и инвестиции во инфраструктура, особено во Германија и Велика Британија, Блекстоун се подготвува за нови аквизиции и развојни проекти. Новото европско седиште на компанијата во луксузниот лондонски кварт Мејфер е исто така во изградба.

„Европејците знаат да бидат песимисти - повеќе од Американците“, вели Шварцман. „А понекогаш тој песимизам е сосема погрешен“.