Секоја 11-та нова фирма во Македонија има турски сопственици, а во просек скоро 2 фирми дневно во изминатата година се основале со сопственици од Турција, покажува анализата на Бизнис мрежа.
Во последните 12 месеци (1.08.24 - 1.08.2025) во Македонија се регистрирале 7.135 нови правни субјекти. Најголем дел од нив се компании регистрирани како трговски друштва (ДОО, ДООЕЛ, АД и сл.), но во бројката се вклучени и занаетчии, здруженија, фондации, организации и други форми на правни лица.
Тоа значи приближно 595 месечно или околу 20 дневно. Но бројките стануваат навистина интересни кога ќе се погледне подлабоко.
Најчестите дејности меѓу новите компании во земјата се насочени кон трговијата и услугите. Многу од новооснованите фирми работат во трговија на мало, односно продаваат широка палета производи на крајните потрошувачи. Или 812 (11,38%) секој 9-ти нов субјект е продавница.
Следна по значење е подготовката и послужувањето на храна, каде што има многу нови ресторани, кафулиња и други угостителски објекти. Или во бројки - 678 (9,50%) секој 10-ти нов субјект.
Потоа, голем број на нови компании се занимаваат со трговија на големо, каде што робата се продава во поголеми количества на други фирми или 573 компании.

Значајна група ја сочинуваат и 511 организации формирани врз база на зачленување, кои имаат различни цели, најчесто социјални, културни или професионални. На крајот, меѓу најчестите дејности е и копнениот транспорт, каде што новите фирми се занимаваат со превоз на стоки и луѓе на копнен пат или 430 фирми.
Во трговијата (мало и големо) има 1.385 нови субјекти и речиси секоја 5-та нова компанија е во трговија. Сопствеништвото е 83,5% македонско и 16,5% странско.
Тоа значи дека речиси секоја 6-та нова регистрација има странски капитал и тоа од основачи кои се физички или правни лица од странство.
На листата на водечки странски инвеститори кои вложуваат во земјата, Турција зазема најзначајно место со најмногу новоосновани компании - 632, при што приближно секоја единаесетта нова фирма има турски сопственик.
Потоа следуваат Србија со 80 и Косово со 60 компании, кои исто така имаат значаен удел преку нови фирми што се основаат во земјата. Италија, исто така, е меѓу значајните инвестиции со своја бројка на нови компании, но во помал обем од првите три држави. Ова ги рефлектира разните економски поврзувања и партнерства што земјата ги има со соседните и регионалните држави, како и со пошироката европска заедница.
Турција има 3,6 пати повеќе регистрирани фирми од Србија, Косово и Италија заедно.
Овие податоци не се само статистика, тие се мрежа на можности. Знаете во кои сектори растот е најбрз, кои држави вложуваат најмногу и каде пазарот веќе се движи.